Развиток на слушно-говорната комуникација кај децата

дипломиран логопед

За навремена дијагноза, рехабилитација мора да се познаваат нарушувањата на развитокот на рецептивниот ( слушање ) и експресивниот ( говор и глас) аспект на јазикот. За навремената детекција треба да се знаат одредени карактеристики кои слушно – оштетените деца ги имаат и според кои се разликуваат од другите деца. Кај децата слушното оштетување тешко се открива, посебно тие кои се поблаги, додека за жал оние потешките многу јасно се манифестираат.

Како сите деца така и малите слушно оштетени деца емоционално реагираат на се она што се случува околу нив , а тие емоционални реакции се многу бурни. Како што кажале Д-р. Перута Ивановиќ и Д-р. Љубомир Савиќ „ Здраво дете е живо дете, болно дете е мирно дете „ .. Доколку почнат да се манифестираат некои симптоми, најпрво што ќе се забележи е промената во емоционалното реагирање. Децата кои имаат недостаток на слух ќе имаат одредени отстапувања во развивањето на некои физиолошки способности кои родителите треба да ги забележат и да помогнат во нивното развивање, но родителите не секогаш го забележуваат тоа отстапување. Некои од нив забележуваат дека нивното дете има проблеми со слухот дури откако нивното дете нема да го развие говорот за одреден период на животот. 

Човечкиот ембрион веќе во 26 – тата недела има аудитивна способност за детекција на ритмичните звуци кои се пренесуваат на матката, а тоа се забележува преку промени на електрокардиограмот и положбата на плодот. Заедницата на неуролошки нормални човечки суштества спонтано го развиваат говорниот јазик. Иако започнува рано, критичкиот фонемички период при крајот на првата година на животот, при оштетување на слухот може да биде многу редуциран или укинат. Јазикот кој детето го учи до втората година на животот ( мајчин јазик ) представува усвоен модел на говор. Говорот представува посебен кодекс на знаци и симболи кои служат за комуникација на човекот. Говорот како психичка функција опфаќа зборови и реченици и служи како поддршка на нашето мислење. За навремена детекција треба да се знае развојот на говор кај деца.



Неродените деца примаат звуци од надворешноста и во мајчината утроба. Уште од 26 недела од ембриогенезата плодот слуша. Потполно созревање на слушните патишта и нивното целосно созревање се одвива дури по самото раѓањето, а под услови на стимулирање и исправно примање на звучни импулси се развива органот за слух. Првите 36 месеци од животот се сметаат како најважни во развито¬кот на говорот и јазикот. Најраната ( на 6 месеци ) и најлесната слушна вештина е локализација на изворот на звукот. Новороденчињата ја вртат главата или погледот при звучна дразба, а ова е еден од основните рефлекси. Веќе на 5- 6 месеци овој рефлекс може да се испита и со тивка дразба, од позади или на страна така што ќе се прови дали се врти на соодветната страна. Доколку детето касни со ваквите реакции повеќе од 2 - 3 месеци може, но и не мора да значи дека има одредено оштетување на слухот или на каснење во развојот на говорот.

  • 9 месеци – покажува разбирање за едноставни зборови како: мама, тато, не.

  • 10 месеци – гугањето на детето би требало да „ наликува „ на говор се еднакви слогови кои се поврзани меѓу себе. Во овој период се појавуваат првите зборови кои имаа одредено значење за детето.

  • 1 година – еден или повеќе правилно изговорени зборови.„ Ништо во нашиот живот не е толку важно како она што се случува со нас во текот на првата година, а исто така ништо не е толку важно акко стекувањето на говорот„ .

  • 18 месеци – разбира едностави фрази и ги дава познатите предмети кои се побарани од него и покажува одредени делови од телото. Вокабуларот во овој период треба да опфаќа 20 до 50 изговорени зборови, како и изговорени фрази ( оди надвор, дај на мама не можам ).

  • 24 месеци – вокабуларот – фондот на зборови е повеќе од 50% до 75% ( околу 150 збора ) и треба да се појави употреба на едноставна реченица од два збора. Говорот е разбирлив и за возрасните кои не се членови на семејството.

  • 3 – 5 години - говорот во овој период детето би требало да го употребува за да ги изрази своите желби, емоции, да поставува и да одговара на прашања. Предшколките деца би требало да разбираат се што ќе им биде кажано. Речникот би требало да има 1000 до 2000 зборови кои би се поврзувале во сложени реченици, користи предлози, одржува концентрација, го разбира значењето на зборовите.

Индикации за оштетен слух

Некои од индикациите за оштетен слух можат да вклучат:

  •  ако новороденчето не го определува правецот на звукот или не покажува никаков позитивен знак, свесност, реакција кон звучната дразба до 5-6 месечна возраст.

  •  кога гугањето престанува (најчесто околу 18 месечна возраст), а наместо тоа нема специфични разбирливи зборови;

  •  новороденчето не го кажува првиот збор до 18 месеци; гугањето преста¬ну¬ва и нема замена и обид за говор;

  •  кога течниот говор престанува и не се развива;

  •  до 6 години детето не составува реченица ни од два збора.

  •  Слушање на радио и телевизија многу гласно ( погласно од другите деца )

  •  Седење премногу блиску до телевизорот кога тој е прегласно пуштен за другите во просторијата

  •  Постојано барање да му се повтори она што му е кажано

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

www.doktori.mk, 29.07.2014

Последна вест

Најчитани статии - медицина