Што е среќа?

специјалист уролог, Специјална болница "Св. Еразмо" - Охрид
професор по "Хирургија со нега" и "Полово образование" на Универзитетот "Св. Климент Охридски" - Битола

Секој е ковач на својата среќа. Каква заблуда! Нашата среќа, во најголема мерка, ја „коваат“ гените, а потоа следува влијанието на средината во првите три години од животот.


Крајната цел на секое човечко битие е среќата. Аристотел уште пред 2360 години заклучил дека многу луѓе сакаат богатство или слава не за да бидат богати и славни, туку да бидат среќни. Иако е дискутабилно колку славата и богатството носат среќа, факт е дека среќата е мотивација на сите наши постапки. Можеби звучи неверојатно, но нашата среќа, во најголема мера, ја „коваат“ гените, а потоа следува влијанието на средината во првите три години од животот. УНИЦЕФ во кампањата за детското воспитување изнесува дека „првите три години се најважни“, зашто во тој период детскиот мозок е најчувствителен и најподложен на влијанија. Дете родено со генетски предиспозиции за лошо расположение и кое во првите три години е изложена на негрижа, на запоставувањето или на насилие, највероватно, ќе биде несреќно цел живот.


Најсилен доказ на оваа теза го даде испитувањето на еднојајцевите и разделените близнаци од проф. д-р Давид Ликен од универзитетот во Минесота. Со анализата колку се среќни луѓето со исти гени и со различни животни средини, докажал дека 60 отсто среќата е генетски условена, а не со разликите во животната средина како: воспитувањето, образованието, вработувањето и др.

Среќен или несреќен мозок

Професорката Ненси Сегал од Универзитетот на Калифорнија ги испитувала близнаците и среќата. Таа тврди дека се раѓаме со биолошка „програма“ што одредува колку ќе бидеме среќни во животот. Категорична е дека сите имаме вродено ниво на среќа. Најмногу што можеме да направиме е да ја подигнеме нашата среќа малку над таа природна почетна точка. Многу повеќе од нашите напори, среќата зависи од гените што влијаат на темпераментот и отпорноста на стресот и така непосредно предизвикуваат расположение. Раположението е функција на централниот нервен систем, кој одредува како се чувствуваме однатре. Со тоа се одржува желбата за живот. Тоа е причина поради која најголемиот процент на самоубиства се должат на нарушувањето на расположението: депресија (две третини) и анксиозност (една петтина).


Во последниве години се откриени неколку гени што ги одредуваат карактериситиките на неуроните во мозочните центри за расположението и за стресот што го пренесуваат сигналите меѓу неуроните. Во најголема мера со расположението се поврзани невропреносителите допамин и серотонин и стресниот хормон кортизол. Овдека важи правилото: повеќе допамин и серотонин со помалку кортизол оди со високо расположение и со оптимизам; помалку допамин и серотонин, а повеќе кортизол предизвикува нерасположение и песимизам.

Со лекови против тагата

Ако сте родени со несреќни гени или во раното детство животната средина ви била неповолна, има терапија со чија помош може расположението да се донесе блиску до нормалното. Многуте испитувања покажале дека антидепресивите кај повеќето заболени од депресија и од анксиозноста ги ублажуваат негативните и болните емоции. Проф. Брајан Кнутсон докажал дека антидепресивите ја смалуваат потиштеноста и стравот и позитивно дејствуваат на самодовоербата и ангажираноста. Засега антидепресивите не можат човекот да го направат еуфоричен, но го подигнуваат расположението „над нулата“ и така ја враќаат желбата за живот.


Американците годишно трошат над 750 милиони долари за книги за самопомош, а повеќе од 100 факултети го имаат предметот на позитивна психологија „наука за среќа“. Исто така, и во западните земји се трошат многу пари на психолошката помош за постигнувањето на среќата. Имајќи го во вид тоа, луѓето би требало да пукаат од среќа, но статистиката зборува за сè поголем број на болни од депресија и анксиозност. Ако го одземеме влијанието на гените и на животната средина во детството, ќе се заклучи дека под наша контрола е околу 10 до 15 отсто нашата субјективна душевна благосостојба, што е стручен термин за среќа. Како да ги искористиме овие 15 отсто на кои можеме да дејствуваме?

Само сиромавите се среќни со пари

Парите го подигнуваат расположението кај луѓето на кои им недостасуваат основните работи, но кога ќе заработат доволно за да можат да си дозволат вообичаени задоволства, повеќе парите нема да им го крене расположението. Затоа луѓето, наместо да складираат предмети, вниманието треба да го насочат на чувањето на тоа што го имаат. Тим Кетелер, психолог од државниот универзитет во Мексико, заклучил дека на среќата загубата е многу посилна од добивката. Неговите испитувања покажаа дека студентите со високи оценки не се посреќни од оние со пониските, но и едните и другите тагуваат кога оценките ќе им паднат (од десетка на деветка или од седумка на шестка). Тоа се однесува и на имотот. Повеќе се тагува ако нешто се изгуби, отколку што ќе уживаме ако нешто добиеме.


Всушност, што е среќа?

Многу од луѓето како составни делови на среќата ја опишуваат: љубовта, радоста, сигурноста, задоволството и ситоста, додека со несреќата ја поврзуваат телесната или душевната болка: нерасположението, тагата, стравот, осаменоста, неизвесноста и др. Среќата може да се дефинира и по заобиколен пат: состојба на среќата ја препознаваме по тоа што сакаме да трае или да ни се врати; обратно, несреќата е состојба што сакаме да помине многу бргу и никогаш повеќе да не ја доживееме.

Луѓето среќата најмногу ја опишуваат како:

  •  состојба на задоволство и спокој;

  •  состојба на пријатно постоење;

  •  постојано добро расположение;

  •  психолошка благосостојба.

дознајте повеќе за проф. д-р Миќуновиќ > > >

www.doktori.mk, 09.02.2014

Последна вест

Најчитани статии - животен стил