Фолна киселина

магистер по фармација

Фолната киселина претставува витамин Б9 кој е растворлив во вода. Човечкото тело не складира фолна киселина, треба да ја консумираме секој ден со цел да бидеме сигурни дека имаме адекватни количини во организмот. Уште од 1998 година таа се додавала во некои житарици, брашно, леб, тестенини, колачи, крекери. Храна која во себе природно содржи фолна киселина е лиснатиот зеленчук (спанаќ, брокула и зелена салата), бамја, аспарагус, овошје (банани, дињи, лимони), грав, квасец, печурки, месо (говедски црн дроб и бубрези) сок од портокал и од домати.

Фолната киселина како и витаминот Б12 се важни во формирањето на црвените крвни клетки. Недостаток на овие два витални нутритиенти води кон макроцитна анемија. Тоа значи дека црвените крвни клетки се зголемуваат и имаат намалена способност да пренесуваат кислород. Заедно со другите Б витамини, исто така има витално значење за нервната функција. Фолатите се есенцијални за формирање на ДНК во секоја клетка. Ова овозможува нормална репликација на клетките.

Поголемата потребна количина на фолна киселина кај мажите и жените се добива преку здрава и добро балансирана исхрана. Бремените жени и доилките како и децата во развој имаат потреба од поголем внес. Кај бремените жени, на пример, недостаток на фолна киселина во исхраната може да доведе до дефекти во нервниот систем кај нивните неродени деца.

Употреба

Фолната киселина како додаток во исхраната се користи за спречување и третирање при дефицит од фолна киселина во крвта како и состојби кои може да се јават поради тоа, вклучувајќи анемија и неспособност на дебелото црево да ги апсорбира правилно хранливите материи. Исто така се користи за состојби кои се најчесто поврзани со недостаток на фолна киселина, вклучувајќи улцеративен колитис, заболувања на црниот дроб, алкохолизам и дијализа на бубрезите.

Бремените жени или оние кои планираат семејство потребно е да внесуваат фолна киселина дополнително за да се спречи можен спонтан абортус или дефекти поврзани со развојот на нервниот систем на детето. Некои луѓе ја користат фолната киселина за да спречат рак на дебелото црево или матката. Исто така се користи за да се спречи срцева болест или мозочен удар, како и да се намалат нивоата во крвта на хемиската материја – хомоцистеин (особено кај луѓе со бубрежни заболувања. Околу 85% од луѓето со бубрежни заболувања имаат високи нивоа на хомоцистеин. Високите нивоа може да доведат до срцеви заболувања или мозочен удар).

Се користи и како додаток при губење на меморија, Алцхајмерова болест, губиток на косата поврзан со стареење, превенција на очни заболувања поврзани со макуларна дегенерација, намалување на знаците на стареење, слаби коски (остеопороза), синдром на немирни нозе, проблеми со спиење, депресија (кога се користи во комбинација со антидепресиви), нервна и мускулна болка, болест на кожата наречена витилиго, проблеми со непцата, намалување на ризикот од појава на рак на панкреасот и намалување на штетните ефекти при лекување со метотрексат кој понекогаш се користи за третирање на ревматоиден артритис и псоријаза (при дополнителен внес на фолна киселина се чини дека се намалува гадењето и повраќањето кои се едни од можните несакани ефекти при третман со метотрексат). Го намалува и ризикот од појава на рак на дојка. Бенефитот е поголем кога жените земаат истовремено Б9, Б12 и Б6.

Недостаток на фолна киселина

Недоволен внес на фолна киселина може да доведе до мегалобластична анемија, која доведува до слабост, замор, проблеми со концентрација, раздразливост, главоболка, срцеви палпитации и останување без здив. Исто така дефицитот на фолна киселина може да доведе до отворени рани на јазикот и внатрешноста на устата како и промени во бојата на кожата, косата и ноктите.

Бремените жени кои не земаат доволно фолна киселина освен ризикот од дефекти во нервниот развој на детето, може да имаат и зголемена веројатност за предвремено породување или ниска родилна тежина на бебето.

Препорачани дневни потреби за фолна киселина

  • Бебиња (0-6 месеци) – 65μg
  • Бебиња (6-12 месеци) – 80μg
  • Деца (1-3 години) – 150μg
  • Деца (4-8 години) – 200μg
  • Деца (9-13 години) – 300μg
  • Возрасни (14 години и нагоре) – 400μg – 1000μg
  • Трудници – 600μg
  • Доилки - 500μg

Несакани ефекти од предозирање со фолна киселина

Предозирањето со фолна киселина преку исхраната скоро и да е невозможно, затоа што организмот многу бавно ја апсорбира. Но, ако консумирате фолна киселина како додаток во форма на таблети, може да дојде до предозирање.

Високите дози на фолна киселина може да предизвикаат стомачни грчеви, дијареа, осип, несоница, раздрзаливост, збунетост, гадење, стомачни тегоби, промени во однесувањето, реакции на кожата, напади, гасови како и други несакани ефекти. Има некои факти кои укажуваат дека доколку се зема премногу фолна киселина за долг временски период може да предизвика сериозни несакани ефекти. Некои истражувања покажуваат дека земањето на фолна киселина во дози од 800 – 1200μg може да го зголеми ризикот од срцев удар кај луѓе кои веќе имаат проблеми со срцето. Други истражувања покажуваат на тоа дека може да се зголеми и ризикот од рак на белите дробови или простатата.

Затоа, ако сакате да примате фолна киселина дополнително, консултирајте се со доктор!

 

Дознајте повеќе за м-р Елизабета Панчевска

 

www.doktori.mk, 04.07.2014

Последна вест

Најчитани статии - фармација