Заљубеност

специјалист уролог, Специјална болница "Св. Еразмо" - Охрид
професор по "Хирургија со нега" и "Полово образование" на Универзитетот "Св. Климент Охридски" - Битола

Лудо сте заљубени, ама сте и свесни дека тоа чувство, најубаво од сите, обично, е со краток век. Но, можно е повторно да се оживее.


Дали има нешто поубаво од чувството на заљубеност? За жал, сите знаеме дека кога-тогаш мора да слеземе на земја. Откако врската ќе потрае неколку години, тоа чувство почнува да се топи некаде меѓу претпријатието, работата во домот и што не друго. Тоа не значи дека некогаш лудо заљубените и понатака не се сакаат. Разликата е во тоа што срцето не им чука возбудено штом се погледнат, како што било некогаш. Сето тоа изгледа како некој со невидлива рака ја намалил температурата на врската. Англиските истражувачи дошле до заклучок дека таквата ситуација не е знак дека треба да се бара љубов на ново место, туку тоа е вистинско време за враќање на врската. Како тоа да се постигне?



Мал гест – голема добивка

Во почеток никој не треба да ни зборува што треба да правиме. Тогаш сите можни љубовни идеи ни доаѓаат напамет. Во состојба сме со часови да ја слушаме љубената особа. Сепак, доаѓа време кога вниманието кон особата во која сме заљубени помалку се гасне и со тоа како да е изгубен дел од љубовта. Тогаш малиот гест е од голема вредност за врската.
Што треба да се направи? Размислете со каква ситница можете да го изненадите. Тоа може да биде филџан кафе за будење, СМС порака што вели: „Мислам на тебе“... Немојте да му префрлувате дека тој требаше така да направи, туку токму тоа што е од ваша страна направено позитивно ќе се одрази на вашиот однос! Немојте пребрзо да се откажете!



Време за разговор

Секојдневната комуникација ви се сведува на: „Како ти помина денот? “; „Добро“; „И мене; „Сакаш подоцна да ги измиеш садовите?“; „Мора ли?“ – досадно и неисправно.
Резервирајте си одредено време за разговор. Обезбедете ништо да не ви го одвлекува вниманието, како, на пример, вклучениот телевизор. Слушајте се еден со друг, бидете внимателни, гледајте се и поставувајте си прашања.
Во таквиот разговор можете да си користите две техники. За време на разговорот сетете се како тоа изгледало во вашите почетоци, што сте правеле, размислувајќи за тоа што нему најмногу ќе му се допадне. Вратете ја во сеќавањето својата врска од тоа време, неколку дена свесно набљудувајте што вашиот љубен најмногу го интересира. Зборувајте му за тоа. Другата техника е на партнерот да му го препуштите изборот на темата за разговор, а вие потоа резимирајте ја во неколку реченици. Така двајцата учите да се слушате еден со друг наместо однапред во главата да создавате одговори.



Малку карање не е штетно

Ако веќе сте се карале, тогаш добро знаете дека е најслатко после кавгата. На паровите на кои им недостасува чувството на заљубеност, обично, се тргаат од кавга, „поради мир во куќата“, „поради децата“ и сл. Многу парови брзаат во компромис, без претходно да ги отворат своите чувства. Последица на тоа е незадоволството од потиснатата лутина. А потиснатите чувства со време почнуваат да нè гушат.
Ако дојде до сукоб, не одолевајте му. Пронајдете издувен вентил за своето лутење. Смеете да викате и да трескате со вратата, зашто во таа фаза нема смисла разумно да се зборува. Дури по „вентилацијата“ ќе можете еден со друг да се слушате, да ги размените арегументите и да пронајдете решение.


Јазикот на љубовта

Кога последен пат ви рекол: „Те сакам“. Некако не му паѓа на ум. Дали тоа значи дека не чувствуа љубов? Не, тоа е класичен пример на лоша комуникација. Љубовта и понатака е присутна, но некои работи ја засениле. Мажите, скоро, секогаш тврдат дека постојат различни начини на искажувањето на љубовта, а жените секогаш сакаат да ги слушнат оние три волшебни збора, и тоа, по можност, секој ден.
Психолозите изнесуваат пет главни изрази на јазикот на љубовта: заедничко минување на времето, грижа за партнерот, телесен контакт полн со љубов, нежни зборови и мали подароци. Кога сте свежо заљубени, јазикот на љубовта не е некој проблем, но подоцна како човекот да ги изгубил идеите. И, што е многу погрешно, луѓето поаѓаат од ставот дека и партнерот го чувствува истото.
Што да се прави? Надополнете ги мислите со реченицата „Се чувствувам заљубено кога...“ Кога ќе ги познавате потребите и желбите на партнерот, ќе ви биде полесно да реагирате со сопствените и со партнеровите чувства. Е, тогаш ќе се чувствувате сакани и чувани.


Поинаков секс

На прв поглед, иако е љубовниот живот добар, би можел да биде и повозбудлив. Се разбира, не близу до оној во почетокот на врската, кога одвај стасувавте да се приберете меѓу две љубовни игри. Сексот преминал во рутина што гуши секаква креативност. Стручните лица велат дека не е сексот тој што недостасува, туку недостасува интимноста. Недостасува блискоста, игрите во постелата што будат сексуални желби. Што е интимност? Интимност значи да се отвориш, да станеш ранлив, да се стопиш и да се измешаш со другиот, да се почувствува телесна блискост и надвор од спалната.
Може рутината да се избегне со пробање на нови положби, други места за водење на љубов, сè да се забави или да се забрза... Стручните лица предлагаат безгрижно да влезете во блиски односи со партнерот, повеќе заедно да се смеете и да правите мали глупости, зашто таквите работи отвораат и ослободуваат. Бидете нежни еден кон друг, допирајте се и љубете се, не само пред одење в постела. Искористете го времето кога сте заедно в постела како врв и зборувајте за било што ќе ви текне во главата во тој момент. Така се создава вистинска интимност. Сигурно ќе го препознаете старото чувство што било во почетокот.


Заљубеност во бројки

  • Дури 57% жени сакаат нивниот партнер да биде романтичен. За истото сонуваат само 18% мажи.

  •  Околу 43% жени мислат дека треба во посебни услови да добијат цвеќе од партнерот.

  •  Околу 63% мажи сметаат дека романтиката е преценета и дека е поважна присутноста на љубовта во секојдневниот живот.

  •  Кај 61% жени срцето посилно им чука кога добиваат мал љубовен знак од својот љубен.

дознајте повеќе за проф. д-р Миќуновиќ > > >

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 21.03.2014

Последна вест

Најчитани статии - животен стил