Гастроскопија - прецизна слика за сите стомачни состојби

студент по медицина

Препорака на европската ендоскопска асоцијација е т.н превентивна гастроскопија, која се препорачува еднаш на 3-5 години, а некогаш и на пократки интервали во зависност од наодот по првиот преглед, од возраста и од позитивната семејна анамнеза.

Отежнато голтање, желудочни проблеми, честа подуеност и ждригавица се некои од состојбите при кои задолжително треба да се направи гастроскопија, односно ендоскопски преглед на желудникот и на дванаесетпрсното црево.Со овој вид преглед видливи се и најмалите промени на желудникот (промени со големина од 2 до 3 мм) Инструментот на врвот има ендокамера со која детално се гледа лигавицата на желудникот и на тенкото црево по што се поставува и дијагнозата. Прегледот во основа не е болен, но доколку се работи без анестезија е доста непријатен и релативно толерантен во зависност од самиот пациентот.

Висок процент на рана и точна дијагноза

Од аспект на дијагностичка точност гастроскопијата е метода која нуди најточна дијагноза а со новите технички опции на најновите ендоскопи процентот на рана и точна дијагноза е се повисок (над 95 отсто). Рано поставена дијагноза на болеста на желудникот и на дванаесетпрснотот црево е од огромно значење за исходот од применето лекување. Секоја болест која е доцна откриена и напредната во основа потешко се лекува независно дали станува збор за бенигно или малигно заболување.

Превентивен преглед на секои 3 до 5 години

 Болестите на желудникот знаат да дадат бурни клинички симптоми, но доста често можат да останат и клинички неми се до крајните фази. Од тие причини препорака на европската ендоскопска асоцијација е т.н превентивна гастроскопија која се препорачува еднаш на 3-5 години, а некогаш и на пократки интервали во зависност од наодот по првиот преглед, од возраста и од позитивната семејна анамнеза.

Се откриваат: Гастритис, полипи, желудочна кила

Биопсијата се зема рутински во текот на прегледот а апсолутно е безболна за пациентот.
Доколку сакаме да докажеме хеликобактер инфекција, присуство на жива бактерија во желудникот, биоптатот се прилепува на специјална плочка која по 20 минути дава позитивен или негативен резултат. Ако резултатот е позитивен бактеријата се лекува со тројна терапија. Ако се открие чир му се проценува големината, длабочината , изгледот, опасноста од прскање крвавење.При гастроскопскиот преглед најточно може да се откријат и други болести како што се полипи, желудочна кила, гастритис, ерозии на слузницата .

Рак на желудник во ран стадиум, може да се излекува

Едни од почестите болести на желудникот и на дванаесетпрсното црево се инфекцијата со хеликобактер пилори и чирот на желудникот. Идејата за бактериска инфекција како фактор за појава на улкусната болест е промовирана поткривање на бактеријата во желудникот пред околу 20 години . Инфекцијата со оваа бактерија во развиените земји достигнува процент од околу 50 отсто. Важно е да се знае дека оваа бактерија лачи ензими, токсин (уреаза) која пополека ја оштетува слузницата се до појава на чир. Но, некогаш поминуваат и по 10-20 години без некакви поголеми клинички тегоби. Во големите истражувачки студии на реномирани универзитети докажано е присуството на хеликобактер инфекцијата во над 80 отсто кај постојните чирови на желудник и кај дванаесетпрсното црево. Овој факт ни укажува дека бактеријата е несомнено една од водечките причини за појава на чир на желудник. Во појава на болеста улога игра и генетскиот фактор, односно семејната предиспозиција. Испитување на семејствата покажало дека роднини од прво колено имаат за два и пол пати зголемен ризик за појава на чир во однос на семејствата без случаи со чир на желудник. Со зголемен ризик се и луѓето со крвна група 0 и тоа за околу 38 отсто поголем од преостанатата популација. Ракот на желудник несомнено е една од биолошки најагресивните малигни болести. Во клиничката практика најчесто се сретнува во поодмината фаза каде што лекување е тешко. Но, важно е да се потенцира една посебна состојба – ран рак на желудник. Терминот не случајно е избран од јапонските автори и е даден аналогно на терминот рана туберкулоза, што значи дека ако болеста се дијагностицира во раната фаза може да се излекува. 

 

Дознајте повеќе за Елвис Ќаили

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 10.05.2014

Последна вест

Најчитани статии - медицина