Искрена насмевка

специјалист уролог, Специјална болница "Св. Еразмо" - Охрид
професор по "Хирургија со нега" и "Полово образование" на Универзитетот "Св. Климент Охридски" - Битола

Многубројните научни испитувања го потврдија со векови познатото позитивно влијание на насмевката на здравјето. Искрената насмевка го освежува животот, го засилува имунитетот, а на пациентите им помага да се соочат и полесно да се носат со својата болест.

Единствено живо битие на Земјата што може да се смее е човекот. Како што секоја клетка во човечкиот организам има своја функција, така е важна и улогата на насмевката. Секому му е потребна насмевката, без разлика на карактерот, на верата, на расата, на годините или на животната средина. Не само што го освежува нашиот живот, туку поттикнува низа позитивни процеси во нашиот организам што нè прават поотпорни на разни болести. Направени се многубројни испитувања што го потврдуваат позитивното влијание на смеењето на здравјето и на продолжувањето на животот. Така, испитувачите од Harvard Medical School, кои ја испитуваа виталноста на особите во зрели години, откриле дека луѓето со искрени чувства за хумор имаат голема шанса да ја дожовеат стотата. Откриле дека смислата за хумор и шега знатно го продолжува животот, ја поттикнува човечката среќа, ги зголемува одбранбените способности, ја оплеменува душата и телото.


Смеењето е најдобар лек

Во пословиците се укажува дека смеењето е најдобар лек. Тоа не е далеку од вистината. Иако не е докажано дека со смеењето е излекувана некоја болест, за влијанието на смеењето на здравјето се зборува со векови. Верувале или не, некои хирурзи во XIII век го користеле хуморот како на пациентите би им го оттргнале вниманието од болката за време на лекувањето. Смеењето како терапија се користи уште од пред 40 години, а таткото на таа метода е американскиот доктор Пач Адамс (Patch Adams), кој верувал во лековитоста на смеењето. Стана популарен со отворање на болница во 1972 година во Западна Вирџинија во која децата ги веселел со своите шеги.


 По неговиот пат се движи и италијанското здружение Ridere per vivere (Смеење за живот), чии членово „доктори кловнови“ ги посетуваат педијатриските одделенија низ целиот свет. Тие не се вистински доктори, но ја поминале обуката како би се оспособиле за работа со мали болни деца. Создавачот на психоанализата Сигмонт Фројд (Sigmunt Freud), исто така, го препознал ослободувачкото влијание на хуморот како една од добрите одбрани од тагата.

Хуморот го брка стресот

Подигнувањето на доброто расположение е составен дел на многубројни антистрес-програми, зашто смеењето го намалува новото на стрес-хормонот, како што е: адреналинот, допаминот и кортизолот. Во ова време, кога најмногу дејствуваат вирозите, треба да се знае дека смеењето го зајакнува имунолошкиот состав со зголемувањето на: бројот и активноста на NK клетките („natural killer“, еден тип на бели крвни клетки со главна функција заштита на организмот од болест), со зголемувањето на бројот на активните Т-лимфоцити и производството на антитела од B-лимфоцитите (со што се зголемува одбраната на организмот), со зголемувањето на нивото на гама-интерферонот и др. Но, треба да се знае како да се смее. Најдобро е силното стомачно смеење. Тоа е како вежби за длабоко дишење. Со тоа смеење се исфрла воздухот од белите дробови, што инаку заостанува во организмот. Па така, силното смеење позитивно дејствува кај емфиземот и кај другите белодробни заболувања. Општо, со смеењето се зголемува бројот на отчукувањата на срцето, се продлабочува дишењето, се активираат бројни мускули (стомачните, меѓуребрените, мускулите на лицето, па дури и мускулите на рацете, на нозете и на грбот).


Без иронија

Со смеењето се троши и енергија, така што за неколку минути се троши енергија како за 15 минути вежбање на статичен велосипед или 10 минути вежбање на справа за веслање. Сепак, најголемата добивка од смеењето е на психичката и на емоционалната сфера.
Познато е дека со пуштањето на ендофиринот во мозокок се намалува чувството на болката, се зголемуваат позитивните емоции и општото чувство на благосостојба. Смеењето е голем помошник во медицината и им помага на болните да се соочат и да се научат да ја поднесат својата болест.


Се разбира, никој не може да се смее сосила, а смеењето да би било делотворно мора да извира од срцето. Исто така, треба да се разликува природно и искрено смеење од иронично потсмевнување во кое нема ништо добро ниту, пак, дејствува благотворно на нашето здравје.

Учење за смеење

Живееме во свет во кој сме притиснати со своите сопствени грижи и опкружени сме со насилство, па ни се чини дека сме заборавиле да се смееме. Дали се смееме доволно често и искрено или само да ја задоволиме формата, па нашата насмевка, најчесто, е „кисела“? Многу земји што се загрижени дека нивното население повеќе чесно не се смее одлучиле да ги подучат како да се смееат. Така, во Берлин во 2005 година отворено е училиште за смеење. Во Индија има 400 клубови за смеење, а уште толку се во другите земји. Д-р Катали, кој раководи со еден клуб во Индија, вели: „Ако не ти се смее, во почеток глуми дека ти се смее, па ќе ти се разбуди желбата за смеење“. Не треба да се заборави дека смеењето не е само благородно за човечкиот организам, туку и за општеството во целина. Тој е клуч за толеранција и мелем за меѓучовечките односи.

Добро е да правите добро, а уште е подобро е да дарувате насмевка, која ништо не ве чини, а делува волшебно.

дознајте повеќе за проф. д-р Миќуновиќ > > >

www.doktori.mk, 21.02.2014

Последна вест

Најчитани статии - животен стил