Гојазност и пародонтопатија

доктор по стоматологија

Пародонтопатијата е второто по зачестеност орално заболување. Најновите истражувања од областа на стоматологијата докажале дека гојазноста е поврзана со пародонтопатијата.

Зголемувањето на телесната тежина кај мажите значајно ги зголемува шансите за пародонтопатијата да се влоши. Следењето на “брзината” на добивање на телесна тежина може да даде основа за да се предвиди текот на пародонтопатијата. Кај мажите кои на почетокот имале вишок килограми, и потоа набрзина добиле во телесната маса имаат изразени пародонтопатични промени. Особено значаен показател се смета зголемувањето на обемот на стомакот, што претставува мерка за висцерална гојазност т.е. обложување на внатрешните органи со масно ткиво.


 Кога внимателно ќе се разгледаат сите здравствени компликации кои се последица од гојзаноста, наодите од истражувањето на стоматолозите за поврзаноста на гојазноста и пародонтопатијата, нема да бидат изненадување. Општо познато е дека голем број од гојазните луѓе се наклонети кон дијабетесот или повеќето од нив веќе го имаат. Ова заболување ги зафаќа и крвните садови, особено микроциркулацијата – како што се крвните садови на пародонциумот. На гингивата и пародонциумот особено лошо влијание имаат ендокрините проблеми кои се типични за гојазните луѓе.


 Од особено значење е начинот на исхрана на гојзаните луѓе, оралната хигиена и здравствените навики. Освен тоа, гојазните луѓе се склони и кон други заболувања како што се астма, остеоартритис, хипертензија, срцеви па и психолошки проблеми. Не само овие заболувања сами по себе можат да имаат негативни последици по потпорниот апарат на забот, туку и лековите кои ги земаат за нивно лекување секако дека дополнително ја влошуваат состојбата на гингивата. Инаку, лошото здравје на устата и забите докажано ја потенцира шансата човекот да стане гојазен. Стоматологот освен советите поврзани за оралното здравје, на ваквите пациенти особено треба да ги советува и за правилна и здрава исхрана.

 

Останати статии од авторот >>>

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или ремитување

www.doktori.mk, 25.03.2014

Последна вест

Најчитани статии - стоматологија