Лекарска приказна која заслужува почит - Ловџија повреден од мечка

специјалист уролог, Специјална болница "Св. Еразмо" - Охрид
професор по "Хирургија со нега" и "Полово образование" на Универзитетот "Св. Климент Охридски" - Битола

"Се дури не го погледнавме видеото, бевме убедени дека ваков лекарски успех не е можно да се постигне. Секоја чест за проф. д-р Миле Д. Миќуновиќ од болницата „Св. Еразмо“ од Охрид. Тој е пример кој сакаме да го следиме, а неговите дела се доказ како може и како треба.  " - од Тимот на Доктори.мк

Абстракт 

Се прикажува случај на ловџија повреден од мечка. Тоа е извонредно ретко во нашата земја и пошироко. Се прикажува значењето на оперативната интервенција во првите неколку часа по повредата. Направена е обработка на раните со пластика и трансплантација на кожата. 

Најголемиот дел од раните се на лицето во големина од 3 до 20 см , и тоа: на носот, на носните канали, на дел од окото, на десниот образ, на ушната школка со ушниот канал, на целата темпорална (слепоочна) кожа, на дефект на кожата на темето во вид на рамностран триаголник со димензии на страниците по 15 см, како и рани од 1 до 10 см на левата подлактица и на левата шепа. 

Примен бил во многу тешка општа и локална состојба, а по интервенцијата состојбата се нормализирала. Каснувачките рани (vulnus morsum) секогаш се контаминирани. Со добра обработка и испирање нашиот случај немаше инфекција.

 

ВНИМАНИЕ!

Се препорачува чувствителните особи да не го гледаат понатамошното излагање.

Следуваат многу вознемирувачки фотографии и видеа!

 

Наш случај 

Пациент А. Б. (2501/13), на 66-годишна возраст, примен е во нашата болница како хитен случај на 3. XI 2013 година поради повреди на лицето, на главата и на левата рака предизвикани од напад на мечка. Ловџија, со група од 20 души бил на отворање на ловот во хајка на диви свињи. Во ловот ненадејно им излегла мечка со мало мече. 

Мечката се свртила назад при што се удрила во дрво и не го видела мечето каде заминало. Се исправила на задните нозе, го видела ловџијата и со голема брзина се упатила кај него и го нападнала. Според очевидците, а и по исказите на повредениот, мечката го удрила со шепата по десната страна на лицето и паднал на земја. 

Веднаш потоа мечката се нашла над него, со заби му го зафатила темето од неговата глава, откинувајќи му парче од кожата заедно со меките делови и останала гола коска од черепот. Во тој момент зацвилело малото мече. Мечката се уплашила за него и го напуштила ловџијата, упатувајќи се кон мечето. 

На тој начин нашиот ловџија не го добил третиот и, најверојатно, смртоносен удар. Возбудената и уплашена група на ловџии веднаш го транспортираа повредениот во нашата болница. 

 

При приемот главата на пациентот беше во крв, како и горните делови од трупот по облеката. На прв поглед многу страотна и бизарна слика. Десната страна на лицето беше со повреда на кожата и на меките делови во правец на канџите од шепата на мечката, тоа беа четри ленти во должина од 8 до 20 см и со длабина од 1 до 2 см. 

 

3. XI 2013

Еден час по повредата, се влезе во операционата сала по давање на две единици крв. Во првиот акт се обработија раните на носот. Се направи реконструкција на носниот канал и пластика на кожата. 

Во вториот акт се отиде на обработка на другите три рани предизвикани од канџите на мечкината шепа. Флеповите се подигнаа, се исчистија меките делови со внимателна хемостаза и се направи пластика на кожата. 

Во третиот акт се обработија раните на десната ушна школка со реконструкција на надворешниот ушен канал, потоа трагусот, мекиот дел пред трагусот на лицето и задниот дел од ушната школка во должина од 3 см, а на крај и нејзинот врв. 

Во четвртиот акт се обработи кожниот дефект на темето на главата во вид на рамностран триаголник со должина од по 15 см. Се успеа еден дел од рабовите на триаголникот директно да се соберат со што триаголникот се намали по 5 см на секоја страна. 

Во петтиот акт се зеде трансплантат на кожа во должина од 6 см и ширина од 4 см. 

Во шестиот акт се направи пресадување на сободната кожа земена од десната надколеница и комплетно се затвори кожниот дефект на темето на главата. 

Во седмиот акт се обработија раните на левата подлактица, како и раните на левата шепа. Во текот на интервенцијата многу внимателно се водеше грижа за темелна обработка и темелно испирање на раните. 

Болниот беше задржан на болничко лекување 15 дена. На втората контрола, еден месец по операцијата, состојбата беше скоро сосема нормална, со незабележителни кожни лузни 

Дискусија 

Каснувачките рани (vulnus morsum) секогаш се контаминирани. Скоро секогаш се јавува инфекција зашто бактериите од усната шуплина директно се внесуваат во раната. Тие микроорганизми се многу вирулентни, а најчесто можат да се изолираат спирохети, стафилококи и различни Грам позитивни бактерии. 

Карактеристично е што микротромбозите во регијата на раната предизвикуваат забавено зарастување и покрај сите преземени терапевтски постапки. Во нашиот случај не дојде до инфекција на раните благодарение на брзата интервенција, на темелната обработка и на темелното испирање на раните. 

 

ЗАКЛУЧОК 

Прикажаниот случај на повреди од мечка е многу редок и е во прилог на заклучокот дека секоја рана што брзо се решава, побрзо и подобро се санира. Посебно внимание треба да се задржи на темелната обработка на раните и на нивното испирање. 

 

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

повеќе за проф. д-р Миќуновиќ > > >

www.doktori.mk, 21.01.2015

Последна вест

Најчитани статии - медицина