Карцином на носна празнина и параназални синуси

доктор на медицина
Малигните тумори со потекло од параназалните синуси се ретки и многу често се асимптоматски сè до доцниот период во текот на болеста. Инциденцата на овие карциноми во САД изнесува 1 на 100.000 годишно. Годишно во САД се регистрираат околу 1.000 нови случаи и тие претставуваат само 0,5% од вкупниот број нови случаи на малигни заболувања. Средната возраст на јавување е 60 години. Најчестиот хистолошки тип е планоцелуларниот карцином, но се јавуваат и саркоми, лимфоми, аденокарциноми, карциноми со потекло од малите саливарни жлезди и естезионевробластоми. Локорегионалната контрола и инциденцата на далечните метастази зависат од големината на примарниот тумор (Т-стадиумот) и од неговата хистологија.
 
Карциномите на параназалните синуси и носната празнина најчесто почнуваат од
клетките на орофаринксот, а поретко од меланоцитите кога се нарекуваат меланома. Ако карциномот започне од мускулното и сврзното ткиво, се вика сарком. Друг тип карцином, кој започнува од овие ткива и се карактеризира со бавен раст, се вика папилом. Во параназалните синуси и носната празнина може да се јави и гранулом, кој предизвикува пропаѓање на ткивото околу него.

Дијагноза

Докторот треба да размисли за карциномот на параназалните синуси и носната празнина при јавување на некои од следниве симптоми:
  • Нејасна блокада на синусите;

  • Инфекција на синусите;

  • Крварење од носот;

  • Оток или сор во носот, кој не заздравува;

  • Честа главоболка или болка во синусите;

  • Оток или други проблеми со очите;

  • Болка во забите на горната вилица;

  • Нарушување на соодветноста на забната протеза.

Сите неоплазми, кои во својот ран стадиум се асимптоматски, се дијагностицираат при рутинска назална полипектомија, или за време на ендоскопска назална процедура. Потврдувањето на дијагнозата се врши со хистопатолошки преглед на биоптичниот или оперативниот материјал. Може да се користи и КТ-скен и МРИ-скен дијагностика.

Стадиуми

Стадиуми на карцином во максиларниот синус:
 
Стадиум 0
Во стадиум 0, карциномот се наоѓа само во максиларниот синус. Стадиум 0 е carcinoma in situ.
 
Стадиум I
Во стадиум I, карциномот се наоѓа во мукозната мембрана на максиларниот синус.
 
Стадиум II
Во стадиум II, карциномот се шири во коската околу максиларниот синус, вклучувајќи го и покривот на носот, но не и коскеното ткиво зад максиларниот синус, врз базата на черепот.
 
Стадиум III
Во стадиум III, карциномот се наоѓа на некое од следниве места: задниот коскен ѕид на максиларниот синус, поткожното ткиво, очните дупки, базата на черепот или етмоидалниот синус. Карциномот се наоѓа во еден лимфен јазол на истата страна од вратот каде што е карциномот. Големината на лимфниот јазол е 3 cm или помалку и карциномот исто така се наоѓа на некое од следниве места: максиларниот синус, коскеното ткиво околу максиларниот синус, поткожното ткиво, очните дупки, базата на черепот или етмоидалниот синус.
Стадиум IV
Стадиум IV е поделен на стадиум IVA, IVB и IVC.
 
 Стадиум IVA
Во стадиум IVA, карциномот се шири во еден од лимфните јазли од истата страна на вратот и лимфниот јазол е поголем од 3 cm, но помал од 6 cm или карциномот се шири на повеќе од 1 лимфен јазол на која било страна од вратот и сите лимфни јазли се 6 cm или помали и карциномот се наоѓа на кое било од следниве места: предна страна на очите, кожата на образите, базата на черепот, зад вилицата, коскеното ткиво помеѓу очите, сфеноидалниот или фронталниот синус.
 
Стадиум IVB
Во стадиум IVB карциномот се шири во еден или повеќе лимфни јазли, кои се поголеми од 6 cm или зад очите, во мозокот, базата и средните партии на черепот, нервите на главата, во горните делови на грлото, кои се наоѓаат зад носот и карциномот може да се најде во еден или повеќе лимфни јазли.
 
- Стадиум IVC
Во стадиум IVC карциномот се шири во другите делови на телото.
 
Стадиуми на карцином во носната празнина и етмоидалниот синус
 
Стадиум 0
Во стадиум 0, карциномот се наоѓа само во носната празнина или етмоидалниот синус. Стадиум 0 е karcinoma in situ.
 
 Стадиум I
Во стадиум I карциномот се наоѓа само во една ареа (било во носната празнина било во етмоидалниот синус) и може да се шири во коскеното ткиво.
 
 Стадиум II
Во стадиум II карциномот се наоѓа во две ареи (било во носната празнина било во етмоидалниот синус) и се шири во коскеното ткиво.
 
 Стадиум III
Во стадиум III карциномот се наоѓа во едно од следниве места: очните дупки, максиларниот синус, покривот на усната празнина или коскеното ткиво помеѓу очите.
 
 Стадиум IV
Стадиум IV е поделен на стадиум IVA, IVB и IVC.
 
 Стадиум IVA
Во стадиум IVA, карциномот се шири на еден лимфен јазол од истата страна на вратот и лимфниот јазол е поголем од 3 cm, но помал од 6 cm или карциномот се шири на повеќе од 1 лимфен јазол од која било страна на вратот и сите лимфни јазли се 6 cm или помали или карциномот може да се најде во едно од следниве места: носна празнина или етмоидален синус, очните дупки, максиларниот синус, покривот на усната празнина и коскеното ткиво помеѓу очите или карциномот се наоѓа во еден или повеќе лимфни јазли на вратот и лимфните јазли се 6 cm или помали и карциномот се наоѓа на едно од следниве места: предната страна на очите, кожата на носот или образите, предниот дел на черепот, базата на черепот, сфеноидалниот или фронталниот синус.
 
 Стадиум IVB
Во стадиум IVB, карциномот се наоѓа на едно од следниве места: зад очите, мозочното ткиво, средните делови на черепот, нервите на главата, горните делови на грлото, кои се наоѓаат зад носот и базата на черепот. Карциномот може да се најде и во еден или повеќе лимфни јазли или карциномот се наоѓа во лимфен јазол, кој е поголем од 6 cm.
 
 Стадиум IVC
Во стадиум IVC, карциномот се шири во другите делови на телото.

Рекурентен карцином

Рекурентен карцином е оној што повторно се јавува по третманот. Тој може да се јави
во параназалните синуси, носната празнина или во други делови на организмот.

Третман

Третманот на карциномот на параназалните синуси и носната празнина зависи од
стадиумот на болеста. Се користат три типа третман:
  • Хируршка интервенција;

  • Радиотерапија;

  • Хемотерапија.

Поради тоа што параназалните синуси и носната празнина учествуваат во говорот и дишењето, потребни се специјални мерки за отстранување на несаканите ефекти од интервенцијата врз карциномот. Тоа бара мултидисциплинарен пристап и консултација со доктори од различни специјалности за да се обезбеди најдобар третман. Вежбањето од медицинскиот персонал може да помогне во побрзо закрепнување на пациентот. Пациентот може да има потреба од пластична хирургија доколку се отстрани голем дел од коскеното ткиво околу параназалните синуси и носната празнина.

Следење

Физикален преглед се изведува еднаш на 1 до 3 месеци во текот на првата година, еднаш на 2 до 4 месеци во текот на втората година, еднаш на 4 до 6 месеци од третата до петтата година и понатаму на 6 до 12 месеци. Рентгенграфија на белите дробови се прави доколку е клинички индицирана. КТ или магнетна резонанца на параназалните синуси се изведува доколку постои сомневање за појава на локален рецидив. Доколку е потребно, се прават и ендоскопски испитувања со биопсија. Евалуација на тироидната функција кај пациенти што примале радиотерапија на вратот се препорачува да се врши на секоја прва, втора и петта година.

Дознајте повеќе за д-р Дарко Стојановски

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

 
www.doktori.mk, 13.12.2013

Последна вест

Најчитани статии - медицина