Доктори.мк | Твоето тело и ниедно друго | tvoeto-telo-i-niedno-drugo | Портал за медицина и здравје

Твоето тело и ниедно друго

специјалист уролог, Специјална болница "Св. Еразмо" - Охрид
професор по "Хирургија со нега" и "Полово образование" на Универзитетот "Св. Климент Охридски" - Битола

Набљудувајќи го во движење нејзиното тело, единствено што слушав беше внатрешниот глас што императивно бараше секс...  Со тоа тело и со ниедно друго!

Има две димензии на телесна привлечност. За тоа најчесто, не сме свесни. Првата е онаа личната во која очите, ушите и носот водат кон посакуваната. Секој од нас е егоцентричен проценител на сексуалната привлечност, чиј избор за другите, честопати, е потполна загатка.

Втората димензија е културната, скрииена е во заднината на нашиот избор. Тоа што го препознаваме како сексипилно не е последица од некоја мистична, романтична внатрешна сила што нè турка во прегратките на особата што ни е „судена“, туку културните норми. Станува збор за тоа дека и пред да влеземе во пубертет учиме да го сакаме она што општеството го дефинира како сексуално пожелно. Урнекот и културниот модел на сексуалната привлечност така стануваат наша лична фиксија. Ако погледнеме во минатото, не е тешко да се препознае таа зависност од лични и културни стандарди. 

Црно-белите фотографии, снимени меѓу 1968 и 1970 година, прикажуваат музичари од хипи-движењата во групи со пријателки и пријатели. Сите се млади, со долги коси, насмеани и опуштени во заедничка голотија. Телата им се, повеќе или помалку, складни и привлечни, онакви како што ги формирала природата. За разлика од денешните тела, овие тела на фотографиите не биле лишени од влакната.

Како денеска би изгледала слична фотографија на некоја поп-икона исполнета со позирање, со совршено избричено тело, со силиконски вградувања и со минијатурни бикини? Многу е изменето во  нашите сфаќања за сексуалната привлечност на телата. Порното-шик е станат закон.

Жените што доминирале во мојата фантазија  кога имав 15-16 години изгледале како отворени девојки, слободни и разиграни, неоптоварени со тоа како би требало да изгледаат. Како учесници на сексуалната револуција им било доволно да се различни од нивните мајки, да можат да бидат сексуални битија кои сакаат да го испробаат сето она што им го запишала природата во нивните тела. Отфрлувањето на општествените норми, на мајчината смешна фризура, нејзините неубави шилести градници значело слобода. Девојките од мојата фантазија беа слободни да сакаат и да бидат сакани.

Како беа наивни тие детски фантазии лишени од импулсивните посакувања и притаената сексуална деструкција? (Сексот не е секогаш убав, ниту пак пристоен, ниту внимателен.)

Денеска привлечното тело стана смртно сериозна работа.  Тоа бара тешка работа, одрекувања и значајни финансиски вложувања. Денеска сексуалноста е опсесија до таа мерка што американските родители спремно ја поддржуваат ќерката во настојувањето по хируршки пат да ги зголеми градите за да би воспоставила поздрав однос кон себе и кон другите. Како е дојдено до таквата состојба?

Дел од одговорот е во брзата технолошка иновација што (привидно) ја брише границата меѓу природното и вештачкото. Што е воопшто уште „природно“? Технологијата, од естетската хирургија до таблетките за ерекција, дава илиузија дека сè може да се контролира, вклучувајќи го и сопственото тело, желбата и сексот. Но, тие што се обиделе знаат дека контролата го убива, и желбата и сексот. Ранливоста и голотијата се цена што мора да се плати за препуштање на уживањето – цена што денес, во времето на непостоење на интимност, е многу поголема од порано.

Можеби, денешните тела, така внимателно дизајнирани, избричени и спакувани во тесна облека, се само заштита од разочарување. Обид да се навлече оклоп, што воедно е и совршена сексуална машина, како би ја избегнале ранливата сексуална отвореност. Се чини како никој да не ни рекол дека со бришењето на ранливоста ја отстрануваме и можноста за вистинско уживање.

-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување-

повеќе за проф. д-р Миќуновиќ > > >

www.doktori.mk, 25.07.2014

Последна вест

Најчитани статии - животен стил