Стресот и оралното здравје

доктор по стоматологија

Стресот освен тоа што има влијание врз целиот организам, влијае и врз оралното здравје. Кај луѓето може да предизвика интензивна главоболка, болки во стомакот или едноставно непријатно чувство кое предизвикува нервоза. Премногу стрес остава последица и врз устата, забите и гингивата. Промените на забите и гингивата кои може да се јават кај пациентите може да варираат од поблаг до потежок облик.

Потенцијални пореметувања кои се јавуваат како последица на стресот, а влијаат врз оралното здравје се следниве:

  • Ерозија на забите предизвикана од често повраќање

  • Ранички на устата

  • Несвесно шкрипење со забите и снажно стегање на забите во стресни ситуации

  • Лоша орална хигиена и лоши навики во исхраната

  • Пародонтопатија

Содржината која се исфрла од желудникот содржи хлороводородна киселина која ја нагризува глеѓта. Тоа доведува до појава на ерозија на забите.

Луѓето кои се изложени на стрес, имаат намален имунитет. Како последица на ваквата состојба во организмот, на гингивата и околната слузница се јавуваат промени (ранички) во облик на афти, херпеси и други улцерации. Раничките најчесто се појавуваат во внатрешноста на устата, на образната лигавица. Треба да се напомене дека ваквите ранички не се од заразна природа, освен појавата на херпес во пределот околу устата кој е заразен. Некои поминуваат без третирање, во рок од 10 дена. Сепак, нивната иритација може да се намали со употреба на лекови т.е. анестетици или антивирусни лекови кога се работи за херпес. Исто така, треба да не се консумира зачинета и врела храна или храна која во себе содржи голема количина киселина (цитрусно овошје).

Бруксизмот претставува пореметување кое вклучува шкрипење со забите и стегање на двете вилици во текот на ноќта потсвесно и неконтролирано. Доколку ваквата појава не се лечи, може да дојде до оштетување на самите заби (фрактура на забите  или протетските изработки). За да се намалат негативните последици од бруксизмот, потребно е да се носи помагало во облик на протеза која ќе помогне шкрипењето и стегањето на двете вилици да се сведе на минимум.

Претераниот стрес може да предизвика и зголемена појава на забен камен, дури и кога интензивниот стрес е краткотраен. Стресот го зголемува ризикот од појавата на гингивитис и крварење од гингивата што може да доведе до некои сериозни заболувања на гингивата како последица од  лошата (нередовна и неправилна) орална хигиена. Може да дојде и до појава на пародонтопатија.

Секогаш треба да имате во предвид дека за успешно лекување на проблемите со устата, неопходна е здрава исхрана, редовни контроли кај стоматолог и добра орална хигиена. Со сето ова Вие самите ќе си помогнете да го намалите или да ја спречите појавата на можните сериозни пореметувања.Затоа треба да се намалат стресните ситуации најмногу што е можно и со самото тоа позитивно да се делува како врз севкупното здравје така и врз оралното здравје.

 

автор: д-р Кристина И. Стојаноска Алоска >>>   

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 28.05.2014

Последна вест

Најчитани статии - стоматологија