Спермограм

извор: www.ringeraja.mk

 

Спермограмот, или анализата на семенската течност, е еден од првите чекори на постапка на лечење на неплодноста.

Бидејќи се работи за безболна и едноставна постапка, а резултатите се брзо достапни, денес спормограмот претставува рутунско испитување во процената за плодност на машкиот партнер.

Правилно земање на примерок од ејакулатот

За да биде што поверодостоен резултатот од семенската течност, нужно е да се придржувате до некои основни правила.

Една од клучните работи пред да дадете примерок од семенската течност е апстиненција од ејакулација која мора да изнесува минимално 2, а максимално 7 дена (во оптимални случаи таа бројка изнесува 4 дена). Имено, по апстиненција од 2 дена во примерокот може да се најдат помал број на сперматозоиди, додека по 7 дена се намалува и нивната подвижност.

Исто така, важно е да се земе комплетниот ејакулат, бидејќи првиот млаз содржи најголема концентрација на сперматозоиди. Примерокот најчесто се зема во лабораторија, а ејакулатот се дава во стерилна чаша. Исто така, ејакулатот може да се земе и дома, но треба да се однесе најдоцна за еден час во лабораторија и да се одржува температурата на примерокот иста.

Макроскопски преглед на ејакулатот

Пред да се започне со детална анализа, најпрво со голо око се одредува бојата на семенската течност. Нормален примерок е со бела боја, а промената на боја најчесто укажува на некои патолошки состојби. Така на пример, смеѓа или црвенкаста боја на ејакулатот укажува на тоа дека во него се наоѓаат црвени крвни зрнца, т.е. еритроцити и таа појава ја нарекуваме хематоспермија.

Вискозитетот се однесува на густината, односно на количината на слуз во примерокот, а се проценува спрема висечкиот конец кој на должина од 3 cm. се одржува најмногу 15 секунди. Се следи и времето на ликвефакција, односно времето кое е потребно за плазмата во ејакулатот да се претвори во течност под дејство на ензимите. За тој процес обично се потребни 20-30 минути, а непотполна и задоцнета ликвифакција може да упатува на некаков облик на инфекција. Бидејќи семенската течност е алкална, за да ги заштити сперматозоидите од киселата средина на материцата, границите на PH-вредност треба да се движат во границата од 7,2 до 7,8 %.

Од големо значење е податокот за волумен на ејакулатот. Според стандардите на Светската Здравствена Организација, тој може да се движи меѓу 1,5 и 10 милилитри, иако вообичаениот наод е меѓу 2 и 6 милилитри. Волуменот на ејакулатот го чинат сперматозоидите и секретот на половите жлезди. При мал волумен намалена е плодноста, бидејќи нема доволно течност која би ги насочила сперматозоидите кон вратот на материцата, додека преголем волумен упатува на варикокела или на предолга апстиненција.

Анализа на ејакулатот под микроскоп

При гледање на ејакулатот под микроскоп најпрво се одредува концентрацијата на сперматозоидите. Таа би требало да изнесува повеќе од 20 милиони сперматозоиди по еден милилитар семенска течност, иако и ниската концентрација (под претпоставка на добра подвижност) може да доведе до оплодување. Интересно е што просечната концентрација на сперматозоиди се повеќе опаѓа кај машката популација, што може да се припише на загадената околина, животниот стил, како и многу други неразјаснети фактори.

Еден од клучните наоди на спермограмот е процентот на подвижни сперматозоиди во ејакулатот. Стотиците изброени сперматозоиди се делат на три основни категории: неподвижни, подвижни и прогресивно подвижни сперматозоиди. Повеќе од 70% подвижни и 50% прогресивно подвижни сперматозоиди претставуваат потполно уреден наод. Треба да се напомени дека во ејакулатот може да се најдат и други клетки, освен сперматозоиди, како што се бели крвни зрнца (воглавно поврзани со некаква инфекција) клетки од уринарниот тракт и клетки на сперматогенезата (од кои настануваат сперматозоиди). При низок процент за подвижност на сперматозоидите повеќе информации се добиваат од тестот на виталност со метод на боење со еозин и негрозин. Еозинот навлегува во мртвите клетки и ги бои во црвено, додека живите остануваат необоени. Така можат да се раздвојат неподвижните (но живи) сперматозоиди, од мртвите.

Анализата на морфологијата на сперматозоидите во размазот обоен по Папаниколау е уште еден важен елемент во добивањето на конечна слика. Најмалку 60% од сперматозоидите треба да бидат со нормален облик и структура. Абнормалностите можат да ја зафатат главата (облик, големина, појава на двојна глава), вратот (задебелување, искривеност) и нешто поретко опашката (двојна, скршена). Во секој нормален наод на спермограм ќе се најде одреден процент на сперматозоиди со абнормален облик (тој број може да изнесува до 40%), но ако тој процент е голем, доаѓа до потешкотии при оплодувањето.

Пореметувања во спермограмот

Постојат неколку различни дијагнози на кои е поставен темелот на отстапувања на одредени вредности од нормален спермограм. Олигоспермија означува намален број на сперматозоиди во милилитар семенска течност (под 20 милиони).

Астенозооспермија е дијагноза за намален процент на подвижни сперматозоиди под граница од 50%, додека олигоастенозооспермија означува комбинација од намален број на сперматозоиди и нивната намалена подвижност. Тератозооспермија е состојба во која помалку од 15% на сперматозоидите се со нормален облик, а некрозооспермија претставува изостанок на живи сперматозоиди во ејакулатот. Азооспермија е потполно отсуство на живи сперматозоиди во ејакулатот.

Заклучок

При наод на спермограмот кој не е во согласност со нормалните вредности, има потреба од понатамошни испитувања. Еден од првите чекори е култивација на ејакулатот на аеробни и анаеробни бактерии, за да се исклучи можноста за инфекции. Со преглед кај уролог може да се утврди постоење на некакво пореметување кое довело до отстапување од референтните вредности (како веќе споменатата варикокела) и зависно од индициите може да се спроведат и специфични испитувања (хормонален профил, тумур маркери, доказ за антиспермални антитела). Со напредокот на медицината и развојот на бројните техники на вонтелесно оплодување денес е можно оплодување со еден единствен сперматозоид.

Секогаш треба да се има на ум дека спермограмот не е идеален тест. Имено и мажите со лош наод можат да станат татковци, додека во ретки случаи и кога сите наоди се добри, едноставно не доаѓа до бременост. Заради тоа, клучот е во меѓусебната соработка на партнерите со стручњаците од разни специјалности за да се открие вистинскиот причинител на неплодноста.

 

 

 

www.doktori.mk, 04.09.2013

Последна вест

Најчитани статии - медицина