Доктори.мк | Важни совети за заштита од сонцето | Vazni-soveti-za-zastita-od-sonceto | Портал за медицина и здравје

Важни совети за заштита од сонцето

доктор по стоматологија

Во исчекување на најубавиот и најтоплиот дел од годината, уште еднаш да се потсетиме на Мерките за заштита од штетното влијание на сонцето врз нашето тело и здравје.

Заштита на кожата

 При првото изложување на сонце, се препорачува врз кожата да ставите заштитен крем со висок заштитен фактор. Особено треба  да се посвети грижа за новороденчињата и малите деца. Се препорачува заштитна крема да се нанесува секои 2 часа за подобро да делува врз кожата.

Заштита на очите

            Очите треба да бидат заштитени од сонцето со очила за сонце кои содржат УВ Б и УВ А филтри. Поради страничната изложеност на очите, се препорачува да се употребуваат  наочари со странична заштита. Ова особено се однесува на детските очила за сонце бидејќи трансмисијата на УВ зрачењето преку очите кај децата е многу поголема отколку кај возрасните. Ретината кај децата е слабо заштитена. Правило е очила за сонце без УВ заштитни филтри да не се употребуваат.

Зошто е важна облеката

Можете да поцрните и преку стакло- прозор, доколку се возите во автомобил.  Иако УВ Б зраците, што предизвикуваат изгореници, не поминуваат преку стакло, УВ А зраците тоа го можат. Нив само им треба повеќе време да предизвикаат изгореници. И овие зраци ја оштетуваат кожата иако ваквото оштетување не е видливо на прв поглед. Човекот може да поцрни дури  и кога е облечен што зависи од дебелината и бојата на облеката. Општо правило е дека лежерна, широка облека  од темна и густа ткаенина штити повеќе од припиена и светла облека од ретка ткаенина.

Сонце и лекови

Доколку земате некои лекови, се препорачува да не се изложувате на сонце. Голем број од лековите  можат да предизвикаат црвенило или осип доколку се изложувате на УВ зраците. Лековите за кои се знае дека предизвикуваат фотосензитивна реакција се следниве:

  •  некои нестероидни лекови

  • антихистаминици

  • фенотиазини

  • хормони(орални контрацептиви)

  • сулфонамиди и некои антибиотици (тетрациклини)

  • орални антидијабетици (при лекување на дијабет тип 2)

  • тиазидни диуретици

  • трициклички антидепресиви

Сонце и козметички препарати

 Нанесувањето  на некои дезодоранси, сапуни, парфеми и креми врз кожата пред изложување на сонце можат да предизвикаат фотосензитивна реакција.

Заштита на кожата преку усхрана

Заштитата на кожата започнува од чинијата. Ниту еден козметички препарат нема да ја заштити кожата како правилната и редовна исхрана. Најважно од се е храната да биде богата со каротеноиди кои  ја припремаат кожата за сонцето и Витаминот Ц кој ја штити и обновува. Во исхраната треба да се вклучат и Витаминот Б и магнезиумот. Со секојдневното конзумирање на следниве намирници, ќе ја заштитите кожата од УВ зрачењето, ќе ја поттикнете нејзината регенерација и ќе ја намалите можноста за алергиски реакции од изложувањето на сонце.

Храна која ја штити кожата:

  • какао

  • црн и зелен чај

  • микро алги (спирулина)

  • храна која содржи каротеноиди(праска, кајсија, манго, папаја, морков)

  • храна која содржи ликопен (лубеница, црвена пиперка, црвен портокал)

  • брокула, блитва, спанаќ, коприва

  • храна која содржи токотриенол (масло од палма)

  • храна која содржи Витамин Ц (ацерола, шипка, бобичасто овошје, цитруси)

  • храна која содржи омега 3 (семки од коноп)

  •  храна која содржи хистидин ( ориз, пченица, млечни производи)

  • вода

Солариум

Сончањето во солариум носи поголем ризик од сончањето на сонце, кое исто така е ризично и потребно е да се користат заштитни препарати со заштитен фактор. Долгото останување во солариум не само што неможе да помогне во лекување на некои кожни болести, туку може да доведе и до напредување на болеста. Летото е време од годината кога нашата кожа нема квалитет како во текот на останатите годишни времиња.

 Претераната употреба на солариумот може да доведе до проблеми со кожата, пребрзо стареење, карцином на кожата, катаракта и многу други сериозни заболувања. Особено ризични места се пределите на кожата на кои има бемки.

 

дознајте повеќе за авторот

Д-р Кристина И. Стојаноска Алоска

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 09.07.2014

Последна вест

Најчитани статии - животен стил