Доктори.мк | Како успешно да се одржува љубовна врска на далечина? | Kako-uspesno-da-se-odrzuva-ljubovna-vrska-na-dalecina | Портал за медицина и здравје

Како успешно да се одржува љубовна врска на далечина?

доктор на медицина

Поголемиот дел од луѓето делат мислење дека врска на далечина е осудена на пропаст. Можеби и е, доколку тие веруваат во тоа. Сепак вистината е дека врска на далечина не само што може да функционира туку и има свои предности. Тоа што тој или таа нема да бидат веднаш до вас во секое време не значи дека љубов не може да постои.

Договор на самиот почеток

Ако е потребно да бидете одвоени подолг временски период, поради работа, отселување или најчесто поради студирање, потребно е да седнете и насамо да поразговарате околу деталите. Потребно е да го прашате вашиот партнер дали е спремен да продолжи со вас на далечина и со многу помалку гледање од досегашното? Дали навистина ве сака до таа мера што ќе ви остане верен, без разлика што нема постојано да сте му при рака? Дефинирајте кога и како би се гледале и какво однесување очекувате од него или тој од вас. Доколку тој или таа се попустливи, прифаќаат се само да останете заедно, тоа значи дека сте на добар пат да водите добра врска на далечина.

Користете ја технологијата редовно

Иако ниту една технологија не може да ја замени физичката блискост со партнерот, факт е дека таа може многу да ви помогне. Јавувајте му се редовно, не дефинирајте термин за јавување туку јавете му се тогаш кога ќе сакате да му го слушнете гласот. Доколку тој е на работа или на факултет повремено практикувајте да го изненадите со порака. Пораката нека биде кратка и едноставна не мора да биде полна со поезија, само два збора се доволни за да му го разубавите денот. Секако тука е и камерата и апликациите кои ви дозволуваат да се гледате во реално време, нешто што  дефинитивно треба често да го користите.

Како далечината може да биде предност?

Далечина како збор звучи сурово, но таа има огромни предности, ако се разгледа од друга перспектива. Доколку се гледате единствено за викенд тогаш цела недела ќе копнеете по викендот и кога конечно тој викенд ќе дојде ќе знаете да го искористите секој момент. Нама да имате време за банални расправии, туку ќе се потрудите да го искористите правилно она малку време кое ви преостанува до крајот на неделата. Доколку и после подолга разделба кога ќе се видите отворате теми за расправија, тогаш навистина треба повторно да размислите околу вашата врска, бидејќи тоа дефинитивно значи дека односите се "заладени"

Доверба на прво место

Пред било што од горе наведеното да функционира неопходно е да бидете сигурни дека партнерот има потполна доверба во вас, а и вие во него. Ако често ви се случува на телефон да се расправате или карате за тоа каде тој или таа била и зошто го направил/а тоа, тогаш дефинитивно нешто не функционира и потребно е повторно да размислите дали е во ред да продолжите заедно. Едноставно кажано во случајот  е потребна "слепа доверба". Не постои начин со сигурност да знаете што прави секој ден, ако длабоко во себе чувствувате дека не постојат шанси да ве изневери или се минимални, тогаш работата ќе функционира, меѓутоа доколку и покрај сите убедувања и ветувања во себе сепак чувствувате дека ќе ве изневери во првата пружена можност, тогаш подобро е воопшто и да не се осудувате да продолжите со ваков тип на врска.

 

дознајте повеќе за авторот - Кристина Денчовска

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 18.07.2014

Последна вест

Најчитани статии - животен стил