Орални оштетувања предизвикани од никотин - stomatitis nicotinica

доктор по стоматологија

Штетноста од пушењето цигари не се состои само од делувањето на никотинот, туку и од неговите хемиски, токсични, па и канцерогени агенси, како и делувањето на топлината која се создава при самото пушење.


Тежината на оштетувањата зависи од повеќе фактори и паралелна е со возраста од која личноста почнала да пуши, бројот на години који пуши, бројот на испушени цигари во текот на еден ден, како и отпорноста на оралната слузокожа. Кај пушачите на румениот дел од усните се создаваат бели наслаги хиперкератотични епител, кои се изузетно изразени на местото каде пушачот ја држи цигарата. Овие наслаги се кружни, со пречник од неколку милиметри до еден сантиметар. Лежат во нивото на епителот или се благо издигнати над него. Епителот на тие места е сув и рамен. Додека кај страствените љубители на никотинот румениот дел од усните е во целина обелен. Исто така се забележуваат и црвени точки, кои претставуваат инфилтрирани отвори на ситните мукозни плунковни жлезди. Кај хроничните пушачи, во усната празнина, промените најчесто се видливи на мекото и тврдо непце ( ,,пушачко непце,, ), но и на други делови од оралната слузокожа ( на слузокожата на образот ).


Прво се појавува црвенило ( enantem ), а потоа опалесценција и хиперкератоза, така што овие површини преминуваат во бели. Потоа се формираат бели површини со црвени точки, а тоа се отвори на инфламираните плунковни жлезди. Променетите плунковни жлезди се во облик на црвени папули со бела подлога, чија е големина околу пола милиметар, а централниот дел им е зголемен. Изразена е посебно леукоплакија ( бели флеки на оралната слузокожа ) на непцето и на слузокожата на усните, најчесто непосредно зад аголот на усните. Слузокожата на образот е изразито сува и подложна на оштетувања. Некои автори оваа хиперкератоза ја именуваат како: leukoplakia nicotinica, leukoplakia exfoliativa, затоа што после престанувањето на пушење може постепено овие промени да имаат инволуција или да исчезнат, но за тоа е потребен долг временски период. Меѓутоа, не треба да се изостави и тоа дека овие промени можат доста често и малигно да алтерираат.


Јазикот кај пушачите е обложен, некогаш е пребоен од никотинскиот пигмент и потсеќа на црн јазик ( lingua nigra ). На белите површини се забележуваат црвенкасти точки, кои поради контрастот во бојата се многу забележителни. Забите на пушачите, како и протетските надокнади се пребоени со темен пигмент. Никотинската пигментација и пребоеноста на забите најизразена е на предните заби и тоа на нивната орална површина. Кај хроничните пушачи, забите можат трајно да ја променат својата боја. Од нивната уста се осеќа карактеристични мирис. Субјективните тегоби се незнатни. Повеќето се жалат на горчина во устата. Овие тегоби се најизразени наутро. Од останатите тегоби изразени се рапавост на оралната слузокожа и намалена саливација. Слузокожата преминува во сува и е подложена на механички и други оштетувања.

 

Повеќе за д-р Елена Мојсовска >>>

-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 13.03.2014

Последна вест

Најчитани статии - стоматологија