Се што треба да знаете за доењето

доктор на медицина

Како што објавивме од 1-ви до 7-ми август се одбележува Светската недела на доењето. Поради ова  решив да дадам придонес во едукација на мајките во врска со некои важни работи за доењето кои секоја идна мајка треба да ги прочита, знае и примени. Доењето е многу важно за новороденото, никако не треба да се избегнува, а доколку не е неопходно тоа не треба да се заменува со никаков друг тип на млеко. 

За почеток важно е да се знае дека во првите шест месеци единствена храна за бебето треба да биде мајчиното млеко, ништо друго не треба да се додава, ниту вода, ниту било какви други напитоци. Ниту во периодот на летните темпаретури бебето во првите шест месеци не треба да внесува вода, мајката треба редовно да пие вода кога ќе се почувствува жедна тоа во овој период е доволно, освен ова тие додаваат дека во овој период исто така не се препорачува да ја користите "лажливата" цуцла.

Важно е да се нагласи дека мајчиното млеко е најздраво за бебето, тоа има совршен состав кој се состои од идеални состојки потребни бебето да расте и се развива правилно. Направени се многу обиди за создавање на заменско млеко, ниту еден не е доволно успешен - велат научниците. Без разлика што можете да наидете на разни заменски млека за кои се тврди дека се многу слични со мајчиното на тоа не треба и не смее да се верува, бидејќи сеуште не е произведено ништо слично за кое може да се каже дека е доволно безбедно и здраво за да го замени мајчиното млеко. Исто така мораме да нагласиме дека во почетоците на доењето во првите денови се лачи специјален тип на млеко т.н. колострум. Тоа е густо млеко, многу богато со протеини и антитела кои ќе го заштитат новороденчето и ќе го припремат за живот, ниту едно заменско млеко не може да има ваков состав без разлика на рекламите кои ги прават.

Во 2-3 недела млекото започнува да добива мешан карактер, се работи за млеко кое е многу по ретко од колострумот. Ова не треба да ги збуни мајките, ова млеко се прилагодува на возраста на новороденчето, содржи се што му е потребно за тој период од живот. Млекото изгледа воденесто, но нема потреба од паника, велат педијатрите.  Важно е да се напомене дека во овој период мајките често се откажуваат од доењето бидејќи во периодот кога се лачи преодното млеко, лактацијата не е целосно воспоставена па имаме некој вид на прекини. Ова не е причина за паника и не треба да помислувате дека немате доволно млеко за вашето бебе.

По пораѓањето детето треба да цица секогаш кога тоа ќе посака, мајката и детето за време на престојот во породилиштето треба да бидат заедно исто како и кога ќе бидат пуштени дома. Според истражувањата чувството "кожа на кожа" при првиот допир на детето со дојката е многу важен за натамошното одвивање на доењето. Важно е да се внимава во првите доења бидејќи тие се пресудни за тоа како детето ќе се навикне и како ќе се одвива лактацијата на мајката.

Доењето е природен процес, но не и инстинктивен, па мора да нагласиме дека доењето се учи, и мајките мора да го научат процесот односно техниките на доење. За ова тие мора без срам да се консултираат со своите мајки или други роднини кои веќе го поминале овој процес, бидејќи кога еднаш се совладаат техниките потоа нема да има проблеми и во периодот кога ќе имате второ дете. Важмо е да имате сериозен пристап кон доењето, да го сфатите тоа како незаменлив процес и да не се откажувате. Мора да се знае дека што повеќе детето се дои тоа е подобро за неговото здравје, но последните истражувања покажале дека тоа е добро и за мајката, ги регулира хормоните, работата на срцето како и крвниот притисок.

Иако доењето е незаменливо постојат случаи кога тоа е невозможно. Многу често поради медицински или психички причини мајката едноставно не е во можност да го дои своето бебе, во такот случај околината не треба да ја притиска мајката и не треба да и нанесува грижа на совест, туку треба да и помогне заедно со постојано советување со медицински лица, како најздраво да го одбере другиот начин на прехрана на бебето.

Дознајте повеќе за авторот Д-р Роберт Николовски

 

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

 
www.doktori.mk, 05.08.2016

Последна вест

Најчитани статии - медицина