Дали козјото млеко е поздраво од кравјото?

извор: www.ringeraja.mk

Многу луѓе се' повеќе ги користат производите од козјо млеко како “поздрава” алтернатива од кравјото. Но дали навистина е така?

И кравјото и козјото млеко содржат слично ниво на калциум и други минерали и витамини. Меѓутоа, кога станува збор за витаминот Б12, кој е важен за формирање на црвените крвни зрнца, кравјото млеко е незаменливо.

Една чаша кравјо млеко содржи 2/3 од препорачаната дневна доза. Тоа значи дека би морале да пиете 9 пати повеќе козјо млеко, за да го постигнете ефектот, кој би го постигнале со кравјо млеко.

Сепак, козјото млеко има повеќе железо отколку кравјото, а тоа го покажала една студија спроведена во Универзитетот во Гранада во Шпанија. Студијата исто така покажува дека козјото млеко содржи повисоко ниво на цинк и селен, кои ја поттикнуваат работата на имунолошкиот систем.

Некои љубители на млечните производи тврдат дека луѓето кои се алергични на кравјо млеко, можат да користат козјо, но тоа не е точно, бидејќи протеинот кој ја предизвикува алергијата се наоѓа во сите видови на млеко.

Истото важи и за интолеранција на лактоза. Козјото млеко има нешто помалку калории – 60 во споредба со 67 колку што има кравјото млеко.

Сепак, некои тврдат дека пиејќи козјо млеко може да ослабите, бидејќи спречува подуеност на стомакот. Точно е дека маснотијата  во козјото млеко полесно се разградува во човечкиот организам, но не е познато дaли навистина го намалува производството на гасови.

Во последните години откриено е дека козјото млеко има значајна количина на олигосахариди, состојки кои се однесуваат како пробиотици и кои го зголемуваат растот на здравата цревна флора, а се борат и против инфекции.

Треба да се има во предвид дека козјото млеко не е препорачливо за бебиња и мали деца, бидејќи протеините во него се премногу концентрирани за да можат да ги варат малите деца. Исто така, козјото млеко ретко кога може да се најде пастеризирано, што го зголемува ризикот од бактериски инфекции, дијареа и други болести.

Ако го земеме во предвид фактот дека козјото млеко е многу поскапо од кравјото, можеби постојат доволно аргументи за да не се откажувате од традиционалните млечни производи.

www.doktori.mk, 23.07.2013

Последна вест

Најчитани статии - исхрана