Микроорганизмите и ракот

студент по медицина

Малигните заболувања се премногу честа причина за смртност во светски рамки. Бројот на новозаболени од малигни болести вртоглаво расте, а со тоа расте и смртноста. Кога се соочуваме со фактот дека некоја личност боледува од малигном тогаш често си го поставуваме прашањето: која е причината за појавата на малигниот тумор.



 Причините за јавување на малигномите се честопати нејасни и не можеме да посочиме само еден единствен фактор како тригер за настанување на малигната болест. Најверојатно малигните болести настануваат како резултат на дејство на различни фактори од надворешната средина во интеракција со генетската предиспозиција одредена особа да заболи од некоја малигна болест. Но и покрај нејасната етиологија на ракот постојат извесен број на микроорганизми кои може да се сметаат за директни причинители за малигната трансформација на ткивото и појавата на малигна болест.

Теорија на хронична иритација

Микроорганизмите често се поврзуваат со теоријата на хронична иритација според која повторуваните или долготрајни напади на ткивата од страна на различни микроорганизми може да доведе до појава на малигна алтерација и трансформација на ткивото.Постојаните и повторувани воспаленија се одлична подлога за епителното ткиво во знак на одбрана од причинителот да ги промени своите морфолошки карактеристики со цел да го заштити организмот од нападот на микроорганизмите, но овој процес некогаш оди толку далеку што клeтките ја губат својата контрола врз клеточната делба и започнуваат неконтролирано да се делат притоа создавајќи тумор со малигни карактеристики.

 Кои микроорганзими се поврзани со настанувањето на малигните болести?

Денеска постојат сигурни деокази дека извесен број на микроорганизми на различни начини може да доведат до малигна алтерација на ткивото и да доведат до појава на малиген тумор.Некои од нив тоа свое таканаречено онкогено дејство го остваруваат на специфични локализации така што различни микроорганзими се поврзани со различни малигни болести.
Со сигурност можеме да говориме за онкогениот потенцијал на вирусот на хепатит Б и Ц, ХИВ, Ebstein-Barr-овиот вирус, HPV, Helicobacter pilory и Shistosoma hematobium.

Вирусот на хепатит Б и Ц и хепатоцелуларниот карцином

Овие два вируса иако припаѓаат на две различни фамилии на вируси сепак имаат својство да го напаѓаат црнодробното ткиво предизвикувајќи најчесто хроничен хепатит.Хроничниот хепатит понекогаш може да биде толку тивок што нема да има никакви манифестации, па пациентот воопшто и незнае дека е болен.По некогаш оштетувањето на црниот дроб е посилно па болеста има побурен тек.Црниот дроб се обидува да го возобнови веќе загубеното и оштетеното ткиво кое вирусот и воспалителните клетки го уништиле.Но вирусите на мудар начин навлегуваат во клетките и својата нуклеинска киселина ја интегрираат во геномот на црнодробните клетки така што човекот засекогаш останува носител на вирусот кој во секое врeме може да се активира и да предизвика нов бран на оштетување на црнодорбното ткиво кое штотуку се регенерирало.На тој начин постојат многукратни наврати на оштета и регенерација кои водат кон појава на црнодробна цироза меѓутоа и сериозни промени во гените што резултираат со губење на контолата врз клеточната длба и настанување на црнодорбен карцином.

ХИВ и малигните болести 

ХИВ има многу специфично дејство врз популацијата на лимфоцитите така што ги напаѓа ЦД4+ Т лимфоцитите навлегувајќи во нив при што нуклеинската киселина на вирусот се вклопува во геномот на лимфоцитот кој засекогаш останува заразен. Ова води до прогресивен пад на на бројот на Т лимфоцити кои играат многу важна улога во организацијата на имунолошкиот одровор и имунолошката контрола. Оттука кога имунолошкиот систем ке биде срушен многу лесно може да настанат извесни малигни заболувања како резултат на отсуството на имунолошката контрола и надзор врз клеточната делба што е дел од секојдневните функции на имунолошкиот систем.ХИВ заболените во најдоцните стадиуми на болеста развиваат тешки малигни заболувања од типот на Капошиевиот сарком на кожата што има многу специфичен изглед но истовремено и лоша прогноза. Кога ќе биде отсутна имунорегулацијата на клеточната делба и кога лимфоцитите нема да може да ги разликуваат малигните од сопствените здрави клетки вратата на малигномот кон негова експанзија му е ширум отворена.

Еbstein-Barr вирус и појава на Burkitt-ov лимфом

EBV претставува вирус кој ја предизвикува фамозната болест на бакнежот односно мононуклеозата.Постојат докази дека огормен дел од светската популација биле во контакт со вирусот иако не сите прележале мононуклеоза или пак барем тоа била некоја абортивна форма, но тоа апсолутно не значи дека сите ќе заболат од лимфом. Овој вирус слично како и останатите херпес вируси останува засекогаш скриен во лимфоцитите во лимфните јазли и најверојатно никогаш повеќе нема да биде активиран освен ако секундарно биде загрозен имунолошкиот систем. Мирувањето на вирусот во извонредно ретки случаеви може да доведе до активација на одредени гени и деактивација на други што би било доволен тригер да се откочи малигната трансформација и неконтролираната делба.Буркитовиот лимфом се карактеризира со многу специфични хромзомски абнормалности кои најверојатно се предивикани од ЕBV.

Хуман Папилома Вирус и неговиот онкоген потенцијал

ХПВ претставува вирус кој го има во огромен број на серотипови со различен онкоген потенцијал.Овој вирус го напаѓа епителот на грлото на матката иако може да ја нападне и кожата, епителот на грлото и респираторниот исистем итн.Во зависност од неговиот онкоген потенцијал тој има својство да предизвикува бенигни формации на кожата и слзниците познати како папиломи со сиво-розово-бела боја кои се од бенигна природа.  Серотиповите 16 и 18 имаат најсилен онкоген потенцијал и се вбројуваат во високоризични серотиови кои многу веројатно е да предизвикаат малигна трансформација на епителот на грлото на матката или поретко во усната празнина однсоно грлото.Овие вируси својот онкоген потенцијал го изразуваат на тој начин што дел од нивниот геном познат како Е6 и Е7 компоненти предизвикуваат неконтролиран раст и делба на клетките на епителот на грлото на матката.Кога контролата на растот на еднаш ќе биде загубена тогаш најпрво настанува хиперплазија а потоа и дисплазија на епителот за да на крај се формира малигно ткиво.Овој вирус е директен предивикувач на карциномот на грлото на матката, карцином на глото, карцином на аналната слузница итн.

Helicobacter pylori и хронична иритација на желудочната слузница

H. pylori претставува бактеријакоја е причинител на хроничниот гастрит и на желудечниот улкус.Таа со совето присуство го нарушува балансот помеѓу создавањето на заштитната слуз на желудечната слузница и секрецијата на желудочна кислеина.Сето тоа е во корист на создавање на вишок на желудочна кислеина додека слабо заштитената слузница попушта и настанува улкусна болест на желудочната слузница.Хроничната иритација од присутниот инфективен агенс води до постојана регрутација на лимфоцити и активирање на Б и Т лимфоцити што се смета за основна причина за појава на желудечен лимфом кој има релативно лоша прогноза.Исто така не е исклучено после долгогоришно боледување од улкусна болест да настане малигна алтерација на местото каде се рабовите на улкусот меѓутоа тоа не едирекно поврзано со бактеријата туку со хроничната долгогодишна иритација од повеќе фактори.

Shistosoma hematobium и карцином на мочниот меур

Овој микроорганизам нема инванзивно дејство туку се развива во мочниот меур и тука опстојува предизвикувајќи постојано воспаление на слузницата на мочниот меур поради неговото присуство што води до реакција од страна на епителот кој по извесен временски период во согласност со теоријата на ириација може малигно да се промени и да доведе до појава на карцином на мочниот меур. Хроничниот цистит предизвикан од шистозомата е главен ризик фактор за настанување на карциномот на мочниот меур.


Теоријата на хроничната иритација е само една од теориите кои можеби до некаде го објаснуваат настанувањето на малигните болести, но тоа апсолутно незначи дека сите малигни болести се причинети од некои микроорганизми.Погоре беа споменати само оние за кои денеска со сигурност можеме да говориме дека директно или индиректно се инволвирани во настанувањето на ракот.Хроничните воспалителни процеси од различна природа секогаш претставуваат ризик фактор за настанување на малигна болест, така на пример хроничното воспаление на жолчното ќесе предизвикано од присуството на камен во жолчното ќесе води кон промени во епителот кои можат да еволуираат во ткиво со малигни карактеристики.Она што е значајно е дека сите овие причинители може да се отстранат со соодветна терапија или да се превенира инфекција со истите што е значајно бидејќи на тој начин би се намалил бројот на новонастанати карциноми и соодветно смртта предизвикана од малигните болести.

 

дознајте повеќе за авторот Филип Наумовски

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

 

 

 

 

 

 

 

www.doktori.mk, 28.08.2013

Последна вест

Најчитани статии - медицина