Доктори.мк | Хипертензија, дијабет, никотин, стрес, високи масти, дебелина – што се случува кога магичниот круг се затвора? | hipertenzija-nikotin-dijabet-sres-visoki-masti-debelina-sto-se-slucuva-koga-magicniot-krug-se-zatvora | Портал за медицина и здравје

Хипертензија, дијабет, никотин, стрес, високи масти, дебелина – што се случува кога магичниот круг се затвора?

студент по медицина

Честопати луѓето се соочуваат со повеќето од нив, а некои се соочуваат со сите одеднаш при што после извесен период станува очигледно дека тенка е линијата на отпорот која би можела да ги издржи сите нив заедно, а притоа да не страда човековиот организам.

Изминативе години хипертензијата го добива епитетот „тивок убиец“ додека дијабетот станува една од најсериозните метаболни заболувања кои имаат тендеција на пораст на бројот на новозаболени и оние кои умираат од неговите компликации. Дотолку повеќе дебелината и високите нивоа на мастите во крвта се резултат на брзиот начин на живот и исхрана, стресот, намлената физичка активност, а никотинизмот е најчестата форма на зависност која општеството не ја идентифицира како болест. Честопати луѓето се соочуваат со повеќето од нив, а некои се соочуваат со сите одеднаш при што после извесен период станува очигледно дека тенка е линијата на отпорот која би можела да ги издржи сите нив заедно, а притоа да не страда човековиот организам.

Дијабетот претставува заболување кое подразбира метаболна абнормалност која клинички се изразува како зголемена концентрација на глукозата во крвта иако постои абнормалност и во метаболизмот на мастите и протеините.Дебелината е често еден од ризик факторите за развој на дијабет, особено морбидната дебелина кај децата, но исто така претставува и последица на дијабетот бидејќи кај дијабетичарите недостасува инсулин или пак организмот е неосетлив на инсулинот кој го создава панкреасот.Токму поради тоа доаѓа до акумулација на масно ткиво кое типично е дистрибуирано во регијата на стомакот или таканаречена централна обезност (дебелина), но исто така е зголемена и липолизата односно разградбата на сложените масти и ослободување на триглицериди и олестерол во крвта.Ова вообичаено ги надминува границите на дозволеното количество на масти во крвта што од друга страна го зголемува ризикот за јавување на атеросклеротични процеси на артериите.Од друга страна дијабетот сам по себе претставува заболување кое по извесен временски период пројавува ефекти на забрзана и прерана артериосклероза на големите и малите крвни садови.Често пати се зафатени аортата, срцевите крвни садови, каротидните артерии или пак некои од периферните артерии.

Хипертензијата чија вистинска причина не е позната е релативно честа во популацијата на дијабетичари од проста причина што кај дијабетичарите доаѓа до оштетување на ситните крвни садови во бубрегот што води до лоша контрола на балансот на течности и стимулира лачење на хормон ренин кој каскадно активирајќи други протеини предизвикува вазоконстрикција односно стеснување на крвните садови што директно го зголемува крвниот притисок.Високиот крвен притисок пак ќе претставува значаен физички стресот врз крвните садови, додека никотинот од цигарите ќе биде најсилниот хемиски стресор кој заедно со хипертензијата предизвикува делетриозни ефекти врз структурата на крвните садови и снабдувањето на ткивата со крв.Никотинот има вазоконстрикторен ефект односно го стимулира стегањето на крвните садови со што го отежнува протокот на крвта низ крвните садови, а истовремено го зголемува и крвниот притисок.Внатрешноста на крвниот сад трпи сериозна повреда при што се зголемува ризикот за наталожување на холестеролски наслаги што го потенцира процесот на создавање на артериосклеротични промени на крвниот сад.



 Стресот пак претставува психолошки феномен кој подразбира биолошка реакција на стресогениот фактор пратена со надразнување на хипоталамусот и ослободување на огромно количество на стрес ормони и тоа адренокортикотропен хормон, кортизол, адреналин и норадреналин. Овие хормони му помагаат на организмот да се справи со моменталниот стресор, но доколку постои долготрајна изложеност на стрес која е пратена со постојано ослободување на овие хормони постои висок ризик за заболвање од хипертензија или дијабет.Тоа се објаснува со фактот дека адреналинот и норадреналинот имаат вазоконстрикторен ефект на крвните садови и ја забрзуваат срцевата активност со што сериозно расте и крвниот притисок.Кортизолот пак претставува хормон кој преку низа на метаболни процеси ја зголемува концентрацијата на глукозата во крвта и истовремено води кон задршка на течности.Сето ова претставува фина основа за развој на дијабет и хипертензија.


 Додека високите масти во крвта претставуваат сериозен ризик фактор за развој на атеросклеротични промени на крвните садови тие ја менуваат и реологијата на крвта правејќи ја повискозна и потешко да минува низ малите крвни садови, дебелината преставува сериозен ризик фактор за развој на кардиоваскуларни заболувања од проста причина што со зголемување на телесната маса периферните ткива имаат потреба од поголемо количество на крв богата со кислород и хранливи материи па оттука срцето ќе се труди да ги задоволи тие потреби активирајќи соодветни компензаторни механизми.Впрочем потребите за поголемо количество на крв ќе се задоволат на тој начин што срцето ќе треба да уфрли поголемо количество на крв во системот на артерии. Тоа ќе биде постигнато тој начин што ќе ја зголеми својата фреквенција однсоно ќе се јави тахикардија и ќе дојде до поголемо растегнување на срцевите мсукулни клетки со цел во срцевите шуплини да собере повеќе крв што на долги стази води до појава на дилатација или проширување на срцевиот мускул кое ќе се манифестира како сериозна срцева слабост. Прераната појава на артериосклеротични промени, високиот крвен притисок и хикотинот се фатална комбинација за витално важните артерии особено оние кои го снабдуваат со крв срцевиот мускул и оние кои го хранат мозокот така што тие се директни ризик фактори за појава на срцев удар односно миокарден инфаркт и на мозочен удар.

Дијабетот ја потенцира артериосклерозата, дебелината го оптоварува срцето и е пратена со високи масти во кврта кои дефинитивно го поддржуваат процесот на артериосклерозата што пак го отежнува нормалниот проток на крвта која течејќи турбулентно прави дополнителен стрес врз крвните садови, но истовремено ја зголемува склоноста кон формирање на тромби.Веќе формираната аретиосклеротична плака трпи физички стрес од турбулентниот ток на крвта и од зголемениот крвен притисок кој пак на долги стази ги трауматизира крвните садови предизвикувајќи трајни промени во нивната структура пратени со задебелување на ѕидот и губење на нивниот еластицитет што е уште една причина плус да бидат помалку отпорни од физичкиот стрес што го трпат од турбулентниот ток на крвта.


Од сето погоре наведено би требало да ни стане јасно дека секој од поединелсните ризик фактори кои беа споменати сам по себе, но и здружен со другите доведува до сериозна траума на кардиоваскуларниот систем па очигледно дека најмногу трпат крвните садови ширум целото тело од најголемиот-аортата, па се до најситните капилари во органите.Сите овие заедно се надополнуваат и на интересен начин го затвораат магичниот круг кои неминовно води до васкуларни инциденти односно до јавување на миокарден инфаркт, мозочен удар или пак тромбозирање на некоја од периферните артерии на екстремитетите што може да резултира со загуба на екстремитетот.Надополнувајќи се еден со друг неколкукратно го зголемуваат ризикот за настанување на миокарден или мозочен инфаркт како најсериозни последици на дијабетот и хипертензијата.Тие често може да резултираат со смрт или пак со тешки последици и инвалидитети по преживување на истите.Кога еднаш ќе се појават дијабетот и хипертензијата заедно како манифестна болест повеќе ништо нема да биде исто бидејќи се смета дека кога хипертензијата станала манифестна ќрвните садови веќе одамна трпат физички стрес и морфолошки се променуваат како одговор на хипертезијата што ги прави помалку флексибилни и еластични за да може крвта нормално да протекува низ ткивата.Хипертензијата пак е одлична подлога дијабетот да си го покаже правото лице и да се манифестира со своите најсериозни форми на компликации кои неретко водат кон смрт додека дебелината, никотинизмо, стресот и високите масти во крвта се важни алки во синџирот на кои можеме превентивно да делуваме и да ги модифицираме, како би го намалиле ризикот од васкуларни акциденти.



Веќе е јасно дека сите фактори кои беа споменувани делуваат на цел организам, но клучниот момент е тоа што крвните садови претставуваат таргетот врз кој се остваруваат негативните ефекти на овој circulus vitsiosus (магичен круг) кој кога еднаш ќе се затвори неминовно води до сериозни последици по здравјето со тоа што единствена променлива величина е времето за кое последиците се јавуваат.Она што можеме да го направиме за себе и останатите е да ги елиминираме цигарите, да ги намалиме мастите, да се зголеми физичката активност и да се промени начинот на исхрана, да се избегнува стресот и конечсно да се регулираат дијабетот и хипертезијата доколку постојат како самостојни заболувања.

 

 

дознајте повеќе за авторот Филип Наумовски

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 31.07.2014

Последна вест

Најчитани статии - животен стил