Синобронхијален синдром - причина за упорна кашлица во зимските месеци

студент по медицина

Поврзаноста на воспалението на горниот респираторен систем и долните дишни патишта е одамна позната и денеска се именува како синобронхијален синдром. Всушност овој синдром опфаќа едновремено присуство на воспалителен процес на слузницата на синусите и воспаление на долните дишни патишта како што е бронхитисот. Познато е дека најчесто се јавува во Јапонија, додека западните земји се релативно поштедени.


Вистинската причина за јавување на синобронхијалниот синдром е нејасна. Се смета дека воспалителниот процес започнува да се шири од слузницата на грлото и ждрелото и тоа нагоре кон синусите и надолу кон бронхиите. Најчесто заболуваат деца на возраст под 15 години, иако овој синдром се јавува и кај возрасни.Фактот дека најчесто се јавува кај децата под 15 годишна возраст каде имунолошкиот систем е во својата завршна фаза на созревање говори дека во основа на овој синдром е некој незрел облик на имунолошка реакција на слузницата на респираториниот систем поради што тој станува лесно ранлив за чести и повторувани вирусни и бактериски инфекции кои ги афектираат синусите и бронхиите. Овој синдром најчесто се јавува во есенските и зимските месеци и типично се манифестира со упорна и надразнителна кашлица и синузит.


Се смета дека во зимските месеци вирусите се најчестите причинители на воспалителниот процес на слузницата на горните и долни дишни патишта иако потоа може да се накалеми и бактериска инфекција.Сето ова предизвикува оток и задебелување на слузницата во синусите и дишните патишта што е основна причина за чувството на затнатост во носот поради што секретот кој се создава тешко може да се отстрани. Во синусите најчесто се создава серозен, бистар секрет или пак гнојав доколку има бактериска инфекција. По неговата елиминација од синусните шуплини тој доспева до долните дишни патишта и дополнително го отежнува дишењето, ја провоцира и продолжува кашлицата и го прави дишното стебло подложно на нови инфекции. Се смета дека овој синдром не е поврзан со пушењето.

Манифестациите на синобронхијалниот синдром (СБС) може да се разликуваат но генерално секогаш опфаќаат клиничка слика на еден хроничен синузит кој моментално е влошен и упорна и надразнителна кашлица како симптом на воспалението на долните дишни патишта. Типично се јавува во студентие месеци и има тенденција да се повторува како резултат на честа инвазија од вируси поради имунолошката незрелост или некомпетентност. Кашлицата е силна и надразнителна иако објективно не псотојат знаци на обструкција на дишните патишта. Кашлицата се јавува најчесто во вечерните часови по заспивањето, па пациентите се будат со силна надразнителна кашлица која може да се јави и во текот на утрото. Чувството на затнатост, секрецијата од носот, отежнатото дишење и болката, па и лицевиот оток во пределот на синусите се знаците на хроничниот синузит кој е влошен моментално. Понекогаш болните кои боледуваат од СБС може да имаат и друга болест на респираторниот систем како на пример астмата каде состојбата може да биде уште потешка, но сепак СБС треба да се разгледува како посебно заболување покрај основното, во овој случај астмата.


Дијагностицирањето на синдормот не е тешко имајќи ги во предвид сите карактеристики на болеста иако понекогаш може да се направат и микробиолошки испитувања, рентген на белите дробови и спирометрија со цел да не се превиди некое посериозно заболување. Третманот би требало да опфаќа употреба на антибиотици во временски период од 10-14 дена, муколитици кои ќе го разводнуваат секретот, локално капки за нос кои ќе имаат за цел да ја намалат секрецијата и воспалението и да го олеснат минувањето на воздухот.Поретко постои потреба од лекови кои ги шират бронхиите како аминофилинот или слабутамолот кои би се употребувале само во ситуации каде дишењето е сериозно отежнато. Иако порано многу од инфекциите во зимскиот период беа дијагностицирани како обична настинка или вироза денекса се повеќе се актуелизира состојбата со синобронхијалниот синдром особено доколку инфекциите се многу чести.СБС во раната детска возраст секогаш треба да се разгледува посериозно бидејќи понекогаш причина за негово јавување може да бидат низа на посериозни имунолошки абнормалности или некомпетентност на трепчестите клетки во респираторниот систем.

 

дознајте повеќе за авторот Филип Наумовски

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 24.10.2013

Последна вест

Најчитани статии - медицина