Крлежите се опасни - особено внимавајте на децата

Со доаѓањето на топлите денови доаѓаат и крлежите. Морате да бидете внимателни, убодот од крлежот може да е безболен, но последиците да се страшни. Особено важено е да правите преглед на вашите најмили, бидејќи болестите кои ги пренесува крлежот се опасни за сите, но за децата можат да бидат катастрофални.

Истражување направено во Белград покажало дека речиси секој трет крлеж сосебе носи некое инфективно заболување, ова го направиле српските истражувачи како резултат на појавувањето на околу 800 заболени од лајмска болест на годишно ниво во оваа земја. Важно е да се напомене дека крлежот не пренесува само лајмска болест туку и многу други инфективни заболувања, затоа мора да се внимава и никако во никој случај да не се вади во домашни услови, особено не ако го забележите кај деца.

Прегледајте си ги децата

Вие знаете како изгледа убод од крлеж или знаете барем  кога да се посомневате, но вашите деца нема да го забележат. Особено ризична група се децата во училишна возраст. Малите деца кои вие ги бањате повеќе или помалку ја прегледувате нивната кожа и забележувате некакви промени, но децата кои сами се бањаат и се грижат за својата хигиена се од особен ризик бидејќи тие често знаат да не ги забележат разните промени на кожата, особено крлежите. Затоа ве советуваме прегледувајте го секој дел од кожата на вашето дете, особено ако претходно посетувало некои планински предели, ливади или допирале животни. Се советува децата кои сеуште се во основно да ги прегледувате потполно голи барем еднаш во неделата, не само поради крлежи, но и поради други промени кои децата нема да ги препознаат. Имајте на ум дека крлежите можат да влезат било каде во кожата, децата имаат мека и нежна кожа и крлежите можат лесно да влезат. Тие пред убодот испуштаат вид на анестетик кој лесно прави локално опивање и убодот не се чувствува. Важно е да се каже дека некои инфекции кои ги пренесува крлежот, кои не се опасни за возрасните, можат да предизвикаат сериозни болести кај децата.

Систематски преглед на детето

Почнете од косата, имајте на ум дека косата и пределот околку косата се многу скришни места кои можат да го прекријат крлежот и да остане незабележлив и за вас, затоа не заборавајте да поминете со рацете низ косата на вашето дете. Вратот градниот и абдоминалниот предел прегледајте ги добро обрнете внимание и на бемките, исто така не ги заборавајте и екстремитетите. Не ги прескокнувајте и гениталиите и пубичната регија, а доколку детето е повозрасно и не сака целосно да го прегледате, почитувајте го тоа, но, објаснете му како изгледа еден убод од крлеж и како да го препознае. Доколку забележите убод од крлеж немојте да применувате никакви домашни методи на вадење, без разлика дали крлежот е на достапна или помалку достапна регија. Веднаш упатете се кај вашиот матичен, ако пак се работи за период од денот кога метичниот не работи обратете се во службата за Итна Медицинска Помош (ИМП), веднаш без оддолжување.

www.doktori.mk, 09.04.2014

Последна вест

Најчитани статии - медицина