Говорот на забите - Втор дел

доктор по стоматологија

Стоматогнатниот систем на човекот е дел од организмот од кој е можно да се  дознаат бројни податоци за животот и здравјето на пациентот.

Додека забите сеуште се во устата на пациентот, тие на свој специфичен начин ги регистрираат особеностите од секојдневието на поединецот и ја создаваат неговата одонтобиографија. Со примената на неинвазивни аналитички техники во форензичната стоматологија и палеостоматологијата можно е да се утврди идентитетот на поединецот, да се изработи негов дентален профил т.е. доколку станува збор за скелетни остатоци од археолошки пронаоѓалишта, да се реконстуираат детали поврзани со животот, здравјето и исхраната на изумрената популација. Тоа е подрачје на интерес на биоархеологијата и палеостоматологијата. Ваквите истражувања можат да бидат насочени на било кое подрачје од стоматологијата, од растот и развојот на стоматогнатниот систем, популациско специфични дентални обележја, преку патолошките промени во усната шуплина кои се појавувале кај древните народи.

Во продолжение ви претставуваме уште неколку начини од говорот на забите.

Забите и социоекономскиот статус

Проценката на социоекономскиот статус врз темел на анализата на забите секако неможе да биде потполно точна и прецизна, но може да даде корисни насоки при изработката на денталниот профил. Лоша грижа за забите, многу кариозни заби, премногу стари амалгамски пломби, бројни извадени заби и протетски изработки направени од евтини матерјали говорат за пациенти со низок социоекономски статус. Од друга страна, пациенти со подобра имотна состојба можат да си дозволат убави и средени заби со квалитетни пломби, забни импланти, ортодонтски апарати или накит на забите.

Забите и навиките на пациентите

Хигиената на забите, пушењето, употреба на забни стапчиња, грицкање семки се некои од навиките на пациентите кои можат да остават трајни или полутрајни последици на забите. Пушењето може да предизвика пребојување на забите и забрзано создавање забен камен. Претерана и неправилна употреба на средствата за одржување орална хигиена како што се забните стапчиња и конец за заби, на тврдите забни ткива можат да предизвикаат специфични оштетувања. Честото грицкање семки или грицкањето нокти исто така може да доведе до оштетување на тврдите забни ткива. Кај малите деца отворениот загриз и протрудираните секачи се последица на лошите навики цицање прсти или цуцла.

Забите и професионалната активност

Некои професионални активности оставаат трага на усната шуплина и на меките и на тврдите ткива. Механичките, хемиските, топлинските, галванските, радијациските повреди на оралната слузница често се последица од некои професии. Свирачи на дувачки инструменти (особено трубачи) можат на забите и усните да имаат карактеристични механички оштетувања кои се последица од држењето на инструментот под притисок на предните заби.

 Забите и исхраната

 Со анализата на бројот, големината и положбата на кариозните оштетувања на забите и степенот на абразија, може да се дознаат многу нешта за прехрамбените навики на пациентите. Исхраната на современиот човек е богата со рафинирани јагленохидрати кои лесно се лепат и тешко се острануваат од забите и затоа предизвикуваат појава на кариес на гризните површини на забите. Од друга страна, пациентите кои имаат навика да консумираат тврда храна и плодови како што се ореви, лешници, бадеми, семки од сончоглед, многу повеќе ги ”трошат”забите особено предните заби. Затоа, на нив многу брзо стануваат видливи остатоци од дентинот кои се шират и меѓусебно се спојуваат пропорционално со возраста. Долготрајна и прекумерна употреба на кисели и газирани пијалоци доведува до ерозивни промени на тврдите забни ткива кои се манифестираат со истенчен емајл и преосетливи заби.

 

 

автор: д-р Кристина И. Стојаноска Алоска >>>   

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 15.06.2014

Последна вест

Најчитани статии - стоматологија