Подуеност во стомакот

магистер по биологија (биохемиско-физиолошка насока)

Подуеноста во стомакот претставува еден од почесто застапените здравствени проблеми во секојдневицата, кој е поврзан со неправилната исхрана, или со заразата од цревни паразити. Конзумирањето на брза храна која претежно се состои од: хамбургери, чизбургери, сендвичи од типот на хот-дог, разни грицки како чипс, смоки, флипс, газирана вода, разни газирани пијалоци како Кока Кола, Спрајт, Пепси  и други, чоколади, колачи, бонбони и други прехрамбени производи, неминовно доведуваат до пореметување во варењето на храната и создавање на плинови, односно гасови кои даваат еден изглед на подуен стомак или подуеност. Таквата појава обично се случува веднаш после конзумирањето на некој оброк.


Според водечките светски стручњаци, зголемувањето на стомакот, подуеноста и создавањето на гасови, можат да се контролираат, и тоа со мали промени во животните навики. Друга причина за појава на подуеност и гасови во стомакот е паразитска инфекција – односно зараза на човечкиот организам со некој од цревните паразити. Како да ги спречиме таквите несакани појави и пореметувања во варењето на храната кои доведуваат до здравствени проблеми? Постојат неколку начини да се избегнат овие состојби, кои вклучуваат:

  • Употреба на природни лекови против паразити и тоа: петнаесет дена по ред секое утро на гладен стомак да се изеде половина шоља живи семки од тиква (се продаваат во продавниците за здрава храна – на пр. од Виталиа или други фирми);

  •  Да се пие чај од рузмарин (една кафена лажичка од листови од рузмарин прелиени со 250 мл. зовриена вода и оставено половина час да го пуштат својот сок) и тоа еднаш дневно;

  • Да се пие чај од жалфија (една кафена лажичка суви листови од жалфија прелиени со 250 мл. зовриена вода оставени 15 минути да го пуштат својот сок) и тоа еднаш дневно за време од една недела, а потоа се паузира десет дена и повторно пак се пие чајот една недела;

  • Често да се конзумира лук во исхраната, бидејќи тој има бактерицидно и антивирусно својство;

  • Да се пие неразреден сок од брусница;

  • Да се внесува храна богата со растителни влакна, бидејќи храната која содржи помалку растителни влакна, го оптеретува дигестивниот систем и го зголемува ризикот од настанок на опстипација. Зголемете го внесот на свежо овошје и зеленчук за да му обезбедите доволно растителни влакна на вашиот дигестивен систем;

  • Јадете полека и бавно, бидејќи кога јадете брзо, на крајот изедувате повеќе и се чувствувате подуено со грќеви во желудникот. За да ја избегнете надуеноста, жвакајте и јадете полека;

  • Пијте чај од анасон (една кафена лажичка од семе од анасон прелиена со 250 мл. зовриена вода и оставено 15 минути да го пушти својот сок) половина час пред јадење секојдневно;

  • Избегнувајте ги газираните пијалоци, бидејќи тие можат да причинат запек, болки и грчеви во желудникот. Најубаво би било газираните пијалоци да ги замените со вода и природни овошни сокови.

Овие мали промени со сигурност ќе ја поправат состојбата со подуеноста и гасовите во стомакот, а воедно и ќе го прочистат вашиот дигестивен систем од цревни паразити, кои несвесно ги внесувате со конзумирање на недоволно термички обработена храна. 

>>>>>>> Дознајте повеќе за м-р Нетка Димоска

www.doktori.mk, 26.05.2014

Последна вест

Најчитани статии - медицина