Окото на другите и ние

специјалист по училишна психологија - FSP психолог

„НЕШТАТА САМИ ПО СЕБЕ НЕ НÉ ВОЗНЕМИРУВААТ,
ОНА ШТО НÉ ВОЗНЕМИРУВА Е КАКО ГИ ДОЖИВУВАМЕ“,
Е. Берн

Будно или игнорантно?

Незaвисно во која средина живеете, едно од ова, ако не и двете, сигурно ги доживувате...
Од утро до утро, љубопитност за вашиот приватен живот, за вашиот изглед, за вашата професија, за вашата личност... И ако се случи некои ваши квалитети да бидат препознаени и допадливи, па да бидете и пофалени и омилени од некого, за жал, будното око, можеби ќе направи сé тоа набргу и да исчезне. Човечки е да се занимаваме со туѓите животи во средини каде менталитетот го предизвикува и дозволува, па и го бара тоа, но граници би требало да постојат, граници кои самите треба да ги научиме и поседуваме во име на повисок раст и развој на личноста.

Ние не можеме да ги менуваме луѓето и тоа е најчесто најголемата фрустрација што луѓето ја доживуваат кога се соочуваат со проблеми кои „доаѓаат од другите, предизвикани од другите„...
Она што треба да се менува, сме ние самите, нашиот поглед на нештата !
Како, како кога денес пак имаме и нова мода – ИГНОР! Од перманентен интерес, директно во ИГНОР!
Некако прелесно оди тоа префрлување за да биде вистинито, реално, а и со некаков ефект, корисен за личноста. И така додека кај нас и во земји слични на нашиот менталитет, интересот за другите е сеуште на завидно ниво од било кои побуди, но помешан со новата мода, во земјите пак кои се нарекуваат поразвиени, има обратен процес и реалност, алиенација.

Нешто веќе ни е познато ...

Во тие земји интересот за другите се смета и за навреда дури, во случај да прашате за висина на плата, колку го продале автомобилот, на пример или да коментирате за личните обележја, определби, вкусови и избори на соговорникот, но доколку имате соговорник!
...Роднините ретко се среќаваат, некои испраќаат пораки или картички со честитки или сочувство, што се смета за врв на почит оти се потрошило време, хартија...
 Колегите ќе се обидат да го добијат вашето место по секоја цена, но ќе останат со најбожествената насмевка на лицето и најмилите површни зборови пред вас... Злочин е да се зборува за приватниот живот, кој се чува како најголема светост, што е за почит, но прашање е кој приватен живот, тој сé помалку се има во трката за пари.  Можете да паднете на улица, ќе ве прескокнат и ќе продолжат, никој не се интересира за вас, освен ако им стоите на патот за кариера. Профитот е на прво место и не се бират средства да се стигне до целта, интерес и профит, две најважни нешта кои ги водат луѓето. Жената нема иста плата за исто работно место во некои најразвиени земји, во склоп на демократија и слобода на одлучување...



После работа, вратите за сите се затворени, семејството сеуште е најважно, но не сите имаат семејства! Живеат сами, изолирани, разведени, со страв од било каква врска со луѓето, страв дека ќе бидат повредени... Во многу земји жената погрешно ја разбрала еманципацијата, па мажите имаат страв да влегуваат во бракови. Алиментациите до крајот на животот тешко се преживуваат, а жената еманципирано го живее слободниот живот, кој сега го открива, после неколку деца, оставајќи ги редовно на поранешениот сопруг кој и овозможува да ја живее слободата, конечно... Или обратно, сопругот ја открива слободата...
Генерализациите се опасни, но ова се појави кои веќе со децении жилаво опстојуваат. Стравот од повреди од луѓето и трка за профитот, пред сé, направиле оддамна луѓето да немаат желба да комуницираат меѓу себе и да споделат било што... Инстант живот без никаква вредност! Во тоа изолирано живеење им помага техниката, која воедно и го стимулира сето ова, а треба да ни биде од најголема корист, затоа е создадена...



И конечно, останува отворено прашањето зошто најголем број на самоубиства токму во тие земји? Зошто прва причина за смрт кај младите во една Швајцарија е токму самоубиството? И додека тоа се случува, истовремено најхумано се гласа за адвокати на животните.. Сите се обидуваат да се сочуваат вредностите и пред сé семејството, но денес сеуште на ниту едно општество не му успева тоа вистински, развиено или не...

Овде е ... Новото време

Целосното отуѓување меѓу луѓето е нешто кое полека навлегува во порите и на нашето општество, иако сеуште не се даваме лесно... Алиенацијата е другата страна на медалот, и ако не ни се допаѓа будното око, нема да ни се допаѓа ни целосното отуѓување. Не им се допаѓа ни на општествата каде поголема блискост им е далечно, непознато минато. Замислете како тоа би изгледало кога од дамнина отворените порти со комшиите, низ кои се влегува и излегува кој кога сака, одеднаш треба да ги заклучиме! И никогаш да не се видиме, освен на скалите, лифтот, влезот и со наместен љубезен тон и смрзната насмевка да си посакаме убав ден и веднаш да заборавиме дека постоиме... Ако некој и се дрзне да ѕвони дома, не се отвара врата, затоа што не е најавен никој...


Почна да ни се случува, признале или не...
Можеби најинтересното е цик/цак однесувањето, топло/ладно... Денес добивате љубезност и срдечност со голем емпатичен интерес од будното око, а веќе утре сте ставени на ИГНОР од некоја си причина, вам сигурно непозната... Свесно или несвесно, тоа се одбрани на личностите да ја преживеат својата негативна емоција кон одредена личност, емоција која достигнала недозволено ниво на вознемирување... Така почнува, а завршува и како мода...

Тоа е новото време кај нас ... Во исто време и дежурно набљудување и игнорирање ... Затоа што е модерно, а ние, брзо прифаќаме моди ...

Глобализациски и лични разлики ...

Последиците веќе се присутни... Ниту првото однесување некој може да го издржи повеќе, ниту пак сме подготвени за второто, новото... А цик/цак е можеби најтешкиот модел и оние што го имаат во употреба и самите не знаат колку наштетуваат, пред сé на себе си. Во такви услови, неопходно е да имаме свесност за себе, увид во себе - интраперсонална интелегенција.
 Но важно е и како другите нé гледаат... и како пак ние на тоа гледаме и се однесуваме - интерперсонална интелегенција. И секогаш ќе има такво и вакво мислење од другите, зашто сите сме различни и различно гледаме. Нормите кои владеат во едно општество и време, не се исти со други времиња или општества, каде секогаш, секаде, секој, повторно е различен... Има културни милјеа, каде изразување на емоции не е дозволено воопшто. Ако радоста или почитта кај нас се изразува на еден начин, во друга култура може да биде токму обратното однесување, без подлабоко навлегување во традициите и договорните однесувања.



Но, сега е време на глобализација, светот се измеша во сé и за сé, па минорни работи од типот „ти реков/ми рече“, не би требало да се битни. Ама битни се, зашто менталитетот не ни е сменет, остана ист, иако и ние му одиме на светот и тој нам ни доаѓа и не може да нé одмине глобализацијата, алиенацијата, но менталитетот има длабоки корења, сепак. Онаму каде ги нема корењата, онаму каде со восхит се доживува сé што им припаѓа на другите, полесно оди прифаќањето на сé што е „светско„, што е уште поголема замка. И додека светот се мачи со алиенацијата, ние сеуште мака мачиме со кој, што како, зошто. Со потиснување на сопствените проблеми и во име на преживување, се живее животот на другите...

За ваше добро, треба да се сочувате себе и да го негувате најдоброто што го имате во себе...

А менување за ваше добро, е најголемиот подарок, од себе за себе!

И тогаш, луѓето ќе бидат радосно љубопитни пред различноста, од респект, а не полни со страв кој може да предизвика и напад. Ако научите да се сакате себе, со тоа го правите првиот чекор кон подобар живот за себе со другите, и за другите со вас...

Другите и јас ...

Комуникацијата денес е на ниво кое дава сигнали дека се неопходни промени.
Живееме во чуден премин, заглавени помеѓу реалноста и виртуелната реалност... Оние најслабите, без изграден идентитет и интегритет, одлично се чувствуваат зад можностите да се биде некој друг... Се живеат паралелни животи, неколку во реалноста и неколку на нетот...
 Што е многу, многу е за една личност... Ваквото подвојување, доколку трае подолг временски период, ќе придонесе согорување или целосен распад на личноста со претходни сигнали кои никој не сака да ги види. Невозможно е низ нас да поминат истовремено многуте „високи напони„, невозможно е да се прифатат истовремено многуте „атаци„, стимулуси од сите страни и да се обработат сите информации, личноста едноставно не е подготвена! Затоа, пред целосното согорување, се бега во болести, симптоми за помош! Организмот не ни е подготвен пред сé за најосновните напади на сетилата, перманентни напади од пребрзо менување на слики, бои, звуци, мириси...
Сé што значи претерани стимулуси, му штети на нервниот систем подеднакво како и отсуство на стимулусите...
Затоа е време да се свртиме кон себе прво, па кон другите луѓе, но на вистински начин, реален!
Колку и да звучи чудно, во време на дилемата - духовниот раст или пад, да се потсетиме дека треба да почнеме од љубовта кон себе!
Невозможно е да дадеме на другите ако не се сакаме и почитуваме себе. Ако се чувствуваме безвредни, виновни, лоши, не можеме да дадеме ништо на другите... Тоа е пред сé знак дека треба да поработиме на себе, на нашиот раст и развој што ќе ни помогне да си ја подобриме сликата за себе и да ја направиме попозитивна.
Само така ќе имаме што да дадеме на другите! Само така мајчината љубов ќе биде безусловна, партнерската посветена и лојална, пријателската љубов без вага...
А човечката љубов, чиста, хумана, бескрајна...Човечкото око будно, но милно...



Во давањето е смислата на животот, макар било тоа топол збор и подадена рака и насмевка, на оној на кого му треба, во даден момент...
Но ако не се сакаме себе, може ли да дадеме на другите? И што ќе дадеме?

И повторно од почеток

Повторно започнуваме од родителите, возрасните, како најповикани и најодговорни.
Сликата за себе детето почнува да ја гради благодарение на вас, инаку не би било свесно дека постои... Што ќе му вткаете на вашето дете од самиот зачеток, тоа утре ќе го видите како негов разбој за себе и за неговите деца! Нека разбојот биде надежен! Многу луѓе несвесно ги води стравот, па така и алиенацијата, но и ароганцијата или агресијата доаѓаат често од длабоко сокриен страв и несигурност. Дајте му сигурност безусловна љубов на вашето дете!Универзалните морални вредности се матрица со која можете да ја креирате вашата личност, вашиот раст и развој, а така изградени сте оптимален, односно доволно добар модел за децата и младите...
Вашата личност е една и единствена, вредна за почит!
Заблесната со посебноста во глобализацијата каде за секој има место, бидете личност за модел на вашето дете! Подоцна тоа ќе се пронајде себе си! Треба силно да верувате во себе и да си го препознаете вашето место! Подарете му ја вербата и на вашето дете!
А будното око или игнорантното, ќе постојат, тие не се менуваат вистински, треба вие да се менувате, прилагодувате, развивате...
Во име на уникатноста на вашата личност, сторете го тоа!
Ниту игнорирајте, ниту будно набљудувајте!
Едноставно, живејте го вашиот живот како вам ви одговара, но почитувајте го другиот и неговиот начин, ако е во склад со универзалните морални вредности...
Доколку игнорирате однесувања кои се несоодветни на моралните вредности, сооучесник сте и без да сакате.



Давањето себе на другите, несебичното помагање, макар било тоа и еден единствен убав збор, станува неопходна нова комуникациска димензија, од која сите може да добиеме... или да го изгубиме компасот засекогаш, ако нема освестување кои сме и каде одиме ...

Останува да се пронајдете себе, да пронајдете емпатична патека и димензија на комуникација со вашата околина, креирајќи се наново и наново, давајќи се несебично во емоционалната и социјална комуникација, каде секој секого почитува, без да се загуби себе си. Наместо мултиплицираните лажни личности, бидете она што сте, едни и единствени, силни, верни на себе, под будното или игнорантно око, сеедно...

Вие останете вие ако така одберете, богата матрица со можности за нужни промени, за ваше добро.

www.doktori.mk, 22.06.2014

Последна вест

Најчитани статии - медицина