Новогодишни празници без пиротехника - прва помош при повреди со пиротехнички средства

Секоја година во болниците низ целата држава за време на новогодишните празници се јавуваат лица кои се повредени од пиротехнички средства. За време на највеселата ноќ во годината многу луѓе еуфорично користат разни запаливи пиротехники, па често еуфоријата знае да заврши трагично за некого.

Освен пиротехнички средства, се користи и оружје со кое се стрела во воздух како знак на одбележување на новата година, па затоа многу често може да настрадаат невини лица од заскитан куршум, а некои дури и да завршат трагично - каков што пример имавме неодамна во нашата држава. Министерството за Внатрешни работи и оваа година предупредува дека дистрибуцијата, продавањето и употребата на пиротехнички средства е строго забрането и казниво со закон, а секој оној кој што ќе биде затекнат како продава, дистрибуира или употребува пиротехнички средства ќе биде санкциониран и против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.

Прва помош

Ако се случи повреда тогаш е потребно веднаш да се обратите на одделението за Брза помош. Обично се работи за изгореници од различен степен, повреда на очите, слухот, а поретко може да дојде и до отворени рани или откинување на дел од телото, најчесто прстите. Пред да се обратите на Брза помош, потребно е доколку се работи за изгореница да ја ставите под млаз вода постојано да ја ладите за да се спречи натамошно оштетување на ткивото, истата лабаво да ја преврзете и секако да се обратите на Брза помош. Ако се работи за отворена повреда, потребно е да ја стерилизирате раната со некое средство кое го имате при рака, а потоа да ја преврзете со стерилна газа. За било која отворена рана предизвикана од пиротехнички средства - веднаш побарајте лекарска помош.

За Новата година да не ви се претвори во кошмар, избегнувајте употреба на пиротехника, а особено внимавајте на вашите деца. Тие често се љубители на пиротехниката, а со своето незнаење и неискуство многу често можат да настрадаат и да си предизвикаат и сериозни повреди. Особено е опасно пиротехнички средства да се пукаат во рака или да се фрлаат во толпа со луѓе. Одговорноста на секој граѓанин треба да биде на високо ниво за да не се случат несакани настани. Од МВР апелираат до граѓаните дека оваа година особено ќе се обрне внимание на употребата на пиротехника, а оние кои ја употребуваат ќе бидат строго санкционирани без исклучок.

 

www.doktori.mk, 30.12.2013

Последна вест

Најчитани статии - медицина