Доктори.мк | Црн чај - омилениот пијалок на вашето срце | Crn-caj----omileniot-pijalok-na-vaseto-srce | Портал за медицина и здравје

Црн чај - омилениот пијалок на вашето срце

Иако зелениот чај е еден од најактуелните во последно време, црниот чај е чај кој има долга традиција и потврден квалитет. Црниот чај е меѓу најпродаваните чаеви во западните земји, а тој всушност како што научниците милуваат да кажат е роден брат на зелениот чај и двата чаја потекнуваат од билката Camellia sinensis. Од оваа билка освен зелениот и црниот се добива и бел чај, сите три имаат одлично влијание врз организмот.

Црниот чај во споредба со своите "браќа" содржи најголемо количество кофеин, тоа значи дека овој чај е идеална замена за кафето и енергетските пијалаци. Во повеќе наврати биле испитувани лековитите својства на црниот чај. Во скоро сите испитувања било потврдено дека тој има одличен ефект врз здравјето на срцето и крвните садови, научниците велат дека посебно добро е тоа што ги спречува воспалениата на ѕидовите на крвните садови што превенира многу заболувања. 

На Boston University School of Medicine било направено истражување во кое биле вклучени група на пациенти кои имале срцеви заболувања и требало да пијат по 4 чаши црн чај дневно, додека контролната група, исто така пациенти со срцеви заболувања, не требало да пијат црн чај. По еден месец прегледите во универзитетот покажале дека пациентите кои пиеле црн чај покажале за 50% подобрување во срцевата работа и здравјето на крвните садови во споредба со оние кои не го консумирале, а исто така од групата на пациенти високоризични за срцев удар спаднале во групата на пациенти со умерен ризик.

Освен за подобрување на функцијата на срцето овој чај е одличен и за подобрување на мозочната функција, и функцијата и здравјето на белите дробови. Научниците велат дека е одличен пијалок кој треба да го користите во период на физичка или психичка активност, бидејќи дава концентрација, енергија и го подобрува рефлексот, што го прави напиток поволен и за возачи. Ако зборуваме за антиоксиданти можеме да кажеме дека нив ги има можеби малку во помала количина од оние во зелениот чај, а да се потсетиме дека тие имаат клучна улога во одржување на организмот, успорување на стареењето и заштита од карциноми.

За црниот чај може уште многу да се пишува, ние ги напишавме основните негови карактеристики, ако во моментот се прашувате дали да пиете зелен или црн чај? Ние ќе ви одговориме, изберете сами, и двата се одлични за здравјето, единствено што мораме да напоменеме е да внимавате да не внесувате претерани количини на црн чај бидејќи кофеинот во поголеми количини има штетен ефект за здравјето. Четири чаши црн чај распоредени во текот на денот за лица кои не се сензитивни на кофеин е одличен избор.

 

www.doktori.mk, 07.06.2014

Последна вест

Најчитани статии - исхрана