Б витамини

доктор на медицина

Денес ви ги претставуваме одделно сите витамини припадници на групата Б. Корисно и интересно. Прочитајте.

Витамин Б1 - ТИАМИН

Витаминот Б1 спаѓа во групата на хидросолубилни витамини, се излачува преку вода, и потребно е секојдневно да се обновува.

Препорачана дневна доза за возрасни е 1,0 мг до 1,5 мг.

Поради неговото дејство врз нервниот систем, психичкиот статус и стресни ситуации, витаминот Б1 се нарекува витамин на моралот.Покрај ова дејство, витаминот Б1 се употребува во лечењето на херпес зостер и за ублажување на забоболки. При недостаток на овој витамин се јавува болеста бери-бери.

Најдобри извори на Б витаминот се: Пивскиот квасец, оризова арпа, цералии, интегрална пченица, 'ржено брашно, кикирики, месо, млеко и млечни приозводи.

Витаминот Б1 најдобро делува во комбинација со останатите Б витамини и пантотенска киселина. Витаминот Б1 лесно се уништува при готвење и при земање на алкохол.

Витамин Б2 - РИБОФЛАВИН

Витаминот Б2 спаѓа во групата на хидросолубилни витамини, лесно се отстранува од организмот, и како и останатите витамини потребно е да се внесува со храната.

Дневни потреби за возрасен човек се 1,2 мг до 1,7мг. За време на бременост и доење и земање таблети за контрацепција, потребно е да се земаат поголеми количини на витамин Б2.

Витаминот Б2 помага при растот и плодноста, при зачувувањето на здрава кожа и коски, зараснувањето на раните во устата и јазикот, подобрување на видот.
При недостаток на витаминот Б2 се јавува болеста арибофлавиноза со појава на ранички на устата, усните, јазикот, на кожата и гениталиите.

Најдобар извор на Б2 витамин е: пивски квасец, млеко и млечни производи, риба и јајце.

Витаминот Б2 е осетлив на светлина и алкохол. Најдобро делува во комбинација со другите Б витамини и витамин Ц.

Витамин Б6 - ПИРИДОКСИН

Витаминот Б6 спаѓа во групата на хидросолубилни витамини, се излачува од организмот како и останатите Б витамини, и мора редовно да се зема со храна и пијалоци.

Неопходен е да се зема во организмот во случај на диети, при алергии, и е потребен во процесот на созревање на еритроцитите. Покрај ова витаминот Б6 учествува во создавањето на мастите и протеините, поволно делува на нервниот систем, го успорува стареењето на организмот, ги намалува грчевите на мускулите во нозете и вкочанетоста на вратот. Како и останатите Б витамини има улога на диуретик.

Најдобро делува кога се зема со останатите витамини од Б групата, витамин Ц и пантотенска киселина. При недостаток на витаминот Б6, доаѓа до слабокрвност, воспаление на кожата и јазикот и останатите слузокожи.

Се препорачува во дози од 1,6мг до 2,0мг за возрасни особи, а за време на бременост и лактација и до 2,2мг.

Најдобри извори на витаминот Б6 се претходно наведените артикли од групата на витаминот Б, со напомена дека во млекото и млечните производи го има во мали количини.
Високата температура, алкохолот и смрзнатото овошје делуваат неповолно на витаминот Б6, и ја смалуваат неговата концентрација во организмот.

Кај болните од артритис, се препорачува редовно земање на Б6 витаминот.

Витамин Б12 - КОБАЛАМИН

Витаминот Б12 спаѓа во групата на хидросолубилни витамини, поволно делува и во мали дози. Познат е како црвен витамин или цијано кобалмин. За неговата абсорбција во организмот, потребно е да се комбинира со калциум и останатите витамини од Б групата.

Витаминот Б12 е одговорен за регенерација на еритроцитите, и се користи во терапијата на анемијата, го зголемува апетитот кај децата, позитивно делува врз нервниот систем, коцентрацијата, помнењето и рамнотежата, и ја намалува раздразливоста на организмот.
При недостиг на витаминот Б 12 се јавува анемија и разни неуролошки заболувања.

Најдобри извори на витаминот Б12 се: Црниот дроб, говедско и свинско месо, млеко и млечни производи.
На витаминот Б12 неповолно делуваат: киселини, алкалии, сончева светлост, алкохол.

Се препорачува за возрасни доза од 2,0 мкг, а кај трудници и доилки и до 2,6 мкг. Поволно делува во комбинација со останатите витамини од Б групата, витамин Ц и фолна киселина.

Луѓето кои во исхраната користат повеќе зеленчук, а избегнуваат косумирање на месо и месни производи, имаат потреба од зголемени количини од витаминот Б12. Старите лица кај кои апсорпцијата на витаминот Б12 е бавна, имаат зголемена потреба од него.

 

Дознајте повеќе за д-р Дарко Стојановски

авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување

www.doktori.mk, 26.08.2015

Последна вест

Најчитани статии - фармација