Доктори.мк | Педофили на компјутер | Pedofili-na-kompjuter | Портал за медицина и здравје

Педофили на компјутер

специјалист уролог, Специјална болница "Св. Еразмо" - Охрид
професор по "Хирургија со нега" и "Полово образование" на Универзитетот "Св. Климент Охридски" - Битола

Скриени во анонимноста на интернет – мрежата педофилите демнат, почнуваат со шега и накрај секогаш бараат средба со детето. Во Македонија нема податоци колку малолетници што користат е-маил биле изложени на пораки со сексуална содржина.

Секој родител, и оној со поплиток џеп, настојува на своето дете да му купи компјутер. Ако не порано, барем како награда за одличен успех, за што порано се купувал велосипед. „Ништо посебно, само да може да пишува и да оди на интернет“ – скромно родителите ја оправдуваат својата инвестиција. Компјутер без интернет е како јадење без сол, а да бидеш on line значи да бидеш поврзан со целиот свет. Тука престанува контролата на родителите и почнуваат проблемите – деца и родители. Повеќе од 50 отсто од децата имаат сопствени е-маил адреси уште од петто одделение на основното училиште. Токму преку таа адреса децата добиваат пораки со сексуална содржина. Од нив 60 отсто се со фотографии на голи особи, па фотографии со сексуални актови, па потоа фотографии со деца. Сето тоа се случува додека децата сурфаат на интернет.



Какви се тие пораки? Многу директни: добиваат адреси на кои треба да се јават, пораките се испратени од непозната адреса (интернетот не може да се контролира), а и доаѓаат пораки и од познати адреси од нивни пријатели. Значи, децата меѓу себе разменуваат е-маил пораки, што е, меѓу другото, и смислата на интернетот, ама и дружење. Ни малку не изненадува податокот дека децата чии родители немаат пристап на нивните е-маилови почесто добиваат пораки со сексуална содржина. Како реагираат децата во однос со традиционалното воспитување? Девојчињата ги бришат или ги затвораат добиените пораки, додека момчињата, во повеќето случаи, одат на понудената веб-страница.

Педофилите почнуваат со шеги

Најпопуларниот и најопасниот дел од интернетот е т.н. чет рум (соба за муабет). Обичниот телефонски број на децата им овозможува патување во било кој дел од светот, да разговараат со било кого и да разменуваат пораки со тотални странци. На педофилите и на настраните лица тоа им помага да го скријат својот идентитет, се преправаат дека се на нивна возраст и така од децата извлекуваат податоци за возраста, за полот, за изгледот, за адресата, за училиштето во кое оди. Педофилите повеќе не мораат да одат на игралиште, сега можаат да се кријат во анонимноста на интернетот. Кога педофилот ќе го започне разговорот со детето во четрумот, прво поставува неутрални прашања зашто сите други во четрумот можат да ги читаат пораките. Потоа, обично, предлага приватен форум за разговор. Тогаш го прашува детето дали е дома само, кој уште од домашните го користи интернетот и каде е сместено. Осаменото дете со компјутер в рака е идеална жртва.



Подоцна педофилот настојува да ја добие довербата на жртвата и да ја увери во пријателството, дека имаат своја мала тајна. Општо, прво пушта вицеви и шеги да го расположи детето и да го поттикне на отворен разговор, што, се разбира, оди кон сексот. Потоа ги опишува сексуалните техники и позите и бара да мастурбира детето. Го уверува дека е тоа нормално и дека сите тоа го прават. Потоа почнува да му праќа слики и бара да ги избриши „бидејќи тоа е тајна“. Степенот на довербата расте и накрајот, обично, педофилот бара средба. Понекогаш нуди подароци во замена за давање на информации за себе.

Наместо на спортски терени – на чет

Половина од децата што имаат компјутер редовно се на четрумот. Постојан пријател на четот имаат над 30 отсто, 45 отсто договараат состаноци во одредено време, 27 отсто преминуваат на допишување на е-маил, 15 отсто се слушаат на телефон, а 14 отсто повремено се гледаат со он лине другари. Некој ќе праша што е лошо во тоа? Можеби ништо, а можеби сè ќе тргне наопаку.


 Иако вашето дете со ништо не припаѓа на загрозениот вид зашто довербата меѓу вас е на завидно ниво, дали е во ред да бара пријатели преку мрежата, со нив да се допишува и да договара состаноци. Можеби, треба да се запрашате што е со традиционалните вредности – зошто наместо со родителите децата соговорници да бараат на четот? И сега што? Да се забрани интернетот? Да се запечати компјутерот? Одговорот е „не“ зашто напредокот не може да се сопре, а забраната, како и во било што, ќе предизвика контраефект. За разлика од другите земји во кои одамна има компјутери, па пред нас се соочиле со сексуалната злоупотреба на најмладите на мрежата и наголемо ги спровеле испитувањата, кај нас уште нема официјални податоци за бројот на децата на кои им се случило ова лошо искуство.

Совети за децата

  •  Никому не откривајте му ја својата лозинка (password)!

  •  Не прифаќај подароци за замена за адресата!

  •  Не испраќај фотографии!

  •  Ако е разговорот непријатен – прекини го!

  •  Ако е е-маилот непристоен – не одговарај!

  •  Не оди на состанок со пријателите од четрумот!

  •  Секогаш на родителите кажи им ги непристојните пораки или невкусните шеги додека си на мрежата!

  •  Секогаш биди она што си и не преправај се дека си некој друг!

  •  Секогаш сети се дека она што некој ти го нуди, а звучи многу добро да би било вистинито, највероватно и не е точно!

Совети за родителите

  •  Разговарајте со детето и предупредете го на опасностите!

  •  Поставете правила: кога, како и колку на интернет.

  •  Држете го компутерот во дневната соба.

  •  Блокирајте го пристапот на странците со сексуална содржина.

  •  Ако е детето на четот, бидете присутни!

  •  Проверете на history folder кои страници детето ги посетува.


-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

повеќе за проф. д-р Миќуновиќ > > >


 

 

 

 

www.doktori.mk, 05.12.2013

Последна вест

Најчитани статии - животен стил