Каков беше светот пред вакцините, а каков е сега?

студент по медицина

  Живееме во ерата на вакцините и антибиотиците. Изминатиот век револуционерното откривање на бројните антибиотици и уште поважните вакцини ја променија статиситиката во поглед на бројот на смртните случаи и причината за смртноста. Ако во минатото главната причина за смртноста беа инфекциите и заразните болести денеска тоа повеќе не е случај, денеска кардиоваскуларните заболувања го имаат приматот за причина број еден за смртност. Откако беа откриени антибиотиците, откако популацијата редовно беше вакцинирана по соодветен вакцинален календар бројот на заболени од заразни инфективни болести е драстично намален.

Мора да се има во предвид и фактот дека денеска токму поради постоењето на вакцините воопшто и не се соочуваме со некои болести како пполиомиелитисот, магарешката кашлица, некои од осипните грозници иако тие во минатото биле причина број еден за смртност на децата. Несомнено голем е придонесот на вакцините во подобрување на квалитетот на животот на популацијата бидејќи во минатото децата многу често не ја навршувале ни својата прва година поради фаталните заразни болести додека пак денеска населението старее и просечно очекуваниот број на години на живот се повеќе се зголемува.

Слика 1. Кои се причините зошто се вакцинирате

Во минатото се забележани неколку значајни епидемии кои одземале огормен број на животи. Една од тие е епидемијата на полиомиелитис. Ретроспективно гледано се смета дека полио вирусот постоел уште во времето на старите Еѓипќани, но владеел и во периодот на подемот на Римската империја. Доказ за неговото постоење биле многуте засекогаш инвалидизирани лица поради парализите на долните екстремитети. Се чини дека полиото било отсекогаш присутно, но првиот документиран случај и официјално дијагностициран е во 1773 година. На крајот на 19 век и на почетокот за 20-тиот започнуваат масивно да се јавуваат случаи на полио во САД, нешто подоцна и во Европа. Истите својот макисмум го доживуваат во 1940-тите односно 1950-тите. Во тие години илјадници деца и возрасни биле инфицирани и илјадници луѓе останале засекогаш парализирани, огромен број умреле поради парализа на дишната мускулатура. Бројот на жртвите секоја година се зголемувал, особено во доцните 1940-ти што било основна причина да се започне да се трага по вакцина со која би се спречило понатамошното ширење на оваа мутилантна и животнозагрозувачка болест. Така во 1955 и 1962 на пазарот излегуваат двете вакцини против овој вирус од кои втората и до денес е во употреба и континуирано го заштитува светот од нови епидемии на полиомиелитис. Благодарение на вакцината денеска се поретко ќе сретнете луѓе кои имаат трајни последици од вирусот како парализи на екстремитетите, потешкотии во одењето, кривење итн. Тогаш за прв пат е употребено и таканареченото „железно белодробие„ (iron lung) со чија помош биле спасени илјадници живот кои поради парализата на дишната мускулатура не можеле да дишат самостојно.

Слика 2. Од графикот може да се заклучи дека смртноста во В. Британија во предвакциналната ера односно во раниот 20-ти век е огромна во однос на смртноста која по 1950 година е близу нула. Најголемиот број на вакцини започнуваат да се употребуваат во педесеттите години на минатиот век

Во минатото исто така многу честа била таканаречената голема односно „магарешка кашлица„ од која најчесто се разболувале децата. Болеста е предизвикана од бактерија против која денеска има вакцина која е во редовниот календар на ваквинација и во Р. Македонија. Вакцината за прв пат е употребена во 1940 година така што споредено во пред и пост вакциналниот период бројот на заболени драстично се менува. Во 1922 година САД брои по 100.000 новозаболени секоја година, најголем број деца под 1 година, додека бројот на заболени по 1940-та на годишно ниво изнесува помалку од 10.000. Магарешката кашлица е тешка болест која често може да заврши смртно особено доколку се разболат новородените и бебињата во текот на првата година. Болеста се манифестира со тешка и повторувана кашлица која буквално го остава детето без здив. Помеѓу интервалите на кашлица децата испуштаат крик на магарешко рикање за да на крајот на епизодата искашлаат проѕирна и стакласто слузава материја која е продукт на инфекцијата. Она што загрижува е фактот дека во 2012 се бележи пораст на бројот на заболени на годишно ниво кој изнесува приближно 50.000 што многу веројатно делумно се должи и на силната пропаганда против вакцинацијата.


Слика 3. Графикот ни укажува на фактот дека на почетокот на 20-тиот век бројот на заболени од магарешка кашлица бил висок, но подоцна откако е внесена вакцината во употреба тој драстично паѓа за сега повторно во 2010 да почне значајно да расте откако во САД започна да владее трендот на невакцинација


Сипаниците или тн. Морбили се сметаат за најчестиот убиец на детската популација под 5 години кој може да се превенира со вакцинација. Уште од древното минато се познати записи за морбилите кои тогаш биле причина за смрт на речиси една третина од популацијата и причина за падови на цели империи поради инфицирање на војската. Некои податоци велат дека морбилите се причина за смрт на речиси една третина од популацијата.

Слика 4. Од графикот можеме да заклучиме дека бројот на заболени од морбили фрапантно паѓа во 60-тите години откако вакцината против морбили официјално започнува да се употребува

Историски гледано познати се неколку посериозни епидемии со илјадници жртви во доцниот 19-ти век, а веќе во 1963 за прв пат е пуштена во употреба вакцината против морбили. Покрај вакцинацијата денеска сеуште се сретнуваат помали или поголеми епидемии на морбили во САД и Европа и тоа посебно во високо развиените земји. Во изминативе неколку години на 21 век посебно загрижувачки се епидемиите кои се јавуваат во Велс, Германија, Франција, Англија, Бугарија, Јапонија, Филипини и САД бидејќи истите бројат неколку илјади заразени и десетици смртни случаи и покрај постоењето на идеален начин за превенирање на ова заболување. Одамна е јасно дека сето ова е резултат на лобирањето против вакцинацијата и разните погрешни информации околу истата. Многу од родителите се решени да не го вакцинираат своето дете благодарение на добро платените гласноговорници на анти- вакцина лобито. Но тоа не значи дека се ставаме на ризик само себе си туку и другите бидејќи на тој начин не само што не се создава сопствен имунитет туку и слабее колективниот имунитет што му овозможува на вирусот полесно да се шири.

Дека навистина ширењето на идејата против вакцинацијата има свој импакт во општеството можеме да видиме преку неколкукратното појавување на поголеми епидемии на морбили во Велс каде што по објавувањето на инфомрациите за наводната поврзаност на MMR вакцината со аутизмот родителите во Британија масивно престанале да ги вакцинираат своите деца. Денеска Британија веќе ги чувствува последиците во здравствениот систем поради излегувањето на информации кои ја поврзуваат оваа вакцина со аутизмот во 1990-тите. Последните најголеми епидемии во зиминативе години се јавија во 2013 во Велс и Филипини. Новите епидемии на морбили се одлични показатели за дупките во вакцинацијата на една нација така што секое јавување на болеста би значело пропуст во вакцинацијата. Истражувања во САД велат дека дури 80% од заболените не се вакцинирале поради филозофски или религиозни убедувања што е уште еден факт кој потврдува дека ширењето на пропаганда против вакцинацијата успешно го менува мислењето на популацијата, се разбира во погрешен смер.


Слика 5. Од графикот може да се забележи дека во 2003 се бележи благ пораст на бројот на новозаболени од морбили додека подоцна во 2005 бројот на заболени драстично се зголемува во годините што следат што секако е резултат на невакцинација на популацијата

Вацинацијата е многу повеќе од средство за себезаштитување и превенирање на појава на болеста кај поединецот. Правилната, редовна и квалитетна вакцинација има за цел да обезбеди подигнување на колесктивниот имунитет така што не би имало услови причинителите да се размножуват и не би можеле да ја јакнат својата способност да предизвикаат болест. Во моментот кога се вакцинирате себе си со огромен дел ги заштитувате и другите бидејќи тоа води кон невозможност причинителот да се шири и напаѓа нови лица. Фактот дека денеска по болниците не сретнуваме лица кои се болни од полиомиелитис, не сретнуваме бебиња со пертусис кои искашлуваат се додека конечно не го изгубат здивот, нема масовна смртност од морбилите, нема класични и фрапантни клинички слики на тетанус, ниту плодови со аномалии поради рубеола е сосема доволен дека со вакцинацијата на популацијата сме на правиот пат. Вакцинацијата е едно од оружјата кои здравствениот систем би требало да ги користи за да се спречи ширењето на болестите, заради тоа што пред да лекуваме треба да се потрудиме да спречиме.

 

дознајте повеќе за авторот Филип Наумовски

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-


www.doktori.mk, 13.04.2014

Последна вест

Најчитани статии - фармација