Доктори.мк | “Светата болест” - епилепсија | sveta-bolest-epilepsija | Портал за медицина и здравје

“Светата болест” - епилепсија

проект за следење на новостите во однос на медицинската наука

Терминот епилепсија не означува посебна болест, како што повеќето мислат, туку тоа е група на растројства кои имаат заедничка особина - повторувачки епилептични напади. Епилептичните напади се јавуваат како резултат на неконтролирано, ексцесивно, само од себе избивање на кортикални неврони. Епилепсијата има пик на појава кај децата под 10 години, за втор максимум да се јави кај лицата постари од 65 години. Не е мал бројот на дотогаш здрави луѓе кои доживеале епилептичен напад. Нападите може да се јават кај луѓе со одредено мозочно оштетување, доцна во животот. Но, може да се јават и дури и кај луѓе со покачена температура, кое што не е загрижувачка состојба. За да еден човек добие дијагноза епилепсија, потребно е да добил најмалку два непровоцирани епилептични напади.

Низ вековите ...

400 години п.н.е , грчкиот физичар Хипократ ја напишал својата прва книга во врска со ‘’Светата болест’’, епилепсија. Побивајќи ја идејата дека се работи за проклетство или пророчки моќи Хипократ ја докажува вистината: Тоа е нарушување на мозокот.
Од тогаш па наваму идеите и сфаќањата наизменично се менуваат се додека не се потврди вистината за оваа болест, која кај луѓето внела многу страв, но и можност да се изборат со неа.
Обиди за лекување на епилепсијата се пронајдени уште во Стариот век. Дури и Хипократ опишувал случај во кој нападите се намалуваат при ограничување на храната и пијалоците кај болните. Средниот век, исто така, укажува на податоци во кои се тврди дека гладувањето влијае за намалување на нападите. Авицена, во XIII век, препорачува апстиненција од храна. На почетокот на ХХ век, по детални клинички испитувања, мерките за одржување на диета, стануваат повторно актуелни.


Од истражувањата извршени, докажано е дека при зголемено консумирање на масти со намалени јаглехидрати и протеини води до создавање кетонски тела во организмот и води до кетоза. Вообичаениот извор на енергија за мозокот се јаглехидратите ( леб, компир, тесто, шеќер и др. ), додека кај кетогената диета примарен извор на енергија се мастите, со што се намалуваат нивоата на глукоза и мастите се користат како алтернативен извор на енергија.
На почетокот кетогената диета се применувала кај сите сите типови епилепсија, но најуспешна се покажала кај децата. За жал, не може да се предвиди кај кои пациенти ќе има ефект, а кај кои не. Не може да се одреди во кој дел од болеста е наjкорисно да се започне диетата, ни во која возврат е најефикасна, ниту може да се одреди за кој тип на епилепсија болеста е најефективна.

Прва помош при епилептичен напад

Прва помош при епилептичен напад во суштина едноставна, таа опфаќа чекори од акција кои ја обезбедуваат безбедноста на лицето се додека нападот не помине сам од себе. Од особена важност е секој поединец да знае да пружи прва помош на лице со епилептичен напад, за да се спречат дополнителни компликации. Најчести епилептични напади, се генерализираните- тонично- клонични, но нападот може да биде и парцијален, па подоле се објаснети чекорите на прва помош за нив поединечно.

Прва помош при тонично- клоничен напад ( grand mal)

Лицето добива скаменет, вкочанет поглед, губи свест и паѓа на земја. Ова е проследено со неконтролирани движења, грчеви.Често се јавува помодрување на устата, како резултат на ирегуларното дишење. Истовремено е и можна загуба на контрола на сфинктерите. После една или две минути нападот престанува и свеста посетепено се враќа.

Што треба да направете...

  • Останете смирени, повикајте помош од луѓе во околината.

  •  Заштитете ја личноста од повреди - тргнете ги сите потенцијално опасни предмети кои се во непосредна близина.

  •  Особено заштите му ја главата од можни повреди, така што под неа ќе ставите нешто меко, пример искористете го вашето палто.

  •  Отстранете му ги очилата, врската, се околу вратат на лицето кое може да го попречи дишењето.

  •  Ако имате часовник видете колку време траел нападот.

  •  Погледнете дали има картичка или накит (белезгија) на која пишува дека лицето има епилепсија.

  • По престанување на движењата, осигурајте го дишењето со тоа што полека ќе го поставите во положба на опоравување (кома положба) откако ќе заврши нападот. Погледнете ги сликите.

  • Останете се до негово комплетно опоравување (5-20мин).

  •  Останете смирени, љубезни и осигурајте го дека се е во ред.

  •  Ако лицето се уште е конфузно или неможе да се врати сам дома, повикајте му такси, пријател или некој од неговото семејство кој ќе му помогне да се врати дома.

 

 

 

Немојте...

  •  Да му ги ограничувате движењата, грчевите или да го држите силно.

  • Спротивно од верувањата, не е точно дека лице додека има напад може да си го голте јазикот. Затоа не ставајте му ништо во уста, не пробувајте да му ја отворите устата или вадите јазик, ќе го повредите и човекот со напад, а и самите себе.

  •  Да го поместувате , освен ако не е во опасност.

  •  Не давајте му ништо за пиење или јадење се до комплетно опоравување.

Прва помош при парцијални ( фокални) напади

Епилентичен напад при кој личноста не е свесна за околните случувања, има вкочанет, скаменет поглед. Прави одредени движења, најчесто со рака, го плази јазикот, брзо трепка, шета наоколу.

Што треба да направите...

  • Бидете смирени и не паничете, лицето ќе биде добро.

  •  Осигурајте се да лицето не е во опасност, тргнете ги сите потенцијално опасни предмети.

  •  Ако е агитиран, тргнете се на дистанца но сепак блиску за да го заштитите, се до повраток на свеста.

  •  Останете се до комплетно опоравување.

  • Внимателно објаснете им го нападот и се што испуштиле.

Немојте...

  • Да му ги ограничувате движењата.

  • Да се однесувате насилно, со викање или да го преплашите.

  • Да претпоставувате дека сите движења се намерни и дека лицето е свесно.

  •  Не давајте му за јадење или пиење се до комплетен опоравок.

Сметајте го епилептичниот напад за ургентен и повикајте 194 доколку знаете дека тоа е прв напад на лицето или пак има повеќе напади со повраток на свеста меѓу нападите. Исто така доколку лицето се повреди за време на нападот или пак има одредени коморбидитети, повикајте брза помош. Многу е битно времетраењето на нападот. Секогаш кога нападот е подолг од 5 минути, состојбата е загрижувачка.

Новите лекови

Обезбедувањето на подобар квалитет на живот е главниот мотив на севкупниот развој и огромните истражувачки напори во областа на медицината.Терапиското третирање на болните од епилепсија е од кардинално значење за нив токму поради оваа причина.Притоа треба особено да се внимава да се земе точно определената доза од лекарот и тоа во точно определеното време,бидејќи предозирањето со овие хемикалии кои ја контролираат мозочната активност може да доведе до опасни последици.


Откривањето на антиконвулзивните лекови се дели на 3 периоди од кои во вториот се направените најзначајни откритија (1857-1980 год). Во оваа временска рамка се откриени Бромидите и Фенобарбитонот како најзначајни досега користени антиконвулзивни лекови. Подоцна, што е доста интересно, се правеле тестови за да се види кој лек би бил ефикасен за епилептичните напади. Овие тестирања се состоеле од следново: доколку лекот е ефективен во спречувањето на нападите предизвикани со максимален електрошок ,тој е способен да ги спречува и парцијалните и секундарно генерализираните напади кај луѓе.
Монотерапија versus Политерапија
 Иако одреден временски период,се мислело дека комбинирањето на два или повеќе лека дава подобар ефект во однос на третирање на пациентот со само еден лек ,подоцна ова се покажало како погрешно.Имено повеќе студии укажале на тоа дека монотерапијата е далеку подобра во однос на политерапијата.( според студии на Рејнолдс и Шервон)

Хирургија и епилепсија

Хируршките зафати за третман на епилепсија се многу инвазивни. Тие се уште остануваат последна опција во нејзиниот современиот третман. Главна причина поради која докторите препорачуваат вакви инвазивни техники за епилепсија, е малата ефективност на антиепилептиски лекови. Кога овие лекови не делуваат на состојбата на пациентот тогаш се преминува на хируршките третмани. Постојат неколку хируршки зафати кои се користат за третман на епилепсија меѓу кои спаѓаат: антеромедијална темпорална ресекција (AMTR) и хемисферектомија.


Антеромедијална темпорална ресекција (AMTR)

Овој вид на хируршки третман е најчесто применуван. Меѓутоа сепак потребни се вистински индикации и што помалку ексклузиони фактори. Во овој хируршки зафат се пристапува на тепоралниот лобус. Со хирушка ресекција се отстрануваат долниот и средниот темпорален гирус. Во некои институции се отстранува и горниот гирус а во некои не. Кога ќе се отстранат темпоралните гируси во хируршкото поле може да се визуелизира хипокампусот. Тој исто така се отстранува. Овие елементи се предводници на епилептичките напади и со нивно отсранување се намалуваат или комплетно се губат нападите постоперативно. Компликации кои може да настанат од овој вид на операција се: хемипареза, дефицит во визуелното поле, инфекција, проблеми со вербалната меморија. AMTR со досегашните податоци покажува подобри резултати во третманот на епилепсија од континуирана орална терапија. Но и покрај овој факт некои пациенти мора да чекаат и до 20 години пред конечно да бидат препратени на овој хируршки третман.

Хемисферектомија

Хемисферектомија подразбира отстранување на една половина од мозокот (хемисфера). Ова е техника наречена анатомска хемисферектомија. Посовремена техника е функционалната хемисферектомија, каде хемисферата само фукнционално се изолира од останатиот дел од мозокот без да биде хируршки отстранета. За оваа техника постои строга селекција на пациенти. Оние кои се добри кандидати за функционална хемисферектомија се пациенти со катастрофална епилепсија. Кај нив нападите се толку чести што ја афектираат нивната когниција и влијаат на секојдневниот живот на пациентот. Исто така нивната епилепсија мора да потекнува само од една половина на мозокот. Најчесто овие пациенти се деца, каде нивниот мозок е доволно млад за да здравата половина научи да ја превземе функцијата на отстранетата заболена половина. Функционалната хемисферектомија се постигнува со прекинување на комуникацијата помеѓу кортексот на афектираната хемисфера од сите субкортикални структури. Исто така врските меѓу двете хемисфери се прекинуваат.

Митови и вистини

Иако медицинскиот напредок na дофат им донесе нормален живот на огромното мнозинство на луѓе со епилепсија, меѓутоа одбивањето на јавноста да се оддели од митовите и заблудите на минатото се уште претставуваат голем проблем.


Митот: Епилепсија е заразна.
Вистината: Епилепсијата не е заразна и не може да се "фати епилепсија" од доаѓање во контакт со некој кој има напади, исто како што и дијабетот или хипертензијата не се заразни.


Митот: - Може да се проголта јазикот за време на нападот
Вистината: Физички невозможно е да се проголта јазикот. Всушност, никогаш не треба принудно да се става нешто во устата на некој има напад. Тоа само може да резултира со кршње на заби, прободување непцата, или дури и фрактура на вилицата.


Митот: - Луѓето со епилепсија се хендикепирани и не можат да работат
Вистината: Луѓе со оваа состојба имаат ист опсег на способности и интелигенција, како и остатокот од нас. Луѓе со епилепсија може се најдат во сите сфери на животот и на сите нивоа на бизнис, влада, уметност и професии. Епилепсијата е медицинска состојба која може успешно да се контролира затоа луѓето со епилепсија најчесто може да водат нормален живот.


Митот: - Луѓето со епилепсија изгледаат различно
Вистината: Освен ако некој човек со епилепсија во моментот има напад, не постои друг начин негово или нејзино разликување т.е. состојба не може надворешно да се препознае.


Митот: - Епилепсија е форма на ментална болест
Вистината: Епилепсија е термин кој опфаќа дваесет различни видови на нарушувања кои вклучуваат напади. Тоа е функционален, физички проблем, не е ментално нарушување.

Митот: Епилепсијата е форма на духовно опседнување.
Вистината: Иако веќе одамна е познато дека епилепсијата не е вид на опседнување, во некои општества ова верување сеуште постои. Важна е едукацијата на сите луѓе дека епилепсијата е медицински проблем, нарушување кое настанува во мозокот, кое доведува до рекурентни напади.


Митот: Луѓето се раѓаат со епилепсија. Причината е генетска.
Вистината: Секој може да се развие епилепсија во секое време. Некои луѓе се родени со неа, додека други имаат прв напад во средна возраст. Додека генетиката може да игра фактор, постојат и други повеќе вообичаени причини за епилепсија, како што се траума на главата, тумор на мозокот и мозочен удар. Во повеќето случаи, околу 65 до 70 %-причината за епилепсија не е позната.


Митот: Епилепсијата ја афектира интелигенција.
Вистината: Лицата со епилепсија во просек имаат исто ниво на интелигенција како оние без епилепсија. Учењето може да биде отежнато доколку нападите се чести, или ако лекот има многу изразени несакани ефекти, како што се поспаност и прекумерен замор. Сепак, епилепсија обично не предизвикува пониска интелигенција. Всушност, некои многу талентирани и брилијантни луѓе имале епилепсија, вклучувајќи и некои прилично влијателни историски личности, како што се Сер Исак Њутн, Винсент ван Гог, Лудвиг ван Бетовен, Агата Кристи и Наполеон.


Кај голем дел од болните со епилепсија, болеста се повлекува во текот на животот. Кај нив терапијата се прекинува и продолжуваат со животот без да имаат никакви последици. Но, за жал еден дел од болните со епилепсија доживотно мораат да се справуваат со овој страв, да бидат претпазливи, а и покрај претпазливоста да ги имаат овие напади. Тие се плашат поради себе, но и поради семејството. Дел од нападите се навистина драматични, а голем дел од луѓето силно ќе се исплашат доколку во своја близина некој доживее напад. Може да е некој од семејството, а може да е обичен патник. Тоа е причината што ние, тимот на Pathway of science истражувавме во оваа област и се надеваме дека еден дел од вас, сега ќе знаат како да реагираат. Бидете хумани, помогнете!

www.doktori.mk, 27.12.2013

Последна вест

Најчитани статии - медицина