Доктори.мк | Трихинелоза | Trihineloza | Портал за медицина и здравје

Трихинелоза

дипломиран стручен лаборант по медицинска лабораториска дијагностика, специјализиран за санитарна хемија

Трихинелоза ( Trichinellosis ) претставува сериозно паразитарно заболување кое клинички се манифестира со зголемена температура, треска, изразени болки во мускулите, оток на лицето и типични лабораториски промени. Предизвикувач на оваа болест е Trichinella spiralis од групата нематоди. Паразитира на човекот и на многу домашни и диви животни.

Трихинелоза настанува со консумирање на сирово или недоволно термички обработено месо од животни (посебно свинско и преработки од свинско месо) во кои се наоѓаат инкапсулирани ларви. По консумирање на контаминирано месо, во тенкото црево ларвите се ослободуваат од капсулата и за кратко време стануваат полово зрели. Следува размножување и раѓање на живи ларви кои преку лимфните садови навлегуваат во крвта правејки паразитемија и се разнесуваат низ организмот. Најчесто се локализирани во мускулатурата на домаќинот ( скелетни мускули ) каде повторно се инкапсулираат. Подоцна инкапсулираните ларви угинуваат и калцифицираат.


Периодот на инкубација на трихинелозата изнесува 5 до 45 дена. Сериозноста на болеста зависи од количината за конзумираното месо и од концентрацијата на паразитите во истото. Болеста започнува со гадење, повраќање, дијареа, зголемена температура,треска (може да достигне 41 º C),едем на лицето и очните капаци, болки во мускулите, итн. Можна е појава на срцеви и невролошки компликации, а кај најтешките облици доаѓа и до афекција на срцевиот мускул.

За поставување на дијагноза особено важни се податоците за консумирање на недоволно термички обработено месо од животни дополнети со лабораториски испитувања. Во крвната слика доминира леукоцитоза со еозинофилија (може да достигне до 80% ), како и зголемени вредности на креатин , на трансаминазите итн. Фекален примерок има смисла да се истражува само во првите 48 часа по консумирањето на сомнителна храна . Висока дијагностичка вредност има биопсија на мускулното ткиво. Во терапија на ова заболување најчесто се користи мебендазол. Други медикаменти кои се препорачуваат се албендазол, тиабендазол, нотезин и комбантрин. За профилактички (превентивни) цели неопходен е засилен ветеринарен надзор за присуство на трихинели во месото и сувомеснатите производи како и избегнување на користење недоволно термички обработено месо од животни.

 

Повеќе за авторот >>>

-авторски текст, не смее да се користи зa комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 18.10.2013

Последна вест

Најчитани статии - медицина