Лекот за хемороиди е вешто скриен во природата

Дипломиран радиолошки технолог, студент по фармација

Хемороидите претставуваат едно од најчестите заболувања кај луѓето. Често е проследено со рецидиви. Хемороидите се проширени и воспалени крвни садови во и околу анусот и долниот дел на ректумот. Се манифестираат и кај машките и кај женските лица подеднакво. Појавата е позачестена над 50-годишна возраст, бидејќи сврзното ткиво на крвните садови и аналниот отвор со текот на годините старее и ја губи својата еластичност. Исто така, хемороидите се честа појава во текот на бременоста, но тоа не се поврзува со губење на еластичноста на крвните садови.


Непријатното чувство во пределот на анусот кое вклучува болка, силно пецкање, чешање и крварење го сигнализира присуството на хемороиди, кои никако не смеат да се игнорираат. Но, да не го заборавиме и најдобриот пријател на хемороидите – опстипацијата (нередовно и отежнато празнење на цревата, проследено со тврда и оскудна столица и чувство на недоволно празнење на цревата). При опстипација се јавува зголемен притисок во долниот дел на ректумот, што може да доведе до набабрување, односно до отекување на крвните садови околу аналниот отвор. Кој е резултатот? Резултатот е познат: претходно спомнатите клинички симптоми карактеристични за хемороидите.


 За среќа, постои еден природен продкут кој може да ги ублажи симптомите или целосно да ги излечи хемороидите. Неговото латинско име е Prunus domestica, а меѓу народот е познат како слива, модра слива. Модрата слива многу ретко се спомнува како здраво и лековито овошје. Но, таа содржи многу малку калории (околу 40 грама калории во 100 грама плод) и содржи многу корисни супстанции: бетакаротин, растителни влакна, растителни масла, витамини од групата Б, витамин Е, К, железо, калиум, калциум, магнезиум... Во алтернативната медицина се користи против: артеросклероза, болести на срцето и крвните садови, бронхитис, дебелина, губење на помнењето, депресија, екцем, кашлање, гадење и повраќање, зголемено ниво на холестерол, проблеми со црниот дроб итн.



 Сувата слива е најстарото народно средство против опстипацијата и хемороидите: делумно ги чисти цревата и не создава навика (што е чест случај со лекови). Оваа моќ се должи на пектинот, влакното кое бабри, ги притиска ивиците на цревата, а со тоа ја потикнува нивната работа. Најважно е да се погоди дозата на суви сливи. Премногу ќе предизвикаат бурна реакција – грчеви и дијареа, а премалку ништо. Обично се препорачува да се конзумираат од 5 – 8 суви сливи на ден, за да се нормализира столицата и да им се рече збогум на здодевните хемороиди.


Дознјате повеќе за Влатко Таневски >>>

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 23.01.2014

Последна вест

Најчитани статии - медицина