Карањето е неизбежно

специјалист уролог, Специјална болница "Св. Еразмо" - Охрид
професор по "Хирургија со нега" и "Полово образование" на Универзитетот "Св. Климент Охридски" - Битола

Луѓето доаѓаат во судир поради различни причини и карањето е дел од нашиот живот. Најважно е да знаеш да се караш.

Социологот Вилард Валер прв ја довел во прашање идиличноста на меѓучовечките односи. Судирите се дел од човековата природа, состевен дел на нашиот живот. Тој сликовито опишува: „Како што не можете да одите во пустина, а песокот да не ви влезе во облеката и во обувките, така не можете да одите низ животот без судири со луѓето околу вас“. Некои судири се позитивни, ги оживуваат односите, ја зацврстуваат врската, додека некои одат во непомирливи разидувања. Судирите на мислењата можат да преминат во карање, па и во физичко насилие. Постои и психичко насилство. За многумина тоа е потешка форма на малтретирање, не се гледа, тешко е да се докаже, ама повеќе и подолго боли. Има уништувачко дејство на врската, полека, ама сигурно, ја убива љубовта.



Луѓето доаѓаат во судир поради различни причини, а се караат зашто се во некоја врска: во љубовна, во роднинска, во соседска или во работна. Понекогаш нашите блиски и важни имаат нешто што ние не го сакаме, мислат или чувствуваат поинаку од нас, прават нешто што нам не ни се допаѓа и затоа сме во судир со нив. Што ќе направиме тоа да го смениме? Обично, сакаме да ги смениме другите зашто за себе мислиме дека сме, ако не совршени, барем во право! Значи, оние другите, сакаме да ги промениме: со молба или со сила, со разговор или со убедување, со сила на аргументи или само со сила. Зависно од ситуацијата и од особините на личноста, судирите се развиваат, ескалираат, се решаваат или траат.
Жените и мажите се карат на различен начин, а и причините за кавгата се различни. Што најмногу им пречи на мажите? Многумина се жалат дека жените премногу приговараат, постојано „дрдорат“ поради некои неважни работи. Како, на пример: оставаш зад себе работи по целата куќа, четкицата за заби не си ја вратил на своето место, не го крена капакот од WC - шолјата, не ги избриша чевлите пред вратата, не се јави дека не доаѓаш дома на ручек... Има и сериозни забелешки: таа постојано е со своите роднини, не знае да раководи со парите – премногу троши на секакви глупости, ги разгали децата, се дотерува претерано...


Што жените на своите мажи им забележуваат? Не минуваат доволно време со своето семејство, не се внимателни кон нив, забораваат на важни датуми, не сакаат да зборуваат за своите чувства, не сакаат да сменат некои од своите непријатни навики, немаат трпение, не ги сакаат „моите роднини“, многу често ја користат фразата „мајками тоа го правеше поинаку“...
Традиционалното семејство веќе не постои или, пак, е сè помалку „традиционално“. Жените ги сакаат рамноправните односи, па судирите избиваат поради неразбирање и неприфаќање на стереотипите дека жената треба да се прилагоди кон својот партнер, да се грижи за него и за неговите проблеми. Таа бара еднаквост, исти права, сексуална слобода, не сака да му угодува на својот партнер, ако тој не води грижа за нејзините желби. Иако се нејзините парични примања почесто помали, таа сепак е економски помалку зависна и не се согласува на подредена положба во куќата и во семејството. Тоа мажот го збунува и го прави несигурен, а некои тоа го лекуваат со агресија. Затоа е „црната хроника“ полна со насилие и со љубовни трагедии, а полни раце работа имаат женските здруженија и детските правобранители.
Судирите избиваат не само меѓу партнерите, туку и меѓу децата и родителите. Должноста на родителите е да се грижат за безбедноста и за развојот на своите деца. Оправданите барања и почитувањата на правилата децата го доживуваат како притисок и скоро како малтретирање. Одбиваат да ја прифатат одговорноста, понекогаш бегаат од училиште, од дома, а немоќните родители бараат помош кога веќе е доцна. Односите меѓу родителите и децата се градат од раѓањето, грешките тешко се исправуваат и стасуваат за „наплата“ во пубертетот. Функцијата и правилата мораат навреме да се воспостават, и едните и другите мораат да ги прифатат и да се придржуваат на нив.

Што да се прави кога ќе дојде до судир

  •  Не глумете го нојот, не ставајте ја главата в песок.

  •  Разговарајте за проблемот, со дијалог се доаѓа до решение.

  •  Отворено и јасно образложете што сакате.

  •  Бидете спремни да попуштите во некои барања зашто и другата страна морта нешто да „добие“.

  •  Сослушајте ја другата страна што има да каже.

  •  Разгледајте ги сите можни решенија.

  •  Одберете решение со кое двете страни (барем делумно) ќе се задоволни.

Што не треба да се прави, ако дојде до судир

  •  Не викајте, барајте да ве слушаат.

  •  Не навредувајте го достоинството на другата страна.

  •  Никогаш не употребувајте ги тупаниците или некое друго оружје.

  •  Иако сте навредени, не користете го молчењето како оружје.

  •  Игнорирањето и негирањето нема да го решат проблемот.

  •  Не одмаздувајте се и не мразете – негативната енергија секогаш како бумеранг се враќа.

Расадник за кавга

Вообичаена идеална слика е на рабата. Сепак, вработените и шефовите се луѓе. Да се биде шеф значи да се координира и да се надгелдува работата на повеќе луѓе, што, всушност, не е лесна работа. Сакате работата да се одвива стручно, квалитетно и навреме. А соработниците се различни, некои се спори, некои перфекционисти, некои преамбициозни. Ги има и такви кои немаат смисла за организација, кои задоцнуваат, кои озборуваат. Вистински расадник за судир од различен вид. Всушност не е можно да се избегнат судирите. Ако дозволите на работа да дојде до судир што не се решава, ќе трпи работата, а од работната атмосфера ќе остане само затруени меѓучовечки односи. Затоа на работа е добро да се следат некои правила на однесување.


 

  •  Соработниците се избираат според стручноста и знаењето, а не според „дедовци и вујковци“.

  •  Секој е одговорен за својот дел од работата, а тимската работа носи врвни резултати, само ако секој член од тимот точно знае што се очекува од него.

  •  Пријателските односи меѓу вработените придонесува за ефикасноста, а љубовничките тоа, обично, го уништуваат.

  •  Истото важи и за роднинските односи – да се биде шеф на сопствената жена или на синот или на ќерката е тешко! Ќе посакате некој од нив да ја напушти фирмата.

  •  Судирите на работа се решаваат со преговори, а не со озборувања!

  •  Најдобар начин да не дојде до судир е праведна и добра расподелба на работата, правичен однос кон сите вработени и соодветна награда на работата.

  •  Најубав начин да ја уништите работната атмосфера е да им дозволите на полтроните да ве „информираат“ кој што работи и што зборува.

 

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

повеќе за проф. д-р Миќуновиќ > > >


 

 

www.doktori.mk, 13.01.2015

Последна вест

Најчитани статии - животен стил