Доктори.мк | Фимоза - Кога кожичката не може да се повлече преку главата на пенисот | Fimoza-koga-kozickata-ne-moze-da-se-povlece-preku-glavata-na-penisot | Портал за медицина и здравје

Фимоза - Кога кожичката не може да се повлече преку главата на пенисот

Фимозата е состојба која ги погодува голем дел од машките новороденчиња, но и младите мажи кои се соочуваат со познатиот проблем на неможност да се повлече кожичката на пенисот преку глансот. Денес ви откриваме повеќе информации во врска со оваа состојба, би било корисно оваа статија да ја прочитаат сите мажи, а особено младите и загрижени мајки ...

Најпрво да го срушиме митот дека фимозата е исклучиво вродена состојба. Не, фимозата најчесто е вродена, но може и да се стекне од повеќе причини, и тоа во било кој период од животот. Најчесто точниот причинител зошто доаѓа до фимоза во постари години не е познат, но со сигурност се знае дека фимозата не е само вродена состојба. Една од причините кои научниците ги потенцираат е хигиената на пенисот. Тие велат дека неадекватната хигиена, особено не миењето на пенисот по сексуален однос може да доведе до фимоза кај возрасни поради задржување на некои микроорганизми, кои можат да влијаат на овој дел од ткивото. Дијабетот исто така е ризик фактор кој може да доведе до фимоза во постара возраст.

Симптоми на фимоза

  • Нелагодност за време на сексуалниот однос, или неможност за сексуален однос 

  • Неможност за одржување на добра хигиена, развивање на инфекции

  • Често јавување на болки или чувство на стегање или нелагодност при мокрењето

Компликации од фимоза

  • Инфекции

  • Зголемен ризик од карцином

  • Чешање и потекување

  • Болки

  • Прекинување при мокрење, опструкција на мочното каналче, болка при мокрење

Сепак фимозата има карактеристични симптоми во зависност од индивидуата. Најчесто се јавува кај новороденчиња, што понатаму само се корегира со текот на растот и развојот на пенисот. Но понекогаш останува и не ретко се среќава кај деца во претшколска возраст па и кај тинејџерите. Многу често децата не се свесни дека ја имаат бидејќи нема посебна симптоматологија се до моментот кога ќе станат сексуално активни. Мора да напоменеме дека не веднаш кај новороденчињата треба да се крева паника за фимоза, бидејќи е нормално да изгледа дека френулумот е краток и дека кожичката е тесна, бидејќи во тој период од животот кожичката е потребно да биде прилепена за слузокожата на главичката за да го штити од амонијакот на урината кој може да ја иритира. Затоа мајки, не паничете, оставете, во најголем процент со текот на времето се си доаѓа во нормала. Сепак доколку детето и понатаму со тек на годините не пројави корекција на фимозата, потребно е да се обратите на преглед. Бидејќи ќе биде неопходно да се превземат некои форми за корекција.

Што сами можете да направите?

Доколку имате проблеми со повлекивање на кожичката, најпрво треба да пробате сами дома со постепено протегнување во бања, додека го миете со топла вода и сапун. Тегнете полека, но не претерувајте доколку почувствувате болка престанете и наредниот пат пробајте повторно. Ова се однесува за тинејџерите кои често го имаат проблемот на блага форма на фимоза. Сепак доколку е скоро неможно воопшто да се повлече кожичката тогаш не правете ништо сами, побарајте лекарски совет. Важно е да ви нагласиме една од грешките кои често тинејџерите знаат да ја направат, а тоа е купувањето на разни типови на масти и креми со кои пробуваат сами дома да го решат проблемот. Немојте да правите ништо без препорака и совет од лекар, бидејќи можете да направите иритации, црвенила и воспаленија, и да доведете до интензивирање на фимозата.

Што може да се направи медицински?

Често се превземаат хируршки зафати. Иако ова "хируршки" звучи малку сурово, сепак се работи за многу прост зафат, кој се изведува со локална анестезија, нема болки и решението е за само неколку минути, сепак во зависност од типот и зафатеноста. По интервенцијата пациентот одреден период кој ќе му го посочи хирургот не треба да има секс, не треба да се бања во базенти и море, но периодот трае кратко и најчесто по некојлку недели (најчесто 3 недели), пациентот може повторно да се однесува без ограничувања.  Сепак постојат различни типови на фимоза и различни начини на хирурша интервенција, побарајте од вашиот лекар да ви биде објаснето која метода за вас најмногу ќе одговара и како ќе биде изведувана како и времето за опоравување и ограничување. Важно е да се потсетат мајките дека не смеат да прават агресивни движења на кожичката на пенисот и дека само можат да пробаат да ја повлечат, ако сметаат дека има проблем веднаш треба да се консултираат со лекар без да се обидуваат да превземат било што. Лекарите често советуваат и препишуваат кортикостероидна маст, ова вие никако не треба да го земате на своја рака без совет од лекар без разлика на која и да сте возраст.

 

 

 

www.doktori.mk, 15.02.2014

Последна вест

Најчитани статии - медицина