Доктори.мк | Како заболувањата на тироидната делуваат врз срцето? | Kako-zaboluvanjata-na-tiroidnata-deluvaat-vrz-srceto | Портал за медицина и здравје

Како заболувањата на тироидната делуваат врз срцето?

студент по медицина

Тироидните хормони се од круцијално значење за регулацијата на метаболните процеси во организмот во секоја една клетка. Еднакво како и сите други органи така и срцевите мускулни клетки се под влијание на дејството на тироидните хормони.

Оттука ниту едно нарушување во концентрациите на тироидните хормони во крвта нема да помине без реакција од страна на срцевиот мускул. Без оглед дали станува збор за зголемена или намалена функција на тироидната жлезда и обете имаат ефект врз срцевата функција што укажува на тоа дека секое нарушување на тироидната функција би било пратено со симптоми од страна на кардиоваскуларниот систем.

   Одамна ни е јасно дека тироидните хормони имаат    способност да навлезат длабоко во јадрото на клетката  и да ја стумулираат синтезата на извесни протеини кои  во срцевиот мускул синтетизираат рецептор за  адреналин и слични на него биогени амини. Овие  рецептори се покажуваат на површината на секоја  мускулна клетка на срцето што го прават многу  поосетливо на адреналинот и на него случните  супстанци во крвта кои нормално ги има кај секого. Ова  особено се случува кога постои зголемена функција на  тироидеата и зголемено ослободување на тироксин.  Зголемената експресија на адреналински рецептори  на површината на срцевите мускулни клетки го прави срцевиот мускул многу осетлив и на нормални концентрации на адреналин и биогени амини во крвта така што срцето реагира со забрзување на неговата фреквенција односно зголемување на бројот на удари во минута што се означува како тахикардија. Тахикардијата е еден од основните симптоми на зголемената тироидна функција така што пациентите често најпрво се пожалуваат на срцебиење, забрзана срцева работа, „прескокнување на срцето„, „чувство дека постои неправилен ритам на срцевата работа„ итн.

Пациентите со хипертиреoза редовно се жалат на силно срцебиење токму заради зголемената осетливост на срцевиот мускул на адреналин и норадреналин предизвикано од зголеменото количество на тироидни хормони во крвта. Ова пак може да резултира со зголемување и на крвниот притисок кај пациентите кои имаат зголемена функција на тироидеата. Намалената функција на тироидеата значи дека организмот е изложен на вонредна состојба при која недостасуваат тироидни хормони што значи дека сега срцевиот мускул нема да ги синтетизира тие рецептори за адреналинот и норадреналинот, па тоа автоматски би требало да значи дека пациентот ќе има брадикардија односно забавена срцева работа.


Пациентите со хипертиреоза особено оние со најмалигната состојба на тиреотоксикоза како што е „тироидната бура„ односно Graves-Basedow-ата болест често одвреме навреме чувствуваат силни пристапи на тахикардија што пациентите го опишуваат „како да ќе им излета срцето од гради„. Сето ова се должи на одвреме-навреме ослободувањето на голема количина хормони од тироидеата кои преку крвта доаѓаат до срцето и го остваруваат својот ефект. Во извонредно ретки ситуации кај тироидната бура би можело да дојде и до акутно попуштање на срцевиот мускул односно акутна срцева слабост поради прекумерената стимулација која се должи на високата концентрација на тироидни хормони или пак да го воведе пациентот во опасни по живот аритмии. Обратно пациентите со хипотиреоза често може да чувствуваат слабост и замор како резултат на забавената срцева активност.


Дека тироидните хормони и нивната концентрација во крвта се важни за добрата кардиоваскуларна функција говорат некои нови студии кои упатуваат на фактот дека пациентите кои немаат симптоми, а сепак имаат дизбаланс помеѓу тироксинот и ТЅН или се во групата на субклинички хипертиреози имаат зголемен ризик за срцево страдање односно за јавување на кардиоваскуларно заболување и последователно смрт. Односно се смета дека дури 15% од пациентите со субклиничка хипертиреоза умираат од последици поврзани со основната болест која најчесто кај пациентот не е ниту дијагностицирана, ниту лекувана. Оние кои веќе имаат јасна дијагноза и се на тиреосупресорна терапија имаат помал ризик од срцево страдање затоа што најчесто нивната состојба редовно се следи и е добро контролирана со лекови. Друга студија упатува на фактот дека оптималното ниво на тироидни хормони во крвта е особено важно кај пациентите кои преживеале инфаркт бидејќи според нивните сознанија тироидните хормони го намалуваат губитокот на срцевите клетки при инфарктот однсоно доколку пациентите страдаат од нерегулирана хипотиреоза тогаш е забележан поголем губиток на срцеви клетки полош исход и поголема смртност во периодот после преживувањето на инфарктот.

Според тоа истражување се смета дека во текот на инфаркцијата на срцевиот мускул во ткивото има ниско ниво на тироидни хормони што го зголемува ризикот за поголема загуба на срцеви клетки додека пак раната реваскуларизација и оптималното ниво на тироидни хормони во крвта спротивно, го штитат срцевиот мускул и ја намалуваат клеточната загуба. Ова би можело да биде во иднина третман кај пациентите со инфаркт во периодот веднаш по инфаркцијата со тоа што би требало да се внимава со дозирањето на тироидниот хормон кој не би смеело да ги надмине нормалните вредности во крвта.



Заклучоците дека нерегулираното ниво на тироидни хормони односно недијагностицираната тироидна болест го зголемува ризикот за јавување на кардиоваскуларни заболувања и смртност треба да биде доволен мотив за редовно контролирање на нивото на тироидни хормони кај оние кои веќе боледуваат од хипертиреоза односно рано препознавање на пациентите со субклинички хипертиреоидизам, зашто само така можеме да ги превенираме негативните ефекти врз кардиоваскуларниот систем.

 

дознајте повеќе за авторот Филип Наумовски

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 18.04.2014

Последна вест

Најчитани статии - медицина