Љубовта е слепа

специјалист уролог, Специјална болница "Св. Еразмо" - Охрид
професор по "Хирургија со нега" и "Полово образование" на Универзитетот "Св. Климент Охридски" - Битола

Реакциите на заљубениот човек често се ирационални, па дури и автодеструктивни. За жал, љубовта е слепа и не се однесува само во визуелно нарушување.

Кога некого ќе го погоди Аморовата стрела, неговиот внатрешен систем се распрснува како балонче од сапуница. До вчера смирената и рационалната личност, преку ноќ  го губи контактот со стварноста, реагира нелогично и избрзано. Таквите реакции, најчесто, ја чудат или ја веселат средината, но со непромисленото однесување личноста може да се доведе во многу незгодна, па дури и во опасна состојба.

Секој од нас од својот љубовен живот може да ископа некоја епизода со која не се гордее. Љубовта е како сипаници, сите, кога-тогаш, од нив се разболуваат. Несомнено, љубовта од сите чувства е најубава. Ако работата тргне наопаку, луѓето буквално се разболуваат од неа, ги обзема некој вид лудило. Психијатрите имаат многу работа со пациенти кои биле стабилни и способни личности додека не паднале во замката на љубовта што излегла од контрола и станала деструктивна. За среќа, скршеното срце релативно брзо оздравува и само мали исклучоци одат кон тешки нарушувања, кон самоубиство или кон трајна депресија. Со тек на времето, огорченост и болката ослабуваат и личноста, со доза на недоверба, се потсетува на своите неконтролирани испади.  

Жената лесно се адаптира и својот интерес спонтано го насочува на работите за кои нејзиниот парнтер е заинтерсиран. Тоа е многу успешна тактика за „собирање на бодови“, но постои опасност со текот на времето да премине во културен идиот. А мажот? Малку се оние мажи кои го покажуваат интересот кон модните новости или кон нешто друго за што е нивната сакана партнерка заинтересирана. Највероватно, тоа им се чини „неприродно“.

Постои една љубовна анегдота што никогаш не излегува од мода: оженет маж. Тој ја сака само љубовницата, жената повеќе не си ја сака или, можеби, никогаш не ја сакал. Во секој случај, не ја сака како љубовницата. Всушност, таа не го разбира, а в кревет е студена. Дефинитивно одлучил да ја напушти. Не сега во овој момент, зашто е во фаза на депресија, но штом се врати во форма, веднаш си оди! Се разбира љубовницата му верува. Времето си оди, а љубовницата живее во надеж сè додека еден ден не пристигне веста дека сега не може да ја напушти жената бидејќи е бремена. Објаснува дека случајно се случило, на одмор... Но, штом се роди детето, ги пакува куферите. Сега почнува љубовницата помалку да му верува, сака да го остави, но сепак го сака. Доказ е што  милион пати  рекол дека ја сака. И, сè така додека навистина ја напушти жената, но не поради љубовницата! Нејзе соопштува дека освоил победа над самиот себе, и тоа благодарејќи. Во тој момент љубовницата излегува од маглата и сè станува јасно. Не е ниту прв ниту последен случај. Заљубеноста предизвикува минливо слепило.

Срцето чука, крвта навира в глава, дишењето се забрзува. Зениците се шират, почнувате да се потите, ве обзема еуфорија. Иако велат дека овие ефекти се слични на кокаин, тие реакции ги искусиле милиони луѓе кои никогаш не ја виделе дрогата. Тоа се само симптоми на зовриена љубов што предизвикува вистински потрес во телото. Кога ќе го види својот човек од соништата, заљубената жена побледува, поцрвенува, се топи како путер. Ако го нема, уште е полошо: воздивнува набљудувајќи го телефонот. Единствена утеха: во мислите постојано е со него, тој е непресушен извор на среќа и блажество.

До скоро љубовта беше необјаснета тајна, домен на писателите и на вљубените. Денеска многу научници постепено ги откриваат тајните од најтаинственото и најпосакуваното чувство. Скенирајќи го мозокот на личноста што го поминува болно-слатките љубовни маки, успеале да го пронајдат патот на љубовта и да направат слика што покажува дека мозокот се осветлува во моментот кога испитаникот ја гледа фотографијата на личноста во која е вљубен (што докажува дека љубовта е порој на крв во главата). Чувството на заљубеноста кај човекот ги активира истите делови на мозокот како и земање на дрога што предизвикува зависност. Заљубените особи и зависниците од дрога никогаш не знаат да речат доста, секогаш бараат повеќе.

Фактот дека денеска можеме да ја нацртаме мапата на љубовта во нашиот мозок не ја намалува нејзината моќ да го менува нашиот живот, да нè потчини кога најмалку се очекува, да ни ги замрси плановите кога помислуваме дека конечно сме средени. Тоа може толку многу да биде силно, дури да плаши како кога лебдите одвоени од сопствениот свет, одвоени од земјата и реалноста. Всушност, и симптомите се слични: губиток на апетит, слабост, занесеност, лудило што понекогаш може сè да надвладее. За да дојде до експлозија на хормоналниот коктел што води во занесеност или во очајание (зависно од тоа дали љубовниот објект е достапен или не), потребна е присутност на фенилетиламин, допамин и ЛХРХ хормонот. Меѓутоа, научниците уште немаат одговор на најважното прашање: кој ја има улогата на чкрапец, што е тоа што ја започнува хемиската реакција?

Некои биолози тврдат дека тоа е мирисот од спротивниот пол што случајно наидува во вистинскиот момент, а психолозите, главно, сметаат дека чкрапецот е закопан длабоко во потсвеста, кој се развива и се притајува уште во раното детство. Обидувајќи се да ја одгатне тајната на љубовта, Јунг предлага едноставно, ама атрактивно објаснување: „Средбата на две особи е еднаква на спојување на две супстанци. Или има или нема реакција. Ако ја има, и едната, и другата се трансформираат“.

 

дознајте повеќе за проф. д-р Миќуновиќ

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 20.06.2014

Последна вест

Најчитани статии - животен стил