Мамурлак

специјалист уролог, Специјална болница "Св. Еразмо" - Охрид
професор по "Хирургија со нега" и "Полово образование" на Универзитетот "Св. Климент Охридски" - Битола

Од веселата ноќ телото заздравува за два дена. Има многу рецепти за ублажување на мамурлакот, но ниеден не е вистинскиот. Докторите тврдат дека најдобро ќе му помогне на телото комбинацијата од ацетилсалицилната киселина, сода бикарбона и витамин Ц.

Се приближува времето од годинава кога наутро, по веселата ноќ, многумина ќе се заколнат: „Никогаш повеќе ниту капка алкохол“. Прекумерното пиење е причина за мамурливост, што многумина не ќе се отрезнат сосема. За ублажување на мамурливоста (латински crapula) има многу „рецептои“ но ниеден не е сигурен. Старите Римјани пред пиење обилно јаделе, а по пијанчењето земале големи количини салати. Во Америка, во прво време, кока колата се продавала како лек против мамурлакот, а потоа им стана омилен пијалак на младите. Француски совет: ситни коцки од леб да се потопат во млеко или во пилешка супа. Кај нас се препорачува „проверениот“ расол од кисела зелка. На сите им е познат најлошиот совет: „клин со клин се избива“, а тука влегуваат рецептите со коктели од вотка и домати. За новогодишните празници, веројатно, сте се снабдиле со „пристојно“ количество на алкохолни пијалаци и, во овој момент, не мислите на главоболката и на мамурлакот, со кои, можеби, ќе се разбудите следното утро. После поголемо јадење и пиење, се чувствувате како „претепани“ и мамурни. Поради тешкото варење и поспоро движење на крвта, оптоварени со вишок белковини, отежнато е снабдувањето со кислород на сите органи, посебно на срцето и на мозокот.

Метанолот предизвикува најтешки мачнини

Алкохолните пијалаци, иако се пијат за „закрепнување“, всушност, се и опојно-наркотични средства. Посебно жестоките пијалаци (вотка, вињак, рум) се штетни, како и сите други опојни средства. Истото важи и за „послабите“ пијалаци (вино, пиво), ако се земат во поголеми количини. Алкохолните пијалаци секогаш содржат два алкохола, најголем дел етанол и помало количество метанол.

Етанолот (етил-алкохол) од пијалакот, преку желудечната слузница и цревата, влегува во крвотокот и најголем дел доаѓа во џигерот, каде што почнува неговата преработка. Клетките од џигерот, со дејствувањето на ензимот алкохол дехидрогеназа, го претворуваат етанолот во отровен ацеталдехид, кој предизвикува мачнина, главоболка и повраќање. Другиот ензим ацеталдехид дехидрогеназа го разградува до оцетна киселина, која преку крвта од џигерот се излачува од организмот преку мочта. Само мали количини од алкохол се излачува преку издишениот воздух, преку мочта и преку потењето.
Метанолот (метил-алкохол) е многу поопасен од етанолот. Го содржат скоро сите природни пијалаци, а некои дури од 1 до 2 отсто (евтини непрочистени вина, коњак, виски и овошни ликери). Спротивно на тоа, во „вештачките“ жестоки пијалаци е дозволен само во трагови.

Ензимите во џигерот го разлагаат метанолот до многу отровната мравја (формична) киселина, и тоа десетпати поспоро од етанолот. Мравјата киселина предизвикува најтежок мамурлак, и тоа откако ќе заврши разградбата на етанолот. Така може да се објасне и измамничкото искуство дека „клин со клин се избива“ зашто ензимите од џигерот прво го преработуваат испиениот етанол и ја одлагаат разградбата на метанолот, па мамурлакот е поблаг. Но, чаша млеко е покорисна отколку чашка алкохолен пијалак зашто го смирува надразнетиот желудник.


Најопасни се високите алкохоли што се наоѓаат во недестилирани пијалаци и во препирот (последна, слаба ракија при варење на ракија), а се разградуваат до отровниот формалдехид.
Децата и „почетниците“ немаат во џигерот развиен ензимски систем за разградба на алкохолот, па можат да обработат само околу еден отсто алкохол. Кај хроничните пијаници тој систем е развиен, но поради трајното труење лошо функционира. Многу луѓе, половина од Јапонците, имаат дефектен ген за алдехид дехидрогеназата, па и помало количество алкохол добиваат силни главоболки и мачнини.
Веселото расположение предизвикано од помали количини на алкохол се создава поради опиеноста на нервниот систем во кората на мозокот. Поголемите количества на алкохол ја намалуваат способноста на контролата на однесувањето и предизвикуваат раздразнетост. Преголемото количество на алкохол предизвикува: тегоби (анксиозна состојба), потиштеност (депресија), мачнина и длабок сон, а понекогаш и опасност по здравјето зашто може да го закочи центарот за дишење во нервниот систем. Исто така, штетните работи од многуте алкохолни пијалаци (како и чаденото месо, сирењето, бананата) можат лошо да делуваат на хипоталамусот зашто ќе се пореметат многуте хемиски реакции во телото, со што се јавуваат различни нарушувања, вклучувајчи ја и главоболката во следното утро.

Шприцерите побрзо опијануваат

Ресорпцијата на алкохолот од празниот желудник почнува од 90 секунди до 2 минути. Затоа човекот кој пие на гладен желудник побрзо ќе се опијани од оној кој претходно нешто јадел. Докажано е дека месото и другата храна богата со белковини ја успорува ресорпцијата на алкохолот. Некои медицински стручњаци тврдат дека млекото или јогуртот ја обложуваат слузницата на желудникот и ја забавуваат ресорпцијата на алкохолот. Спротивно, газираните пијалаци ја забрзуваат опијанетоста зашто јагленородната киселина ги шири крвните садови во желудникот и со тоа ја овозможуваат ресорпцијата на алкохолот во крвотокот, па оние кои пијат шприцер побрзо се опијануваат.


Брзината на ресоспцијата на алкохолот е поголема, ако побрзо се пие и ако пијалакот содржи повеќе алкохол. Алкохолот брзо влегува во крвта и по два часа целиот испиен алкохол е ресорбиран. Како се поднесува алкохолот зависи и од телесната тежина, од кондицијата и од многу други фактори. Здравите возрасни луѓе се поотпорни на алкохолот отколку децата, а жените се почувствителни од мажите. Болестите на нервниот систем, како и душевната и телесната исцрпеност, го забрзуваат пијанството, додека доброто расположение и доброто чувство ја зголемуваат отпорноста.

Препопзнавање на мамурлакот

Мамурлакот се препознава по: главоболката, бучење во главата и преосетливост на светло, со тапо чувство на мачнина, жед, суво грло, блага вртоглавица, мускулна и општа слабост, поспаност, понекогаш и пролив. Главоболката под дејство на алкохолот се создава и поради ширењето на крвните садови, а брзиот проток на крвта се чувствува како ритмично чукање (пулсирање).


 Алкохолот го суши (дехидрира) телото, па нашиот народ вели: „Кој вечера вино, доручува вода“. Алкохолот во хипофизата го кочи создавањето на антидиуретскиот хормон, па човекот многу повеќе испушта течности отколку што испил и со тоа се менува распоредот на течноста во ткивата, во клетките, па и во мозокот. Поради тоа се јавуват промени и во мозочните обвивки, кои се чувствителни на болка, па се јавува главоболка. Со течностите телото губи и електролити, односно, јони на натриум, на калиум, на калциум, а брзо се троши цинкот и магнезиумот. Со тоа дополнително се нарушува рамнотежата во телото и во мозочните клетки. Поради тоа е продолжена главоболката и поспаноста. Во преработката на алкохолот се губат големи количини на витамини, посебно од групата Б.
Најголемата жед е наутро, по пијанството. Дехидратацијата може да се намали, ако човекот пред спиење испие најмалку половина или еден литар засладена течност. Така ќе се надополни течноста што е измочана со дејстовто на алкохолот.

Сок или сода бикарбона

Мамурните секогаш пијат кафе или чај сакајќи да се „освежат“ и да ја надокнадат течноста. Но, чувствителната слузница на желудникот можат уште повеќе да ја надразнат двете лајчиња кафе или чај што содржи теин – слична материја на кофеинот.


 За воспоставување на нормална состојба ќе придонесе засладена вода со витамин Ц, со сок од домати или со расол. Познатиот Alka-Seltzer (направен уште во 1926 година), кој им помогнал на милиони во мамурлакот, се состоел од: сода бикарбона, аспирин и витамин Ц. Оние кои поради оштетување на слузницата од желудникот не можат да го поднесат аспиронот, можат да земат таблетка парацетамол. Две таблетки Б комплекс можат да помогнат во отстранувањето на алкохолот од телото, како и 50 мг цинк и 500 мг магнезиум, па ќе се намали главоболката и поспаноста.


Одморот и мирувањето се најважен лек за мамурлакот. Под влијание на алкохолот побрзо и лесно се заспива, но тоа не е нормален сон. По шест до осум часа, кога содржината на алкохолот во крвта ќе се намали, сонот станува поткрепа за телото и за нервниот систем.
После будењето, добро е да се остане уште во постелата. Потоа е корисно туширање со топла вода. Студениот туш, што го препорачуваат многумина неупатени, е нешто најлошо што може човекот себеси да си направи. Студената вода е додатен шок за веќе шокираниот организам со алкохол. Предизвикува стегање на крвните садови во кожата и во периферните органи со намалена циркулација на крвта, а срцето така уште повеќе се оптоварува и дишењето станува отежнато. Топлата вода ја подобрува снабденоста со крв на кожата, па се зацрвенува, а во внатрешните органи снабдувањето со крв се намалува и го поттикнува срцето за подобра работа. Туширањето или капењето треба да се почне со млака вода, а потоа со сè потопла до граница на подносливост.
Откако човекот добро ќе се одмори, корисно е да оди на утринска прошетка, на чист воздух, а секое движење помага во ослободување од насобраните отровни материи (алкохол, никотин, преобилна мрсна храна).
По враќање од шетањето, се препорачува лесно читање со пријатна музика или лесна работа. Тоа смирува. Некои стручњаци споменуваат корисно дејство на љубовниот однос, кој ја поттикнува работата на мускулите, на дишењето, на срцето и на крвотокот и општо го разбудува целиот организам.
Мамурлакот е „соодветна казна“ за прекумерното пиење, а сите тегоби директно укажуваат на штетното дејство на алкохолните пијалаци. За многумина алкохолот е начин за релаксирање и за разонода, но тој може да го наруши здравјето и да го загрози животот.


И уште едно дополнително предупредување. На веселбата бидете внимателни и во дружењето. Луѓето слават честитајќи си едни на другите, се љубат, па лесно и брзо се пренесуваат капличните инфекции.

 

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

повеќе за проф. д-р Миќуновиќ > > >

www.doktori.mk, 29.12.2013

Последна вест

Најчитани статии - животен стил