Доктори.мк | Внимавајте со кого пиете | Vnimavajte-so-kogo-piete | Портал за медицина и здравје

Внимавајте со кого пиете

специјалист уролог, Специјална болница "Св. Еразмо" - Охрид
професор по "Хирургија со нега" и "Полово образование" на Универзитетот "Св. Климент Охридски" - Битола

За жал, силувачот е, најчесто, пријател, познаник или интимен партнер на девојката, кој дискретно и тура во пијалакот таканаречена date rape drugs (дрога за силување) и сексуално ја искористува.

Сè почесто децата стануваат лесен плен на разни сексуални манијаци. Прецизни податоци нема, жртвите немо молчат, понекогаш не се ниту свесни што им се случило. Повеќето го избираат вечниот молк отколку „потегнување“ по доктори и по судови.

Кои се тие дроги?

Кај нас најчести дроги се: рохипнол. флунитразепам, гамахидроксибутричната киселина (GHB) и кетамин. Многу тешко се откриваат бидејќи се без вкус, без мирис и без боја. Сите траги од дрогата исчезнуваат од телото по 72 часа од земањето и не можат да се најдат со вообичаените токсиколошки тестови или со испитувањето на крвта. Докторите и полицијата мораат да ги бараат токму тие супстанци, а анализите мораат да бидат многу брзи.

Како дејствуваат?

Овие дроги дејствуваат така што особата ја губи моќта на расудување и ја намалува моторната способност. Поточно, жртвата станува лесен плен на силувачот зашто не може да даде отпор и во таква психичка состојба е што не се ни обидува на тоа. Посебно се опасни, ако се земат во комбинација со алкохол. Тогаш доаѓа до губење на помнењето што е олеснувачка околност за силувачот. Дрогите почнуваат да дејствуваат по 30 минути од конзумирањето, а кулминираат во рок од два часа. Во случај на предозирање можна е и смрт!


Многу е тешко да се препознаат зашто растопени во пијалак, како најчесто се злоупотребуваат, немаат мирис, ниту вкус и боја. Додека рохипнолот (постара верзија на дрога за силување) доаѓа во форма на бели таблетки што лесно се топат во пијалак, GHB е во форма на течност или во прав и не е можно да се открие во пијалакот. Дејствува така што ги намалува социјалните кочници, па особата што е под влијание на дрогата почнува сексуално слободно да се однесува. Ако се конзумира во мали количини, дејството им е слично како и на алкохолот. Во поголема количина предизвикуваат вртоглавица, мачнина, повраќање, слабост, вкоченост на мускулатурата, конфузија, вознемиреност, успорено дишење, несвестица, па дури и кома. Поради начинот на кој дејстуваат, земени во помала количина, овие дроги во жаргон се нарекуваат и „дроги на љубовта“. Всушност, тоа најмногу му одговара на силувачот зашто, честопати, имаат сведоци дека жртвата се согласила или се однесувала како предизвикувач на сексуален однос со силувачот.


Во општа употреба GHB е средство против депресија и е анаболичен стероид. Тој се користи кај бодибилдери и кај атлетичарите, а го користат и како дополнителна исхрана за горење на масните наслаги. Во Америка е забранет од 1990 година, но илегално се произвведува во тајни лаборатории, додека во Европа уште се користи како средство за општа анестезија. GHB предизвикува: опуштеност, мачнина, вртоглавица, губење на памнењето, епилептични напади, тешкотии во дишењето, потење, повраќање, ја забавува работата на срцето, состојба слична на сон, до кома, па и до смрт. Ова средство е многу силно. Во комбинација со алкохол можат да бидат доволни и неколку капки за да се јави поспаност со губење на помнење. Течноста е без боја и без мирис, но понекогаш може да се препознае по малу солениот вкус. Покрај името „течна екстаза“, или сапун, оваа дрога некои ја викаат „женска вијагра“ и „лесен крес“.

Како да се заштитите?

Ако жртвата е опкружена со пријатели или со непознати особи, кога ќе ñ се слоши, силувачот може да ја искористи состојбата под изговор дека ќе ја однесе на свеж воздух и ќе ја спроведе монструозната намера. Затоа, секогаш носете ја својата чаша со себе. Не прифаќајте пијалак од особата која не ја познавате или во која не верувате. Ако, пак, прифатите, земете само она што доаѓа во затворено шише или во лименка, а потоа сами отворете ја. Останете со пријателите со кои дојдовте и со нив вратете се дома. Ако се посомневате дека некому во пијалакот му е ставена дрога, веднаш викнете брза помош и, по можност, сочувајте го пијалакот што го пиела таа особа за подоцна, со анализа, да се открие дрогата. Чувството дека повеќе сте се опијанеле отколку што е тоа вообичаено после еден или по два пијалака може да биде знак дека станува збор за нешто лошо. Тоа значи да излезете од кафулето. Потоа замолете го пријателот на кого му верувате да остане до вас и да ви помогне. Повикајте полиција и веднаш побарајте медицинска помош. В болница барајте да ви земат примерок од урина што е можно порано за да може да се утврди за кое сретство се работи.

Што ако се посомневате дека сте силувани?

Ако се сомневате дека сте силувани, веднаш отидете во најблиската болница. Иако понекогаш и на самата жртва ñ е тешко да сфати дали била силувана, треба да се обрати внимание дали постојат телесни повреди, болка или модринки во гениталната или во аналната регија, модринки на бедрата, на зглобовите или на подлактицата. Пред да тргнете в болница, не смеете да се туширате, да ги миете забите, да го миете лицето ниту, пак, да мокрите. Обврзно информирајте ја полицијата за своите сомненија. Силувањето е злочин. Вие не сте виновни за тоа што ви се случило!

Внимание!

Многу е битно да се јавите кај докторот во првите 72 часа од конзумирањето на дрогата зашто, после тоа време, нејзините траги исчезнуваат од телото.

 

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

повеќе за проф. д-р Миќуновиќ > > >

www.doktori.mk, 14.04.2014

Последна вест

Најчитани статии - животен стил