Повреди на оралната слузокожа

доктор по стоматологија

Под влијание на различни фактори (механички, хемиски и термички) може да дојде до настанување на повреди на оралната слузокожа. Понекогаш доаѓа и до појава на инфекција после одредена промена, но и до брзо заздравување доколку навреме не се отстрани причинителот на оштетувањето.


Меѓу најчестите повреди на оралната слузокожа спаѓаат повредите предизвикани при употреба на четката за заби. Со неа може да се направат гребнатинки кои се многу болни при консумирање топла храна и напитоци или зачинета храна. Доколку ваквата повредена слузница повторно се повреди, можна е појава на пликови, а самите влакна на четката да предизвикаат нејзино расекување. Во случај на подлабоки оштетувања можна е појава на инфекција пропратена со болка. Повреда на оралната слузокожа може да предизвика и стоматологот при неправилно остранување на ватеролни (тампони од целулоза).


Забите кои не се во забниот низ, испливаните заби, остатоците од некој заб, мостови и лоши рабови на протези може да бидат причина за промена на слузокожата наречена декубитален улкус. Ваквата промена нема да е болна доколку нема појава на секундарна инфекција. Главно во терапијата е отстранување на иритирачките фактори и употреба на антибиотици и раствор за испирање на устата. Неправилно изработената тотална протеза може да предизвика црвенило и оток на слузницата врз која лежи. Тоа настанува поради променетата циркулација од притисокот на протезата. Најдобро е ваквата протеза да биде заменета со нова со што би се одбегнало појава на повреди на слузницата.


 Освен механичките повреди, на оралната слузница може да настанат и термички повреди предизвикани од консумирање многу жешка храна и напитоци. Ваквите повреди се најчесто локализирани на предниот дел (врвот) на јазикот како и на предниот дел на непцата. При потешки опекотини може да дојде до појава на меурче кое поминува за 5-7 дена. Изгореници може да настанат и од стоматолошки инструменти кои се употребуваат непосредно по нивната стерилизација. Нивната локализација најчесто е на аглите на усните. Хемиските оштетувања на оралната слузница најчесто настануваат при употреба на медикаментозна терапија и кај некои луѓе поради нивниот професионален ангажман.

 

 Д-р Кристина И. Стојаноска Алоска

-авторски текст , не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 16.10.2014

Последна вест

Најчитани статии - стоматологија