2-ри Април, светски ден на аутизмот - Интервју со проф. д-р Владимир Трајковски

доктор на дефектолошки науки и доктори на медицина

По повод 2-ри Април - светскиот ден на лицата со аутизам, на наше огромно задоволство екипата на Доктори.мк, оствари интервју со еден од најдобрите експерти од областа на аутизмот во нашата држава, професорот Владимир Трајковски. Во денешното интервју, професор Трајковски ке се обиде да ви одговори на сите позначани прашања поврзани со аутизмот ...

Доктори.мк: Уредниците и  тимот на доктори.мк, најпрово би сакале искрено да Ви се заблагодарат за времето кое несебично го одвоивте за со ова интервју да помогнете на нашата поширока публика на читатели, но и на родителите кои имаат дете со аутизам да разберат што претставува аутизмот, како состојба, и што понатаму треба да се направи за да се третира оваа состојба и да им се овозможи што поквалитетен живот на овие деца. ..

''Јаскако професионалец секогаш со задоволство излегувам во пресрет на новинарите од Македонија, а посебно кога тоа од мене го бараат колеги доктори кои водат и развиваат еден навистина интересен и информативен портал наменет како за медицинските лица, така и за пошироката општествена заедница. Ќе се обидам да ја заинтригирам вашата читателска публика и да дадам прецизни и коректни одговори.''

Доктори.мк:  Како што веќе знаеме денеска е 2-ри Април Светскиот ден на децата со аутизам, па би сакале да започнеме со прашањето што всушност претставува аутизмот и кое е мотото на овогодинешнот светски ден на децата со аутизам?

'' Да, во последните осум години откога е востановен овој ден како меѓународен ден на лицата со аутизам, ова е многу значаен датум за оваа популација, за нивните семејства и за оние кои ги поддржуваат и професионално работат со оваа ранлива категорија граѓани. Светскиот ден на аутизмот е востановен на 18 декември 2007 година со Резолуцијата 62/139 на Генералното Собрание на Обединетите Нации на предлог на државата Катар. Во Резолуција се изразува длабока загриженост поради големата стапка на аутизмот кој веќе зазема епидемиски размери во сите региони на светот и затоа ги охрабрува сите земји членки да преземат мерки и активности за подигнување на јавната свест за аутизмот во целото општество, а посебно се обрнува внимание кон авторитетите на државата да преземат активности за рана дијагностика и терапија на нарушувањето.

Аутизмот е долготрајно развојно нарушување кое се појавува во првите три години од животот. Тој има биолошка основа и претставува невролошко нарушување на мозокот кое ги зафаќа луѓето од сите држави на земјината топка, машките лица 4 пати почесто од женските лица, сите раси или сите социоекономски слоеви на граѓани. Тој е спектрално нарушување и се карактеризира со нарушувања во социјалната интеракција, пробелми во вербалната и невербалната комуникација и рестриктивно, репетитивно однесување, интереси и активности.  Годинешното мото на Обединетите нации по повод светскиот ден на аутизмот - 2 април е „Вработувањето: предностите кај аутизмот".  Се проценува дека повеќе од 80% од адултните лица со аутизам се невработени во светски рамки. Во Македонија 100% од овие лица се невработени, што е поразителен факт за нашите авторитети. Истражувањaта сугерираат дека работодавците не ги забележуваат нивните способности, кои што луѓето со аутистичен спектар на нарушувања ги имаат во поголема мера од невротипичните работници, како на пример, зголемени способности во препознавање на шеми и логично размислување, како и поголемо внимание на деталите.

Доктори.мк: Статистиката вели дека бројот на децата со аутизам во светот, но и конкретно во Република Македонија се зголемува, според вас на што се должи оваа тенденција на пораст?

 Според податоците на Центарот за  контрола на болестите од САД, кој е  релевантна институција минатата година  преваленцијата на аутизмот го достигна  бројот 1 дете на 68, што е 30% пораст во  однос на 2012 година кога изнесуваше 1 дете  на 88 деца со ова нарушување. Кај  момчињата се јавува со зачестеност 1 на 42,  а кај девојчињата 1 на 189. Во Македонија  сведоци сме на постојан пораст на бројот на  овие деца, а тоа го докажува и зголемениот  интерес на родителите кои постојано  бараат прием за преглед во мојот кабинет.  Ние како Македонско научно здружение за  аутизам водиме сопствен регистер и досега  имаме евидентирано околу 150 лица борј  што е далеку подпроценет. Ако правиме  екстраполација на светската статистика  тогаш кај нас би требало да има најмалку  2040 лица со Канеров аутизам и 12.240 лица  со аутистичен спектар на нарушувања. Сѐ  уште не е познато што точно го  предизвикува постојаниот пораст на  дијагнозата аутизам. Една од можните  причини е зголемената свесност за  аутизмот кај семејствата и тие порано  доаѓаат на преглед со што се зголемува  веројатноста за откривање. Американската  академија за педијатрија неодамна има  издадено упатства за скрининг, со што се  зголемија шансите за откривање на децата  кои претходно биле водени под други  дијагнози, што често е случај во нашата  држава да бидат водени како ментална  ретардација, шизофренија, развојна дисфазија, алалија, итн. Постарата возраст на родителите, загадувањето на средината со олово, жива, зголемената употреба на пестициди и хербициди, злоупотребата на антибиотиците, некои вируси, во интеракција со генетската предиспозиција се силни ризик фактори во објаснување на овој пораст.

Доктори.мк: Знаеме дека аутизмот е проследен со широк спектар на аутистични промени. Кога, најрано започнуваат симптомите и во кој период би можеле родителите да забележат аутистични промени кај своето дете?

Да, аутизмот претставува спектрално нарушување. Родителите се тие кои што први треба да ги забележат знаците на аутизмот. Тие ги знаат најдобро своите деца во споредба со било кој друг човек. Тие треба да го следат нивното однесување, нивниот поглед очи во очи, нивната социјална интеракција. Сето ова еден детски психијатар или педијатар во 15 минутен преглед не можат да го забележат. Тоа би значело дека родителите треба да се едуцираат за овој проблем како што велам јас да станат студенти за аутизам. Први знаци се дека децата немаат контакт очи во очи, на пример не гледаат во родителите додека тие ги хранат, не се смеат кога ќе им се насмевнете, не одговараат на нивното име или на звук од познато лице, не ги следат објектите визуелно, не мавтаат со рацете кога треба да кажат пријатно или неаат други гестови за комуникација и говор со телото, не прават врева за да го предизвикаат вашето внимание, не иницираат или не одговараат на милување, не ги имитираат вашите движења и фацијални експресии, не бараат да бидат дигнати во раце, не играат со други деца, или не споделуваат интереси и задоволства и не бараат помош за некои основни потреби.

Доктори.мк: Вие сте еден од експертите во областа на хуманата генетика, па читателите сигурно би сакале да дознаат дали  аутизмот е наследно заболување и како се пренесува?

Аутизмот не е наследно заболување во класична Менделова смисла на зборот. Но, тоа е нарушување со највисок коефициент на наследност кој изнесува 92% и има силна генетска предиспозиција. Тоа значи дека генетската компонента учествува со мошне висок процент. Ризикот за повторно појавување кај браќата и сестрите во семејството изнесува 3-7%. Конкордантноста кај монозиготните близнаци изнесува од 30-90%, а кај дизиготните таа е 0-30%. Оваа голема разлика во конкордантноста помеѓу монозиготните и дизиготните близнаци е доказ за силна генетска подложност на аутистичниот спектар на нарушувања. Аутизмот се наследува полигенски што значи дека не ги следи Менделовите правила на наследување. За неговото појавување се претпоставува дека се виновни 10-20 мутирани гени кои во интеракција со неповолни средински фактори, а кои служат како откочувачи за развој на патофизиолошкиот механизам на нарушувањето.

Доктори.мк:  Дали во Република Македонија има дооволно стручен кадар и капацитет за работа со овие деца?

Во Република Македонија има стручен кадар кој добро го познава проблемот на аутизмот главно сконцетриран во членовите на Македонско научно здружение за аутизам, Заводот за ментално здравје од Скопје, Клиниката за детски болести, Клиниката за психијатрија, во посебните основни училишта и другите дефектолошки установи. Овде не би се сложил со констатацијата на Министерот за здравство господинот Тодоров кој во емисијата „Јади бурек” кон крајот на минатата година изјави дека во РМ не постои никаков експерт за аутизам, на што јас лично реагирав и му упатив отворено писмо, на кое до денешен ден немам добиено одговор. Точен е фактот дека тој кадар нималку не е доволен за потребите на целата држава и точно е дека е потребна доедукација на докторите по медицина, дефектолозите и психолозите за рано откривање, ран третман, едукација и рехабилитација на лицата со аутизам. Затоа, ја поздравувам иницијативата на Министерството за здравство да отпочне со обуки на медицинскиот персонал, но овде би апелирал дека треба да се опфатат и наши членови кои не се директно инволвирани во здравствениот систем на РМ, но сепак повеќе од 16 години придонесуваат како на македонската наука, така и на семејствата кои имаат член што страда од ова тешко попречување.

Доктори.мк: Во последните неколку години се по активна е темата дека вакцините предизвикуваат аутизам. Дали се согласувате со ова? Има ли научни докази во врска со овие тврдења?

Речиси две децении се води оваа полемика дали вакцините навистина предизвикуваат аутизам или тоа не е случај. Докторите поддржани од фармацевтската индустрија која гледа исклучиво од страната на профитот целосно ја отфрлија оваа хипотеза уште на самиот старт. Тие сметаат дека сите деца треба да бидат целосно вакцинирани. Но, од друга страна имаме стотици и стотици родители кои соопштуваат дека по примањето на вакцината најчесто МПР по навршени 13 месеци од животот, дека детето заостанува во развојот, тоа се повлекло во свој сопствен свет. Постојат најмалку две судски одлуки од Италија и САД кои потврдуваат дека родителите што тужеле против вакцините ја добиле тужбата и исто така добиле огромна финансиска надокнада од страна на државата. Секој лек и секоја вакцина имаат несакани ефекти. Тоа се учи по предметот фармакологија на Медицински факултет. Јас ја паметам лекцијата по предметот инфектологија кога нѐучеа дека во седумдесетите години на минатиот век кога на овие простори била епидемијата со вариола вера, дека некои лица починале од последиците на вакцинацијата против болеста вариола вера, т.е. добиле енцефалит кој бил фатален за нив. Во МПР вакцината постои конзерванс тимеросал што содржи етил жива. Живата е познат токсичен елемент кој дава тешки нарушувања на ЦНС кога ќе се најде во организмот во повисоки концентрации. Секојдневно читаме на порталите и слушаме информации дека некои деца во Сирија, Ирак, на Балканот починале по прием на непрочистени вакцини, или вакцини со изминат рок на траење. Да се разбереме, не сум против вакцинирањето на децата, но кај аутизмот треба да се биде мошне внимателен. Кај деца кои веќе ја развиле таа регресивна форма на аутизам кои и понатаму продолжиле да ги примаат редовните вакцини имаме признанија на родители дека уште повеќе им се влошувала клиничката слика. Детето треба да биде апсолутно здраво кога прима вакцина, да нема генетска предиспозиција за невроразвојни нарушувања, да прима витамини и минерали 3 недели пред и по вакцинирањето. На крајот на краиштата, кај повеќе од 15 држави на ЕУ вакцинирањето не е задолжително. Ако родителите одлучат да не го вакцинираат своето дете, тие мораат да бидат свесни за сите ризици и за последиците кои таа одлука може да ги предизвика во нивното средина.

Доктори.мк:  Какви чекори Вие како експерт од оваа област сметате дека треба да се превземат во иднина за децата со аутизам од Република Македонија да имаат соодветен третман сличен на оној од западните и поразвиените земји?

Потребна е национална стратегија за аутистичен спектар на нарушувања. Неопходно е итно да се воспостави национален регистер за лица со аутистичен спектар на нарушувања. Пожелно е државата да вложи повеќе финасиски средства за решавање на проблемите на овие семејства. Дополнителна едукација, специјализации на стручњаци за аутизам треба да биде императив на Министерството за здравство. Министерството за образование и наука треба преку бирото за образование да криера посебни едуактивни програми за работа со овие деца. Убаво би било некои од дефектолозите и психолозите да се едуцираат за спроведување на TEACCH методот. Потребни се НЕКОЛКУ РЕГИОНАЛНИ дневни центри за работа со оваа категорија на деца во кои ќе работат специјализаирани кадри, а не стручњаци кои биле обучувани за работа со други видови на инвалидност, а потоа прераспределни да работат со деца со аутизам. Има уште многу работи за кои државата треба да биде свесна и тие би ги кажал кога државата ќе стане свесна дека ние во МНЗА даваме значителен придонес во секојдневното фунцкионирање на децата и лицата со аутизам. Вака излегува дека многу од моите идеи кои јавно сум ги соопштувал, некој друг потоа си ги присвојувал како свои.

Доктори.мк:  Постојат ли во светот современи терапевтски методи кои значително ја подобруваат состојбата на овие деца?

Секако, дека постојат во светот многу совремнени методи за третман кои ја подобруваат нивната состојба. Третманот на лицата со аутизам треба да биде интензивен(најмалку 40 часа неделно), континуиран и мултидисциплинарен. Постојатпет главни цели во третманот на аутизмот: потпомагање во развојот, помагање во учењето, намалување на ригидноста и стереотипиите, елиминација на неспецифичните неприлагодени однесувања и олеснување на фамилијарната несреќа и тага.Треба да им се помогне на децата да го достигнат својот потенцијал. Многу професионалци известуваат дека аутизмот бил целосно повлечен по интензивен третман на пример со Applied Behavior Analysis (ABA) во комбинација со биомедицинскиот третман. Други методи се: TEACCH, логопедкса терапија, Early Start Denver Model (ESDM),терапија со медикаменти онаму каде што има автоагресија, други коморбидни психијатриски состојби, окупациона терапија, понекогаш е потребна физикална рехабилитација, PECS, музикотерапија и многу други.

Доктори.мк: За крај, постои ли уште нешто што треба да се додаде, а е важно за родителите кои имаат дете со аутизам?

Родителите никако не смеат да ја губат својата надеж и верба, да се обвинуваат меѓусебно кој е виновен. Треба да го сочуваат бракот и хармонијата. Никој не е виновен, едноставно така морало да биде. Аутизмот не е смртоносно нарушување како карциномот во детската возраст. Аутизмот не е сида која е смртоносна болест и од која треба родителите да се срамат. Треба да им ги овозможат сите можни видови третман во рамките на нивните материјални можности. Родителите мора да се носат со проблемот и да се борат за своите права пред надлежните институции. Тие мораат најмногу сами, но и со наша помош да се изборат за своите права кои им се дадени со Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност од ОН.

Доктори.мк: Ви благодариме за одвоеното време, и се надеваме дека во иднина ќе се најде подобар начин за да се обезбеди поквалитетен живот на децата и родителите кои секојдневно се соочуваат со оваа сосотојба, а исто така ќе се обучат и повеќе експерти кои како и Вас ќе бидат секогаш тука за да се направи што е можно повеќе за оваа категорија на луѓе.

Ви благодарам и јас Вам за интересот кој го покажувате кон моите активности. Ви стојам на располагање секогаш кога ќе ве интересираат и други теми од областа која научно ја покривам.

Дознјате повеќе за проф.д-р Владимир Трајковски>>>

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

 
www.doktori.mk, 02.04.2016

Последна вест

Најчитани статии - медицина