Воени повреди – класификација на воените повреди

доктор на медицина

Воената хирургија се разликува од хирургијата која се практикува при повреди во невоени улови. Воените повреди се секогаш екстремно контаминирани и експлозивните направи можат да предизвикаат масовни деструкции на меките ткива, коските и другите структури.

Принципите на воената хирургија се познати со декади наназад но потребно е да се дополнуваат од секоја генерација на хирурзи кои работат во такви услови. Целите на воената хирургија се да се спаси животот, да се зачуваат екстремитетите, да се избегнаат компликациите од инфекции, да се минимизираат последиците од траумата. Ефектите од воената хирургија зависат од типот на повредата, генералната состојба на пациентот, од дадената прва помош, времето потребно за транспорт во болница, квалитетот на третманот итн.


Сите овие фактори се земени во предвид кога станува збор за војската. Во некои земји организацијата е толку ефикасна што секој војник за време на војна може да смета дека ќе добие скоро ист третман каков што би добил и во услови на мир. Во земјите во развој, здравствениот систем кој и пред конфликтот бил слаб, во услови на војна може и воопшто да не функционира, без соодветно снабдување со вода и струја, недоволен медицински персонал, како и медицинска опрема. Но сепак и со базична технологија, воените повреди може да се третираат со добри резултати, ако лекарите и другиот персонал го имаат потребното знаење и мотивација. Првата помош дадена на самото место на повредата или во најблиското сигурно место, како и брзата евакуација се од витална важност, затоа што морталитетот и морбидитетот се правопропорционални со времето изминато од повредата до третманот.


За да биде успешен хирургот треба да сака да учи и да се адаптира на различните услови. Поголемиот дел од повредите се на екстремитетите и целта е тие да се третираат и да заздраваат што е можно побрзо без да се инфицираат. Третманот не е комплетен се додека пациентот не е рехабилитиран и потребна е висококвалитетна физиотерапија после операцијата. Исто така потребни се и ортопедски единици кои би обезбедиле протези и други соодветни средства за онеспособените како ортози, колички, помагала за движење итн.
Основни принципи за третирање на воени повреди:

  • комплетна ексцизија на рана

  • одложено примарно затворање на рана

  • антибиотици

  • антитетанусна вакцина и имуноглобулини

  • надворешна фиксација на коска

Раната и темелна ексцизија на раната ги намалува шансите за смрт од гасна гангрена или генерализирана инфекција, го редуцира бројот на операции кои подоцна би биле потребни за да се отстрани инфицираното или мртвото ткиво.

Класификација на повреди

Хирурзите кои третирааат воени повреди многу често не можат со точност да кажат каков вид на оружје ја предизвикало повредата. Затоа класификацијата од Црвениот Крст се базира на карактеристиките на самата рана а не на оружјето. На раните им е даден скор според големината на влезната и излезната рана на кожата, и според тоа дали има канал, фрактура, повреда на витални структури и дали има присуство на туѓи метални тела. Скорот на повредите е корисен клинички параметар со кој може да се пренесе сосотојбата за повредата на другите колеги и персоналот. Исто така се користи и да се процени квалитетот на медицинска нега кога се комбинира со информации за должината на престојот на пациентот во болница, бројот на изведени операции итн.

Повреда со фрагменти може да биде предизвикана од експлозивни направи, како бомби, гранати итн. Сериозноста на раната е детерминирана од растојанието меѓу експлозијата и ранетиот. Ударниот бран од експлозијата може да предизвика руптура на ушната мембрана, висцерата како и да предизвика хеморагија во белите дробови, без да има пенетрирачка рана. Мините се експлозивни направи, кои со нивниот дизајн, предизвикуваат трауматски ампутации на стапало, нога, често комбинирани со мултипли сериозни рани. Сите овие рани се контаминирани со земја, трева, парчиња од облека кои се вовлечени во самата рана од дејството на експлозијата.

 

Дознајте повеќе за д-р Дарко Стојановски

авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување

www.doktori.mk, 04.10.2013

Последна вест

Најчитани статии - медицина