Танга и стерилитет

специјалист уролог, Специјална болница "Св. Еразмо" - Охрид
професор по "Хирургија со нега" и "Полово образование" на Универзитетот "Св. Климент Охридски" - Битола

Тангите ги носат: и младите, и старите, и слабите и пополнетите. Ѕиркаат над фармерките, накитени со бисерчиња, чинат ѓавол и половина, ама докторите предупредуваат дека не се ниту комотни ниту здрави.

Тангите првпат биле креирани во 1939 година. Креаторите тогаш не помислувале дека жените ќе полудат за нив. Уште помалку никој не веруваше дека долната облека, која не треба да се гледа, ќе стане најпопуларен детаљ за покажување и за ѕиркање над фармерките. Во почеток ваквите гаќички биле правени само за танчарките на сцената. Дизајнерите, уплашени дека докторите ќе им забележат на нехигиенските гаќички, одлучиле да им плаќаат огромни пари на светските ѕвезди – промоторки на танги. Една таква ѕвезда што носела танга е и Џенифер Лопез, која изјавувала дека тоа го прави бидејќи така изгледа многу посекси.


 Американските произведители смислиле комбинација на мода и здравје. Тие во организација на „Play Safe Thongs“ одлучиле во триаголниот дел од тангата да направат мало џепче, во кое сопственичката на тангата ќе носи кондом. На оваа идеја дошле како резултат на свеста дека сексот е најголема реклама и дека во последно време се зголемиле заразувањата од половопреносливите болести. Но дали ќе успеат во нивната идеја, ќе покаже времето. Во последниве години се смена и модната улога на тангите. Сега е демоде горната линија да ѕирка над фармерките што се ниско струкирани (и на нив времето им минува). Сега се во мода „танги без грб“, што ги креираа Австралијанците. Овие „невидливи“ гаќички ја затегнуваат и ја подигнуваат визуелно задницата. Ова ќе ги натера и оние дами, кои досега се спротивставувале на модните трендови, да набават од „волшебните“ танги.


Но, според мислењето на докторите, поважно е да се размислува за тоа дали со носењето на тангата се загрозува интимното здравје. Едно испитување во Англија, извршено на неколку илјади жени на возраст од 18 до 35 години, покажало дека со носењето на тангата во комбинација со нискокроени фармерки може да биде причина: за бактериски вагинални инфекции, за хемороиди, за пукнатинки на анусот. Покрај тоа, со ова испитување се покажало дека постои и зголемен ризик од сексуалнопреносливите болести. Против тангата е и американскиот Институтот за женско здравје. Тој докажал дека жените што носат комбинација танги и ниско струкирани панталони, почесто пијат и практикуваат незаштитен секс. Последици од ваквото слободно однесување се: кламидија и другите сексуалнопреносливи болести. Освен тоа, стручњаците од овој Институт го изнесуваат фактот дека тесните танги ја намалуваат циркулацијата и како последица на тоа предизвикуваат стерилитет. Тоа се случува кога девојките носат танги подолго од три-четри години.


 Поради сето ова, во американското Министерство за здравје се размислува како да се заштити интимното здравје на жената. Како можно решение се споменува издавање наредба на произведителот на секое парче танга да има сошиена маркица со забелешка: „Ова здолниште може да предизвика негативни последици по здравјето“. Додека тоа не се случи, најдобар совет би бил: тангата да се носи понекогаш и во исклучителни поводи. Затоа, почитувани и сакани дами, кога се изложувате на физичка работа, на спортување, подобро облечете обични комотни памучни гаќички, а кога сакате да светите во вечерен фустан, на некој важен прием, одберете танга и уживајте во својата сексапилност.

 

дознајте повеќе за проф. д-р Миќуновиќ

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 19.05.2014

Последна вест

Најчитани статии - животен стил