Доктори.мк | Ѕверови зад волан | Dzverovi-zad-volan | Портал за медицина и здравје

Ѕверови зад волан

специјалист уролог, Специјална болница "Св. Еразмо" - Охрид
професор по "Хирургија со нега" и "Полово образование" на Универзитетот "Св. Климент Охридски" - Битола

Пејат, се прозеваат, телефонираат, кубат веѓи, пцујат, свират, јадат, читаат пораки од телефон, се бакнуваат, се шминкаат, се караат... Што сè не прават луѓето во автомобилот, посебно додека чекаат на семафор. Можеби повеќе од облеката автомобилот зборува за човекот и за неговиот карактер. Тој е проширеното „јас“, патувачка куќа. Тој го открива статусот на возачот и го компензира, на пример, чувството на помала вредност! Бадијала не се зборува дека „малите“ луѓе возат „големи“ автомобили. Постојат и „домашни“ миленичиња кои сопственикот повеќе ги сака од себеси. Најдобар пример е проширениот став дека на технички преглед мора да се оди, ама не на систематски медицински...

Пцуење, лутење и агресија кон другите возачи се резултат на собраниот бес и фрустрација поради нерешени проблеми

Автомобилот е убава работа. Дава можности со него да одиме каде ќе посакаме „на некое убаво место“. Додека сме во него, како со некој проѕирен оклоп да сме заштитени. Во автобус или на улица тоа го нема, потешко се контролира оддалеченоста од другите луѓе. За време на возењето можеме да бидеме она што сме, без трошење на енергија за создавање на емоционална дистанца од непознати луѓе. Не мораме да ги избегнуваме погледите, а можеме да ги фокусираме другите без страв дека ќе сме откриени.

Физичката ограниченост на просторот во автомобилот го засилува чувството на контрола, што е битно за личното задоволство. Во тој простор, што го доживуваме како свој, со динамични движења на лицето ја изразуваме: тагата, радоста, изненадувањата, стравот, лутењето или гадењето зашто брзо ќе поминеме покрај другите кои не ни можат ништо. Гледајќи ги возачите на нашите улици, сите подеднакво свират, пцујат и се однесуваат како темпирани бомби. Агресивното возење е во пораст, дури и се толерира, иако го зголемува ризикот од несреќа. Не е работата само во непочитувањето на сообраќајните правила, туку и во нетрпеливоста меѓу возачите, во нестрпливоста... Сите знаат дека е подобро пет минути да се задоцни отколку да се заврши в болница.

Ѕвер зад волан

Зошто нормални, пристојни луѓе стануваат агресивни ѕверови зад воланот? Што е нормално однесување во сообраќајот? За некои тоа е, можеби пребрзо возење, впечатливо следење на други автомобили, блокирање на други возачи со невнимателно паркирање, возење со долги светла... Сето тоа предизвикува напнатост и иритира. Активното изразување на агресивност и лутење се изливи на бес, како уништување на имот или како насилие. Најчесто е проследено со неконтролирано викање, врескање или пцуење со непристојни гестови. Со гестови се нагласува она за што се зборува, се покажува со рака, се подигаат веѓите, се клима со глава... Во возењето често се користат таканаречени знаци: покажување на тупаница, покажување на одреден прст, за победа „V“... Така најлесно се изразува моќ, статус или доминација. Кај луѓето говорот е главно средство за комуникација, а пцуењето се создава кога не може адекватно да се изразиме. Се поврзува со агитација, со емоционално нарушување, со деменција, со ментална ретардација, со тикови, со конфликти.

Собрана лоша енергија

Без разлика на тоа кој пцуе или каква била провокацијата, пцуењето е дел од механизмот за преживување и начин за намалување на стресот. Така се искажува бес, се исфрла собраната внатрешна негативна енергија. Истовремено, пцуењето го возбудува и оној кој ја изговорува, и оној на кого му е наменета: кожата им се ежи, влакната на рацете се исправуваат, пулсот се забрзува, а дишењето станува плитко. По дефиниција пцуењето е тежок, лош израз со кој на другите симболично им ја одземаме честа и достоинството. Тоа доаѓа само, без контрола и без обработка, директно од потсвеста. Ретко се прилагодени кон оној кого го навредуваат, а најчесто се израз на неконтролиран бес. Без разлика на сè, обидете се да се совладате. Често луѓето се држата за принципот: „ќе те повредам пред ти да ме повредиш“ зашто се несигурни во себе и во својата способност. Сами се заштитуваат од директниот напад и од омаловажување. Така доаѓаме во позиција своите граници да ги браниме агресивно обвинувајќи ги другите и за ситници. Па што ако некој не тргнал во истиот момент кога се запалило зелено светло? Полесно го забележуваме загрозувањето на нашите граници, отколку кога тоа ние го правиме на другите. Промената настанува кога ќе се обидеме да ја прифатиме одговорноста за своите постапки.

 

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

повеќе за проф. д-р Миќуновиќ > > >

www.doktori.mk, 14.10.2014

Последна вест

Најчитани статии - животен стил