Доктори.мк | Малите тајни ја чуваат врската | Malite-tajni-ja-cuvaat-vrskata | Портал за медицина и здравје

Малите тајни ја чуваат врската

специјалист уролог, Специјална болница "Св. Еразмо" - Охрид
професор по "Хирургија со нега" и "Полово образование" на Универзитетот "Св. Климент Охридски" - Битола

Тајните и лажењето не се основа за добра врска, ама тоа не е ниту потполната искреност. Подобро е некои теми да се заобиколат.

Во почетокот на врската, потполната искреност, проследена со страст, може да се смета за доказ на љубов, но со тек на време може да исцрпува, да ја „гуши“ врската. Малите тајни освежуваат и ја збогатуваат врската како чистиот воздух што влегува низ отворениот прозорец во прегреаната и загушливата соба.


Секоја личност си има свои мали тајни што и служат како поттик и како инспирација. Тие тајни ја збогатуваат личноста и врската. Тој мал таен свет во некои моменти е корисна утеха, извор на желби и цели што треба да се остварат. Секого во текот на животот го следат илузии и разочарувања што користат полесно да ја прифатиме реалноста, ама се и поттик полесно да ги совладаме тешкотиите и да си го олесниме животот. Благодарение на илузиите и на разочарувањата, се обидуваме да изградиме свој свет и во животот со двајца. Тоа не значи дека мораме да зборуваме за нив, доволно е да постојат.


Што треба да си признаеме

Голем број од паровите врската ја замислуваат како однос во кој тајните се забранети, однос за чиј успех најважна е потполната искреност и отвореност. За нив таквиот однос претставува сигурна заштита од разочарување, измама и психичка болка. Некои психотерапевти и сексолози таквиот став го објаснуваат како страв од соочување со самиот себе, страв од самотија и запознавање на сопствените особини што не сакаме да ги прифатиме. Тие особи, зборувајќи отворено, за сè веруваат дека ќе ја избегнат самотијата, дека ќе го задржат чист односот и сопствената личност.


„Да сакаш значи ништо да не криеш од партнерот“, тоа е правило по кое тие особи се однесуваат во врската, на таквиот став ја темелат сопствената врска и зависно од искреноста го оценуваат квалитетот на врската. Според нивното верување, потполната искреност и отвореноста се вистински доказ за љубовта. Но во обидот на давање и на примање потполна искреност може да се крие бегањето од сопствените особини, желбата да се прикаже поинаку, подобар. Стручњаците тврдат дека е погрешно да се верува оти немаме никакви тајни. Голем број од нашите мисли, тие што нè вознимируваат, и не се во склад со воспитувањето или со општествените правила на однесувањето. Таквите мисли минуваат низ одредени филтри за кои не сме свесни и таму остануваат. Со други зборови, многу од тоа несвесно го потиснуваме, го ставаме во „темниот“ дел од својата личност. Како што треба да научиме да го почитуваме тој свој „темен“ дел, мораме да прифатиме дека таков дел има секој, па и особата со која живееме, која ја сакаме и од која очекуваме да нè сака.


Дали тајните се најдобар сојузник во животот на двајца, потиснувајќи ги мислите и желбите, одмереноста во изразувањето на сопствените мисли и желби? Не се. Здравиот и стабилниот однос се темели на искреност, а не на барање и на давање на потполна отвореност зашто потполната искреност може да предизвика повеќе штета отколку корист. Значи, златното правило за квалитетна врска е старата позната пословица: „Испечи, па речи“.
Корисно е да се научи да се препознае тоа што би можело штетно да дејствува на врската и тоа да се задржи за себе. Тоа не значи ниту да се крие ниту да се лаже. Пожелно е заеднички да се анализираат и да се критизираат некои особи, некои постапки, некои случувања, пожелно е да се поделат некои сомнежи, стравови или желби, но само оние кои партнерот навистина може да ги разбере и во кои може да учествува. Сето она што ја прави длабоката интима на една особа, сето она што е врзано исклучиво само за нас пожелно е да се задржи на вистинското место во „темниот“ дел на сопствената психа.

Вистински соговорник


Има луѓе со потреба да зборуваат, да анализират и да коментираат за сè. За нив недостаток на таквиот разговор претставува голема мана, всушност големо оптоварување што им го отежнува животот. На нив им е потребен доверлив соговорник за кого не се врзани со длабоки чувства. На тој начин особата со која живее и која ја сака нема да ја оптоварува со грижи и со проблеми, нема на својот партнер да му направи чувство на немоќ и фрустрација што може да ја „олади“ врската.


 Пред да го почнете разговорот со својот партнер за некое болно искуство од детството или од младоста, за некои доживувања и за членовите од сопствената фамилија – двапати помислете. Вашиот партнер некои делови од вашето минато ќе ги разбере на свој начин, тие можат да бидат причина за вашата личност да добие крива слика, да се посомнева во некои ваши особини. Ако немате пријател, пријателка или колега од работа со кои можете да поделите некои мисли и некои болни искуства, побарајте помош од психотерапевт или од психоаналитичар.

Корисна мала тајна

Иако нема водич за „правилна употреба на тајните“, постои интуиција, искуство и способност на самоконтрола што ни помага сами да го разликуваме тоа што е корисно да се подели со партнерот од она што е подобро да се задржи за себе. Сето она што е поврзано со најдлабоките чувства не е секогаш и тоа што можеме со партнерот да разговараме. Пожелно е добро да се извага и да се размисли отколку со потполна искреност да се докажува љубовта.
Дури и вонбрачната авантура, ако е една и случајна, според мислењето на сексолозите и психоаналитичарите, местото и е во „темниот“ дел на нашата личност. Зашто признавањето на таквата авантура, која нема иднина, може да ја уништи и најквалитетната врска на двајца луѓе што вистински се сакаат и се почитуваат, но ако остане тајна, таквата авантура може да ја подобри заспаната полова желба. Тоа не значи дека криењето и лажењето се основа на успешната и на долготрајната врска, туку дека на сите нам ни е потребен наш и само наш дел од животот, од минатиот, од сегашниот и од идниот.


Пред да прозборите

Пред да прозборите, постојат неколку прашања што се корисни да си ги поставите.
Проверете ја мотивацијата. Дали сознанието за интимното искуство би можело да ја наруши врсата. Ако му го раскажам во детали, нели е тоа некоја форма на егзибиционизам или садизам.
Проценете ги последиците. Дали реакцијата по раскажувањето на некое доживување или признавање на некое чувство ќе предизвика чувство на непријатност. Можеби тој повеќе сака да не знае за тоа што мислам да му го кажам.
Ако на овие прашања одговорите позитивно, подобро е мислата или случката за која сакате да зборувате да ја задржите за себе.

дознајте повеќе за проф. д-р Миќуновиќ > > >

Прочитајте повеќе за:

Здравјето треба да се контролира

Лекарска приказна која заслужува почит

Карањето е неизбежно

Мамурлак

Педофили на компјутер

Озборувања

.

 

www.doktori.mk, 01.02.2014

Последна вест

Најчитани статии - животен стил