Орално здравје на лицата со оштетен вид

доктор по стоматологија

Најдобрите и  најубавите нешта на светот не можат да се видат ниту допрат, мора да се почувствуваат со срцето

Кога се проценува орално – здравствениот статус  и орално – хигиенските навики на слепите лица, но и на луѓето со друг облик на инвалидитет, секогаш треба да се има во предвид влијанието на инвалидитетот врз можноста за употреба на основните (четка и паста за заби) и помошните средства за орална хигиена (забен конец, интердентални четки, течност за испирање и сл.), прехрамбените навики и постоењето на парафункционални навики (бруксизам).

Познато е дека лицата со инвалидитет во просек имаат лош орално – здравствен статус од останатите. Различните изтражувања направени врз испитаници ширум светот откриле дека кај лицата со инвалидитет постои поголема појава на кариес и пародонтални болести (гингивитис, пародонтитис) во споредба со останатите. Зачестеноста на појава на кариес е најниска кај лицата со оштетен слух, за разлика од оние кои имаат оштетен вид или се ментално заостанати. Од друга страна, зачестеноста на пародонталната болест и лошата орална хигиена е честа кај ментално заостанатите лица отколку кај лицата со оштетен слух и вид. Зачестеноста на трауматските повреди на забите кај децата е поголема кај машките деца и тоа голема е појавата на повреди на трајните секачи. Се смета дека кај лицата со оштетен вид, повеќе е можно да се јават трауматски повреди на тврдите и меките орални ткива.  Но, истражувањата сеуште ја немаат утврдено стстистичката разлика која би потврдила дека лицата со оштетен вид имаат поголема можност за вакви повреди.  

Стоматолошко лекување на лицата со оштетен вид

Специфичноста на лицата со оштетен вид е во тоа што тие неможат самостојно да ги воочат раните знаци на оралните заболувања како и на забните наслаги, забниот кариес или крв во плунката после миењето на забите заради гингивитис. Потребно е да се остави доволно време за да може да се изгради доверба помеѓу пациентот и стоматологот. Најважно е ваквите пациенти да се чувствуваат удобно и сигурно во стоматолошката ординација. Затоа најдобро е еден ден пред планираниот стоматолошки третман, ваквите пациенти да ја посетат стоматолошката ординација со што донекаде би се зближиле со просторот и со тоа би го намалиле евентуалниот стрес или страв од престојниот третман. Стоматологот треба внимателно да им објасни за некои матерјали и лекови со специфичен вкус и мирис доколку ги употреби, како и за промената на стоматолошкиот стол со што не би предизвикало страв кај нив.

За време на едукацијата за оралното здравје кај ваквите лица, секогаш треба да  им се даде можност самите да кажат што ги мачи и кој е нивниот проблем. Некои ситни нешта кои здрави лица не ги приметуваат, за слепите лица може да бидат многу фрустрирачки. За нив дури и ставањето паста врз четкичката може да преставува потешкотија.

Слепите лица и ортодонтската терапија

Изгледот на лицето и забите имаат големо влијание за надворешниот изглед на поединецот и степенот на неговото задоволство од сопствениот изглед. Важи ли и тоа истото за лицата со оштетен вид кои неможат да го доживеат својот изглед онака како што тоа го прават лицата со здрав вид, е прашање кое носи низа размислувања во стручната јавност.  За ваквата потреба на лицата со оштетен вид се развиваат посебни тактилни фотографии од лицето, главата и забите со кои може да се покаже што се смета за убаво, а што не, и на таков начин стоматологот ќе  даде свој особен придонес во планирањето на ортодонтската терапија. Ваквиот пристап не само што ќе го подигне задоволството кај пациентот туку има и позитивно влијание врз создавањето на доверба меѓу пациентот и стоматологот.

 Стоматолошкото лекување на лицата со оштетен вид во својата основа не се разликува од стоматолошкото лекување на другите лица. При тоа се применуваат истите дијагностички, терапевски и превентивни пристапи како и кај здравите лица. Единствена, но голема разлика е во пристапот на стоматологот кон слепите лица.

 

дознајте повеќе за авторот

Д-р Кристина И. Стојаноска Алоска

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 03.07.2014

Последна вест

Најчитани статии - стоматологија