Светски ден на лицата со аутизам - говор на проф.д-р Владимир Трајковски

доктор на дефектолошки науки и доктори на медицина

Вчера беше 2-ри април, ден посветен на лицата со аутизам. По тој повод проф.д-р Владимир Трајковски, еден од ретките експерти кои се занимаваат со проучување на оваа не така ретка состојба, имаше свое обраќање во Музејот на македонската борба, при што зборуваше за оваа состојба, за интеграција на аутистичните лица во секојдневниот живот и за тоа како да им се помогне ... Топло ви препорачуваме да го прочитате говорот кој ќе ви го пренесеме во целост ...

Се собравме овде по четврти пат во овој нов музеј, во ова грандиозно здание кое ја одразува вековната борба на македонскиот народ за слобода, за самостојност, за правдина, симболично да ја одразиме и нашата борба со тешкото спектрално аутистично нарушување. Од година во година успеваме с¢ повеќе и повеќе да ги потенцираме целите што сакаме да ги постигнеме, а тоа е несомнено анимирање на пошироката јавност и нејзино сензибилизрање за проблемите кои ги имаат лицата со аутизам кој сериозно го загрижува нашето општество.

  Светскиот ден на аутизмот востановен пред 6,5 години од    страна на Генералното Собрание на ОН има за цел да го  привлече вниманието на светот кон аутизмот, развојно  нарушување што се јавува кај десетици милиони луѓе ширум  светот и треба да ги охрабри земјите да преземат мерки за  да се подигне свеста за аутизмот во целото општество и  да ги охрабри да започнат со рана дијагноза и рана  интервенција бидејќи само така може да се надеваме на  успешен третман. Минатата година Обединетите нации ја  усвоија новата резолуција за аутизмот, што беше  демонстрација на заложбата да им се помогне на  погодените поединци и семејства. Резолуцијата ги  поттикнува земјите членки да ги зајакнат истражувањата и  да ги прошират нивните сервисни служби во здравството,  образованието, вработувањето и други основни услуги. Ова  меѓународно внимание е од суштинско значење за решавање на стигмата, недостатокот на свест и несоодветна поддршка од страна на одредени структури. Сега е време да работиме за подобро инклузивно општество, да ги нагласиме талентите на луѓето со аутизам и да им обезбедиме можност на нив да го остварат својот потенцијал.

Треба да се изрази длабока загриженост за високата стапка на аутизмот која во моментот ги преокупира мислите на многу научници и политичари од целиот свет. Покрај тоа, светскиот ден на аутизмот треба да ги промовира уникатните таленти и вештини кои ги поседуваат лицата со аутизам и претставува ден кога тие треба да бидат примени на голема врата во социјалната заедница. Секоја година, организации за аутизам го одбележуваат овој ден со прибирање финансиски средства и настани кои ја подигаат јавната свест. Во 2014 година, членовите на Аутизам-Европа спроведуваат кампања ширум Европа, за потребите на возрасни лица со аутизам, во областа на вработувањето и образованието. Кои се овие потреби?

Образование - лицата со аутизам треба да имаат пристап до доживотно образование, прилагодени на нивните потреби; Работни места - истражувањата покажуваат дека меѓу 76 и 90 % на возрасни лица со аутизам во моментов се невработени; Уникатни вештини - лицата со аутизам можат да имаат уникатни вештини кои може да се искористат за да се произведе висок квалитет на работата, што ги прави да имаат предност за нивните работодавачи;
Инвестиции - образование, обука и вработување за возрасни лица со аутизам се инвестиции кои бараат ангажирање од јавниот и приватниот сектор;Социјално вклучување - возрасните лица со аутизам често страдаат од социјална исклученост. Образованието и вработувањето може да им се овозможат да земат поактивна улога во нивните заедници, наместо да бидат зависни од семејството и да примаат социјална помош. За сите овие активности се залага Македонското научно здружение за аутизам во изминатите 14 години од неговото постоење. Со тоа сме покажале дека не доцниме многу зад другите земји во светот. МНЗА континуирано се грижи за остварување на правата на лицата со аутизам во Р. Македонија преку објавување на памфлети, брошури, организирање на трибини, реализирање проекти, спроведување обуки и популаризација на проблемот во електронските и печатените медиуми.

Минатата година имавме одлична средба во Кабинетот на Претседателот на Р. Македонија господинот Ѓорѓе Иванов, кој се заложи дека заедно со сопругата госпоѓа Маја Иванова ќе помага на оваа ранлива категорија колку што е во негова надлежност и во рамките на неговите можности. На средбата присуствуваа неколку семејства и деца со аутизам кои имаа можност да ги споделат нивните проблеми и да побараат заштита од државата. Сметаме дека во изминатите четири години откога го чествуваме овој ден многу работи се изменија во свеста на нашите граѓани. Но, со тоа не се целосно исполнети нашите цели бидејќи надлежните институции треба да преземат дел од своите обврски и задачи како тоа што се чини во поголем број од државите во светот. Се чини дека се уште не се созреани некои работи во свеста на политичарите за потребите на оваа категорија граѓани. Потребно е креирање на национална стратегија за аутизам национален регистер за да приближно го дознаеме точниот број на лица со аутизам. Потребно е поголемо вклучување не само на одговорните фактори туку и дополнителна едукација на дефектолозите, медицинарите, психолозите и социјалните работници за подигнување на квалитетот на животот и остварување на правата на лицата со аутистичен спектар на нарушувања во Р. Македонија, права кои им се гарантирани со Конвенцијата од ОН. Почна да функционира првиот дневен центар за деца со аутизам во Македонија. По 14 години напорни залагања на нашето здружение, разговори, дописи и писма до релевантните фактори. Се надевам дека вакви слични центри ќе се отворат и во други градови ширум државата, бидејќи реална потреба за такво нешто постои.

 Надеж мора да има за овие лица, тие не смеат да бидат препуштени на случајноста. Тие мора да бидат љубени, почитувани и ценети од сите нас. Тие мора да добијат здравствена заштита. Тие мора да имаат добар квалитет на живот, како и останатите граѓани од општата популација. Ние мораме да се бориме против нивната дискриминација, против нивната ексклузија од општествените текови. Ова е ден кој треба да го инспирира нашето сочуство со оние кои страдаат, но во исто време и ден за нивно вклучување и интеграција во социјалната и општествена средина и ден кој треба да им отвори надеж за подобра иднина.

На говорот присуствуваа и Министерот за труд и социјална политика  Диме Спасов,  продеканката  на Филозофскиот факултет во Скопје проф. д-р Аница Драговиќ и многу други професори, академци, лекари и студенти. Професорот Трајковски за доктори.мк вети дека во текот на месецот април ќе ни презентира текст во кој ќе биде опишан аутизмот како состојба, како и фактите кои треба да ги знае секој современ човек, бидејќи аутизмот е состојба која е со тренд на раст и потребата од поголемо информирање, побивање на митовите и потенцитање на фактите  е повеќе од очигледна ...
 

 

Дознјате повеќе за проф.д-р Владимир Трајковски>>> 

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

 


 

 

www.doktori.mk, 03.04.2014

Последна вест

Најчитани статии - медицина