Доктори.мк | Подгответе сами - рецепт за јаболков оцет | recept-za-jabolkov-ocet | Портал за медицина и здравје

Подгответе сами - рецепт за јаболков оцет

Многу пати сте слушале за јаболковиот оцет и за тоа дека неговото користење во умерени количини е здраво. Но, исто така многу пати сте слушале и дека само домашниот јаболков оцет е здрав. Токму поради ова, ние денес ви презентираме како сами дома да направите јаболков оцет.

Најпрво добро измијте ги јаболките кои сакате да ги употребите, а потоа насецкајте ги во стаклена тегла или пластично буре. Пластичните буриња не би требало да се практикуваат, но ако се работи за поголема количина тогаш едноставно сте приморани. Додадете превриена и оладена вода во 4 пати поголема количина од количината на јаболка. Генерално според рецептите на еден килограм јаболка оди 3-5 литри вода, се тоа во зависност дали сакате да приготвите посилен или по разреден оцет. На оваа количина додадете 50 до 100 грама шеќер. Повеќе шеќер се става ако јаболката е помалку слатка. 

Кога се ова ќе го приготвите покријте со стерилна газа и оставете на некое мирно место на температура околу 20 степени. Некои го ставаат на сонце, но ова не е неопходно.Доказ дека се сте направиле како што треба ќе биде неподносливо силниот мирис кој ќе се јави во првите 10 дена стоење. Затоа не се препорачува да се чува во стан, туку само во празна гаража или подрум. По два месеци стоење потребно е да го процедите и пресипете во друг сад и повторно да го оставите уште 6 месеци. Потоа повторно го цедите и конечно можете да го употребите.

Секако ова можеби ви изгледа како предолг временски период, но верувајте се исплати. Затоа пригответе доволна количина јаболков оцет за целата сезона додека не стаса наредната берба.

www.doktori.mk, 25.03.2014

Последна вест

Најчитани статии - исхрана