Дискус хернија - лекување

студент по медицина

Ја продолжуваме темата за дикус хернија. Овој пат Мартин Анѓелов ви открива повеќе за нејзиното лекување ...

Лекувањето би го поделиле во две категории и тоа:

  1. Стандардно лекување, односно конвенционален начин на лекување на дискалната хернија кое може да биде конзервативно со медикаменти во акутната болна фаза, физикална терапија и кинезитерапија, односно вежби, и оперативно.

  2. Втората категорија на лекување која се применува во поново време , но кај помлади пациенти, е алтернативен начин на лекување со акупресура, акупунктура, јога, работа на телото и хиропрактика.

Конзервативен начин на лекување: Конзервативен и оперативен начин

Конвенционалното лекување можеме да го поделиме на конзервативно лекување во кое спаѓа медикаментозна терапија, физикална терапија и вежби, и ова лекување се употребува кај оние пациенти кои имаат полесна клиничка слика, односно оние кои немаат трајни невролошки оштетувања, и на оперативно, односно хируршко лекување, кое е наменето за оние пациенти каде конзервативното лекување не помогнува, односно онаму каде и покрај конзервативното лекување состојбата се влошува и има трајни невролошки дефицити.

Медикаментозна терапија

Во акутната болна фаза пациентот се става да лежи и мирува на тврда рамна подлога со нозете свиткани во колената. На тој начи се исправува лумбалната кривина и се намалува притисокот ва интервертебралниот диск.

Како медикаментозна терапија тука се дава следното:

  • аналгетици

  • нестероидни антиинфламаторни лекови: аспири, ибупрофен, диклофенак, нимулид

  • кортикостероиди – го смалуваат отокот на нервниот корен сузбивајќи го воспалението кое е предизвикано со механичка иритација

  • седативи – го смалуваат грчот и делуваат смирувачко

  • витамини В комплекс – помагаат во регенерација на евентуално оштетените нерви

  • средства за олабавување на мускулите

  • затоплување на лумбалниот дел со термофор

Физикална терапија

 Физикалната терапија кај дискус хернијата опфаќа повеќе физикални процедури како:

  • кратки бранови

  • биоптрон ламба

  • интерферентни струи

  • дијадинамски струи

  • ултразвук

  • инфрацрвено зрачење

  • експоненцијални струи

  • хидротерапија

  • масажа

Оперативно лекување

На оперативен начин на лекување се одлучива кога болките траат подолго од 3 месеци и покрај физикалната терапија и медикаментозното лекување. Операцијата на дискус хернија подразбира отстранување на делот од дискот кој е испаднат, односно вклештен, и на делови од дискот кои би можеле да испаднат (средишниот дегенерисан дел од дискот). Постојат различни оперативни техники. Најчесто операцијата се изведува преку кожен рез на средината на грбот во должина од околу 3 cm. Операцијата се прави со микроскопска техника или со помош на ендоскоп. Покрај отстранување на притисокот на коренот н нервот, мора да се изработи се за да со минимална инвазивна техника да се спречи настанување на голема лузна околу коренот на нервот или нестабилност на пршлените.

Со помош на физиотерапевтот, пациентот се советува да стане веќе наредниот ден по операцијата. Физиотерапевтот му дава објаснувања за начинот на станување, наведнување, легнување, вежби и слично. Во постоперативниот период, најчесто до 4 ден, се намалува болката во нозете, но настанива болка и оток на местото на раната, но тоа не е од притисок на нервот, и успешпно се лекува со аналгетици. Пациентот останува во болница до 4 ден, а на 9 ден се вадат конците, и се започнива со физикална терапија на физикално одделение или на некоја бања. Исто така постои и опција за замена на дискот, но таа мжност е многу поретка.

Алтернативен начин на лекување на дискус хернијата

Алтернативниот начин на лекување обично се содржи во олабавување и лесни вежби за повторно да се воспостави целосен опсег на движење. Тука би ги спомнале следните алтернативни методи:

  • акупресура (најчесто како превенција)

  • акупунктура (одредување на нервот од стручни лице)

  • јога (како превенција, обично се користат: положба на спуштено свиткано колено; положба крпена кукла и положба дете)

  • работа на телото (користење на Александровата техника и Фелденкрајсовиот метод)

  • хиропрактика (поставување на дијагниза со мануелен преглед и ренген снимка, изведување на зафатот, масажа и телесни вежби).

 

дознајте повеќе за Мартин Ангелов

-авторски текст, не смее да се употребува за комерцијални цели и/или реемитување-

 

 

www.doktori.mk, 14.06.2014

Последна вест

Најчитани статии - медицина