Најголем непријател на жената - Целулитот

студент по медицина

Упорен и тврдокорен, решен да го уништи вашето расположение, го нарекувате непријател на вашето тело, започнувате борба на која не и го знаете крајот.  Да, се работи за целулитот. Борбата е долга, но не и безуспешна.

Што е целулит?

Терминот “целулит”, во медицината се појавил во почетокот на триесеттите години на минатиот век и истиот вклучува промени во сврзното и поткожното масно ткиво на кожата. Тоа е заболување на ткивото што се јавува најчесто кај девојчиња и кај жени, а се развива со години како што слоевите на ткивото се истенчуваат. Исто така, целулитот се јавува и по породувањето кај жени што се на хормонска терапија и по физичка повреда на ткивото ако крвотокот на било кој начин бил оштетен. Видлив е со голо око или со стискање на дел од кожата. Целулитот е составен од масти, токсини (отрови) и вода. Целулитните промени на кожата се манифестираат како дифузни перничиња или ограничени јазли кои настанале поради вишок на масти, ослабено сврзно ткиво, пореметување во циркулацијата и размената на материите, пред се од задржување на вода во ткивата.

Фактори за настанување на целулит

Најголем фактор за настанување на целулит е предолго седење, бидејќи со недвижење се оштетува сврзното ткиво. Останати фактори кои може да влијаат врз создавањето на целулит се:

  • Генетско наследување, кој всушност претставува еден од основните фактори за појава на целулит;

  • Недоволно консумирање течности. Се знае дека водата е од суштинско значење за функионирање на метаболичкиот систем, бидејќи на тој начин се исфрлаат токсините од телото;

  • Неправилна исхрана, зачинета мрсна храна, алкохол во зголемени количества и кофеин- придонесуваат за настанување на целулитот. Сите заситени масти помагаат во настанување на целулитот на тој начин што ги блокираат артериите и остануваат во ткивото, при што спречуваат да се исфрли вишокот течност и да се елиминираат токсините;

  • Пушењето, освен што е штетно за кожата и белите дробови, исто така го слабее и поткожното ткиво и ги оштетува капиларите, со што се оштетува сврзното ткиво и се јавува целулит;

  • Стрес и секојдневна напнатост ги оштетува мускулите до граница на болка, што доведува до оштетување на сврзното ткиво, при што не може на правилен начин да се ослободи од токсините;

  • Лековите, може да ги изменат нормалните процеси во организмот, така што се оневозможува неговото чистење. Таблети за слабеење, за контрацепција, за спиење, како и диуретици, дејствуваат врз масните клетки т.е ги зголемуваат. Клетките на тој начин во себе задржуваат вода потребна за отстранување на токсините од организмот, со што се олеснува настанувањето на целулит;

  • Хормонални нарушувања;

  • Недостаток на физичка активност;

  • Тесна облека;

  • Дигестивни нарушувања.

Зошто настанува целулитот кај жените?

За појава на целулитот одговорно е поткожното масно ткиво кое жените го имаат 30% повеќе од мажите. На местата типични за појава на целулит (стомак, бутови, долен дел на грб и др.) се наоѓаат посебни видови на масни клетки, кои имаат улога да ги таложат мастите кои со никаква диета не се отстрануваат. Сврзното ткиво кај жените е послабо отколку кај мажите и жените го имаат 20-30 % помалку отколку мажите. Откриено е дека жените кај кои се јавува целулит имаат послабо развиено сврзно ткиво отколку кај жените кај кои не се јавува. Кога женското тело би го набљудувале како мапа, би виделе масни  клетки со кружна форма што се наогаат на самата површина на кожата, па предизвикуваат мали вдлабнувања што го даваат ефектот на кора од портокал. Клетките кај мажите се со остар облик, се наоѓаат длабоко во кожата така што речиси и не се познаваат, ниту ги образуваат наборите што се врзани за целулитот. Освен тоа, кај мажите не се јавува целулит поради заштитната улога на машкиот полов хормон тестостерон. Естрогенот( женскиот полов хормон) е одговорен за насобирањето на масно ткиво на типичните места за целулит и за задржувањето на течноста. Зголеменото и почесто внесување на естрогени при контрацепција или преку храна е причина што целулитот се јавува во помлада возраст.

Лекување

Лекување на целулитот пред се подразбира отстранување на факторите кои се причина за негово настанување и разни видови на козметички третмани. Физичката активност, внесување на повеќе течности и масажа може да помогне во борбата против целулитот. Постојат повеќе тераписки можности за третман на целулитот. Масажите се лесен, брз и ефикасен третман кој е одличен избор како почетна терапија. Важно е да се изведува во специјализирана установа со обучени медицински лица, бидејќи неправилна масажа, изведена од нестручни лица може да направи поголема штета наместо добивка. Исто така, одлични резултати се постигнуваат и со ултразвучна и до радиобранова технологија, која овозможува дополнително топење на масните наслаги и ремоделирање на телото. Во борбата против целулитот, посебно во оној критичен стадиум, голем придонес имаат козметичките третмани со помош на современите апарати. Во понудите на козметичките салони постојат низа на третмани како специфични масажи, лимфни дренажи (кои помагаат организмот да се ослободи од штетните материи), терапии со морски алги, ароматерапии, терапии со инфрацрвени зраци, електротерапии и терапии со ласер. Овие третмани го поттикнуваат метаболизмот,  ја подобруваат циркулацијата, го помагаат излачувањето на штетните материи, ги разградуваат мастите, помагаат во  регенерација на оштетеното ткиво и сл.

Покрај овие третмани, постојат и природни начини за справување со овој голем проблем. Пример за тоа е кафето, кое за многумина претставува утрински ритуал, сега се придружува во борбата против целулитот. Тајната се крие во кофеинот, кој има стимулативно и диуретичко дејство, што значи дека го подобрува протокот на крв, што е од клучно значење за циркулацијата. Најчесто применуваниот природен третман, поддржан исто така од популарниот доктор Оз, за кој се потребни 15 тина минути, се состои од:

  • 1/2 шолја мелено кафе

  • 1/3шолја кафен шеќер

  • Маслиново масло

Во контакт со кожата оваа магична комбинација ги разбива масните наслаги, решавајќи го проблемот со неудобноста од кожата како портокал. Иако изгледа многу едноставна, и помалку елегантна од останатите поскапи начини на отстранување на целулитот, сепак и самите научници ја потврдуваат делотворноста на оваа метода. Треба да се има на ум дека е невозможно отстранувањето на целулитот без да се потрудите да промените неколку животни навики и да ги замените со други, поздрави кои ветуваат подолгорочно намалување на целулитот. Пробајте да го задржите континуитетот на вежбање, здрава исхрана и одмор. Не гладувајте! Гладувањето го уништува вашиот организам а не вашиот непријател. Наместо да гладувате, вежбајте редовно, спијте, хранете се здраво, помалку внесувајте токсини (алкохол, кафе, цигари), исфрлете дополнително внесување на сол (чипс, грицки, досолување на оброците..) и пијте многу многу вода. Со волја, позитивен пристап и упорност придружувајќи се на овие совети можете да бидете победник во борбата со целулитниот непријател. 

 

www.doktori.mk, 10.07.2014

Последна вест

Најчитани статии - животен стил