Калциум – најраспространетиот минерал во човековиот организам

доктор на медицина

Калциумот има главна улога во развојот и одржувањето на нормалната функција на коските и забите и значајна улога во работата на мускулите, нервите, срцето и коагулацијата на крвта.

Како најраспространет минерал во телото на човекот, калциумот има главна улога во развојот и одржувањето на нормалната функција на коските и забите. Калциумот ја овозможува контракцијата на сите мускули, вклучувајќи ја и функцијата на најбитниот мускул во телото на човекот - срцето. Калциумот е неопходен и за нормална коагулација на крвта, пренесување на нервните импулси како и одржување на сврзното ткиво. Овој минерал е многу важен суплемент во исхраната, посебно за време на оформувањето на коските и тоа во период на растот и развојот на децата, како и за време на бременоста и доењето. Калциумот е ефективно оружје кај постарата популација во борбата против остепорозата. Остеопорозата, состојба која во слободен превод би значела “порозни коски“, ги напаѓа коските кога се најранливи. Како што старее телото коските губат повеќе калциум и од витално значење е во режимот на исхрана да се додаде калциум, се со цел да се подобри растот на коските и да се превенира или намали процесот на губење на коскената маса.



Употреба

Одржување на нормалните функции во телото на човекот се базирани на присуството на калциум и затоа се многубројни причините поради кои овој минерал треба да се додаде како суплемент во режимот на исхрана. Калциумот е корисен за сите возрасти, но клиничките истражувања покажуваат дека повеќе им е потребен на жените отколку на мажите. Истражувањата покажуваат дека бремените жени кои не внесуваат доволно калциум во организмот, можат со дневен внес од 1.300 мг да ја подобрат минералната структура на коските кај фетусот за максимум 15 % во вториот и третиот триместар од бременоста. Кај жените кои внесуваат доволно количество на калциум, дополнителното внесување на калциум нема да го даде горенаведениот ефект. Дополнителните истражувања покажуваат дека дефицитот на калциум доведува до прееклампсиа за време на бременоста, предизвикувајќи висок крвен притисок, отоци, зголемување на телесната маса за 0,5 кг. дневно. Ризикот од прееклампсиа е намален за 45-75% кај жени кои калциумот го примаат како суплемент во режимот на исхраната.


 Симптомите на предменструалниот синдром (PMS) можат да се редуцираат со користење на суплементи на калциум во режимот на исхрана. Истражувачите на Националниот Институт за ментално здравје (NIMH) дошле до заклучок дека жените со конзумација на 1.200 мг калциум дневно ги редуцираат симптомите на PMS за 50%. При едно истражување се докажало дека користењето на суплементи од калциум во режимот на исхрана доведува до намалување на психолошките ПМС симптоми, како што е промена на расположението и тоа до 45%, се редуцира и зголемената потреба од храна до 54%, надуеноста и задржувањето на течности до 36%. Одредени клинички студии укажуваат на фактот дека зголемувањето на дневната количина на калциум кај жените го намалува ризикот од срцев удар. Жените во Здравствената студија на медицински сестри 1999, кои земале 400 мг. калциум дневно биле најнизок ризик фактор за добивање на срцев удар, а тие што земале повеќе од 600 мг. дневно калциум немале покачен ризик за добивање срцев уда. Но неодамнешните клинички студии изразија сомневања во истражувањата од 1999 г. Во 2008 истражувачите на Окланд Универзитетот во Нов Зеланд изјавија дека додатокот на суплементи на калцииум во режимот на исхрана всушност го зголемуваат ризикот од срцев удар кај жените во периодот после менопауза. За постарите жени кои се наоѓаат во постменопауза, превенцијата од остеопороза веќе станува критична. Голем број истражувања докажале дека ниската доза на хормонска супституциона терапија (HRT), комбинирана со додавање на суплементи од калциум и витамин Д е ефектна терапевтска опција за превенција од остеопороза.


 Сам по себе, калциумот се препишува во комбинација со естроген, во почетокот на менопаузата при третман или превенција на остеопороза. Оваа терапија се препорачува за заштита од зголеменото губење на калциум во коските кај луѓето во поодминати години. Со губитокот на калциум коските стануваат покршливи и порозни а со тоа и поранливи на остеопороза. Ова е најчеста состојба кај луѓе над 70 год., кај жени после менопауза со што се зголемува ризикот од скршеници на колковите, ребрата, карлицата како и слабеење на останатите коски. Зголемувањето на физичката активност е важен фактор во зајакнувањето на коскената маса. Иако, внесувањето на суплемените од калциум во секојдневниот режим на исхрана кај жените од западниот свет (земји) доведува до намалување на ризикот од остепороза, потребно е да се направат повеќе истражувања за да се утврди зошто кај жените од источните земји е помал процентот на појава на остеопороза и покрај нискиот внес на калциум. Постои доказ дека остепорозата како и кардиоваскуларните заболувања се примарен проблем во западниот свет. Исто така, важен доказ е и тоа што режимот на исхрана со енормна колчина на овошје и зеленчук помага при превенција на скршеници (фрактури). Ова укажува и на фактот дека нивото на калциум во режимот на исхраната не е единствениот нутритивен фактор инволвиран во превенцијата од остеопороза.


 Калциумот е многу поволен минерал за дебелото црево. Истражувањата укажуваат дека кај луѓето кои земаат суплементи од калциум намалена е повторната појава на полипи на дебелото црево. Полипите на дебело црево се бенигни формации кои имаат тенденција да малигнизираат. Истражувачите веруваат дека калциумот се сврзува со малигните клетки и со тоа го спречува нивниот брз и енормен раст. Активната улога на калциумот во изградбата на коскеното ткиво, може да потврди дека калциумот е особено важен при зајакнувањето на виличните коски. Истражувачите укажуваат дека суплементите од калциум може ја превенираат појавата на парадонтопатијата. Пародонтопатијата или болеста на гингивите (непцата) е тип на инфекција предизвикана од бактерии кои се наталожуваат во просторот помеѓу забите и непцата и воедно е главниот причинител за рано губење на забите во САД. Со самата прогресија на инфекцијата, доаѓа до уништување на виличната коска која ги фиксира забите на соодветните места, а со самото тоа доаѓа до отпаѓање на забите. Истражувачите веруваат и дека улогата на калциумот во изградбата на коскеното ткиво резултира со формирање на појаки вилични коски со што се зајакнува борбата против болеста на непцата (гингивит). Суплементите од калциум можат да се најдат во повеќе форми.


Калциумот е есенцијален минерал кај рахитичните деца. Рахитисот кај децата се манифестира со редуцирано оформување на `рскавицата и ново оформените коски во телото, создавајќи коскени аномалии и деформитети. Се смета дека ова е резултат на недоволен внес на витаминот Д преку секојдневниот режим на исхрана како и на недоволно изложување на сонце. Истражувањата покажуваат дека внесувањето на суплементи од калциум дава одлични резултати кај рахитичните деца. Иако рахитисот е многу ретка болест во развиените земји, сепак тој останува како проблем во останатите делови од светот. Истражувачите дошле до заклучок дека внесувањето на суплементи од калциум посебно или во комбинација со витамин Д дава извонредни резултати во третманот на рахитис. При остеомалацијата или рахитис кај возрасни , суплементите од калциум исто така даваат извонредни резултати. Во САД се верува дека жените не се единствен ризик фактор кај кои постои намален внес од калциум. Децата и тинејџерите се исто така ризик фактор согласно извештаите од истражувањата на Националните Здравствени Институти. Истражувачите дошле до заклучок дека само 13,5 % од девојчињата и 36,3 % од момчињата на возраст од 12-19 год. во САД ја конзумираат соодветната доза на калциум дневно, со што се директен ризик фактор за добивање на остеопороза и други заболувања на коските во повозрасните години. Во истражувањето како главен проблем се наведува зголемениот внес на газирани пијалоци паралелно со намаленото внесување на млеко во секојдневниот режим на исхрана.



Сумплементи

Калциумот може да се додаде во исхраната на повеќе начини. Голем број на продукти се богати со калциум и тоа: млеко, јогурт, сирење,потоа мешункасти зеленчуци : репка,брокули. Конзервирана риба (саломон), сардини, шкампи и тофу се исто богати со калциум. Голем број на продукти се дополнуваат со калциум за да се олесни сооветниот дневен внес на овој минерал. Ваков тип на продукти се на пример сокот од брусница (или коктел во комбинација со други овошја), житарици, вафли, па се до сокот од портокал и брашно. За да се зголеми дневниот внес на калциум кај популацијата, истражувачите препорачуваат во поголема мера да се збогатуваат продуктите со калциум при нивната фабричка изработка. И покрај тоа што има енормен број на продукти кои содржат во себе калциум, сепак кај поголемиот број од популацијата не се внесува доволно количество од овој минерал. За тие што не внесуваат доволно калциум во секојдневната исхрана, суплеменетите од калциум се одлично решение. Хемиските форми на калциум се следните: карбонат, цитрат, лактат, фосфат, хелат и цитрат малат. Суплементите се достапни во вид на таблети, сируп или суспензии. Суплементите од калциум треба да се чуваат на собна температура, подалеку од влага и сончева светлина. Не треба да се чуваат во бањите, а течните форми не треба да се замрзнати. Експертите тврдат дека калциумот најдобро се абсорбира во вид на цитрат малат или калциум преку одредени видови на сокови, но сепак се препорачува и во вид на калциум карбонат за застапување на соодветната доза. Калциум карбонатот го има во антицидите и подобро се абсорбира кога се зема со оброк. Зголемената количина на витамин Д и хидрохлорна киселина во стомакот, како и присуството на минерали од типот на магнезиум и фосфор, се пресудни за негова брза апсорпција. Калциумот уште подобро се апсорбира кога се зема со состојки екстрахирани од корен на цикорија. Едно истражување укажува дека екстрактите од коренот од цикорија како што се Raftilin inulin и Raftilose oligofructose, се хранливи влакна кои не се варат во стомакот или цревата. Тие се ферментираат со помош на бифидобактеријата во дебелото црево, што доведува до зголемена апсорпција на калциумот во телото, посебно во коскеното ткиво. Дополнително, олигофруктозата ја подобрува текстурата и вкусот и се додава и во нискокалоричните овошни јогурти за подобрување на вкусот со овошни екстракти.



Има многу начини во секојдневната исхрана преку кои се внесува калциумот, но најважно е да се внесува препорачливата дневна доза и тоа за возрасни е 800 мг, за бремени жени и помлади лица - 1.200 мг, лица над 50 годишна возраст 1.000 мг дневно и тоа калциум во комбинација со витамин Д. Суплементите од калциум е препорачливо да се земаат со многу вода, за време на оброк или после оброк. Таблетите за џвакање треба добро да се изџвакаат пред да се голтнат а шумливите таблети треба да се растворат во ладна вода или сок пред да се конзумираат. Експертите советуваат дека останатите лекарства треба да се примат 2 часа пред да се земат суплементите од калциум. За најдобра апсорпција на калциумот, најдобро е да се земат максимум 500 мг одеднаш.

Предупредувања

При користење на суплементи од калциум во секојдневниот режим на исхрана, лекарите препорачуваат тие да се земаат 1-2 часа после конзумација на трици, житарици и грисини. Треба да се избегнува и внесување на големи количества на алкохол, продукти кои содржат кофеин и тутун. Поголеми количества на калциум, фосфати, магнезиум и витамин Д се земаат исклучиво по препорака на лекар. Тие што имаат проблеми со дијареа, стомачни заболувања, паратироидната жлезда, камен во бубрегот треба да се консултираат со лекар пред да почнат со земање на суплементи од калциум.

Несакани ефекти

Вообичаено, калциумот покажува добро ниво на толеранција кај тие што го внесуваат во вид на суплементи, но доколку овој минерал се зема во големи количини може да се јават некои несакани ефекти како на пример: мачнини (повраќања), вртоглавици, губење на апетит, опстипација, болки во стомакот, жед, сува уста, зголемено мокрење и малаксаност. Иако овие несакани ефекти се поретки, може да дојде и до појава на тахикардија или аритмија. Доколку се појават овие опасни симптоми, веднаш треба да се прекине со земањето на калциум и да се ординира соодветна терапија. Предозирањето со суплементи од калциум може да предизвика конфузност, тахикардија, депресија, болки во коските и кома.

Интеракции

Консултирајте се со вашиот лекар доколку сте на претходна терапија со било кој медикамент, без разлика дали е со рецепт или без рецепт. 

 

Дознајте повеќе за д-р Дарко Стојановски

авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување

www.doktori.mk, 23.07.2013

Последна вест

Најчитани статии - медицина